Свет
Канада ја замрзнува продажбата и купувањето оружје
Канада објави закон кој подразбира „национално замрзнување“ на продажбата и купувањето пиштоли и револвери, како дел од пакетот за контрола на оружјето во оваа земја.
Новиот канадски закон доаѓа само една недела откако вооружен напаѓач уби 19 деца и двајца учители во нивната училница во американската сојузна држава Тексас.
Премиерот Џастин Трудо им рече на новинарите дека се потребни нови регулативи во моменти кога насилството се зголемува.
„Доволно е само да погледнеме јужно од нашата граница, да знаеме дека ако не преземеме акција силно и брзо, ќе биде сè полошо и полошо и ќе ни биде потешко да се спротивставиме“, нагласи Трудо.
Најавеното „замрзнување“ на набавката на оружје вклучува исклучоци, кои ги вклучуваат спортските стрелци, олимписките спортисти и членовите на обезбедувањето, а на Канаѓаните кои веќе поседуваат пиштоли ќе им биде дозволено да го задржат.
Властите не очекуваат зголемена понуда на оружје во пресрет на „замрзнувањето“, делумно затоа што тоа е веќе строго регулирано, изјави владин претставник на прес-конференција.
Канада има построг закон за оружје од САД, а стапката на убиства со огнено оружје е помала од една петтина од онаа на САД, но таа е повисока отколку во другите богати земји и расте, така што во 2020 година беше пет пати поголема отколку во Австралија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Лекот за третман на рак веќе почна да се користи во болниците во Русија
Рускиот лек „Ракурс 223Ра“ за третман на рак веќе се појави во болниците, објави денес Руската федерална медицинска и биолошка агенција.
Како што е наведено, лекот веќе е регистриран и одобрен за употреба во клиничката онкологија, а првата серија е доставена до медицинските установи, пренесува РИА Новости.
Лекот е развиен во Димитровград и е базиран на радионуклидот радиум-223, кој првенствено се користи за контрола на коскените метастази.
Се вели дека неговото зрачење влијае на метастазите со намалување на болката кај пациентите, пренесува Танјуг.
Свет
(Видео) Најмалку 28 загинати откако кран се урна врз воз во Тајланд
Најмалку 28 лица загинаа, а 64 се повредени откако градежен кран се урна врз воз во движење во североисточен Тајланд. Во возот имало околу 195 патници во моментот на несреќата, која се случила околу 9 часот наутро по локално време во среда, јавува Би-би-си.
Кранот го исфрлил возот од шините и здробил неколку вагони, од кои еден се запалил. Спасувачите успеале да ги евакуираат патниците, а повредените биле однесени во регионалните болници. Меѓу 64-те повредени има едногодишно дете и 85-годишен маж, а осум се во сериозна состојба.
Владата нареди истрага за инцидентот, најновиот во низата смртоносни несреќи што се припишуваат на безбедносни пропусти. Тајландскиот премиер Анутин Чарнвиракул повика „некој да биде казнет и да биде повикан на одговорност“ за несреќата.
„Несреќи како оваа можат да се случат само поради небрежност, прескокнати чекори, отстапувања во дизајнот или употреба на неисправни материјали“, рече Анутин.
Свет
Поранешен израелски командант: Режимот во Иран ќе падне, наскоро ќе видиме голем американски напад
Пензионираниот бригаден генерал на израелската армија и претседател на Израелскиот форум за одбрана и безбедност (ISDF), Амир Авиви, процени дека режимот во Иран ќе падне и дека САД наскоро ќе интервенираат, пишува денес израелскиот весник „Џерусалем пост“.
„Денес можам да кажам нешто што не можевме да го кажеме пред еден месец: овој режим паѓа. Нема да има ирански режим и ова целосно ќе ја промени иднината на Израел“, рече Авиви на конференцијата доцна синоќа.
Авиви додаде дека очекува голем американски напад врз Иран.
„И навистина, мислам дека во многу блиска иднина ќе видиме масовен американски напад, со помош на Израел и демонстрантите. Мислам дека овој режим нема шанси и ќе падне“, рече претседателот на ISDF, невладина организација која собира десетици илјади резервни офицери и оперативци од сите гранки на израелските безбедносни сили.

