Свет
Се нормализира животот во Шангај – се отвораат продавници и трговски центри

Шангај од утре преминува во нова фаза на контрола на епидемијата на Ковид-19, што подразбира постепено нормализирање на животот.
Властите ќе дозволат трговските центри и продавниците повторно да се отворат и луѓето во областите со „низок ризик“ да се вратат на работа, објавија градските власти.
Железничкиот сообраќај исто така ќе продолжи да се одвива нормално, а ќе се зголеми и бројот на домашни летови до градот, објави денеска заменик-градоначалникот Зонг Минг на онлајн прес-конференција, пренесува „Ројтерс“.
Како што беше речено, бројот на лица на јавни места сепак ќе треба да се ограничи на 75% од капацитетот, а за влез сите ќе треба да достават негативен ПЦР-тест, не постар од 72 часа.
Затворањето во Шангај од почетокот на април му зададе сериозен економски удар на најнаселениот кинески град, предизвика дебата за одржливоста на националната политика на нулта толеранција кон Ковид-19 и ги поттикна стравувањата од идни затворања и прекини.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Велика Британија и сојузниците најавуваат нови санкции против Русија

Велика Британија и нејзините сојузници од Г7 треба да објават дополнителни санкции против Русија, соопшти британската влада, засилувајќи го притисокот врз Москва поради војната во Украина.
Се очекува премиерот Кир Стармер да го објави финализирањето на пакетот санкции и да каже дека сака да работи со сите партнери од Г7.
Целта е да се исцрпат руските енергетски приходи и да се намалат средствата што можат да се инвестираат во војната.
Велика Британија веќе санкционираше над 2.300 поединци, ентитети и бродови како дел од санкциите против Русија од инвазијата на Украина во 2022 година.
Свет
Трамп: Или ќе направиме фер договор со ЕУ или ќе ни платат

Претседателот на САД, Доналд Трамп изјави дека Европската унија допрва треба да го понуди она што тој го смета за фер договор. Трамп истакна дека Јапонија е „тврда“ во трговските преговори, додавајќи дека министерот за финансии Скот Бесент останал на состанокот на Г7 во Канада.
Трамп претходно го напушти состанокот на Г7. Обраќајќи им се на новинарите на враќање во „Ер Форс Уан“, Трамп се осврна на односот на Европската унија со САД.
„Разговараме, но сметам дека сè уште не нудат фер договор. Или ќе направат добар договор или само ќе го платат она што ние велиме дека треба да го платат“, рече Трамп.
Претседателот на САД истакна и дека постои можност за трговски договор меѓу Вашингтон и Јапонија.
„Јапонците се тешки, но на крајот мора да разберат дека ќе испратиме писмо во кое ќе кажеме што треба да платат, инаку нема да работат со нас“, посочи тој.
Трамп најави дека наскоро ќе воведе царини за фармацевтската индустрија.
„Наскоро ќе се занимаваме со фармацевтски производи. Ова ќе ги врати сите компании во Америка“, убеден е тој.
Дополнително, тој рече дека Канада ќе плати за да биде дел од неговиот проект за ракетниот штит „Златна купола“.
Свет
Кремљ: Конфликтот меѓу Израел и Иран е на пат на галопирачка ескалација

Кремљ денеска предупреди дека конфликтот меѓу Израел и Иран е на пат на галопирачка ескалација, повикувајќи ги сите страни на воздржаност.
Портпаролот на Кремљ рече дека Русија во моментов не ја гледа подготвеноста на Израел за посредување или мирно решавање на конфликтот.
Русија, исто така, им нуди на своите граѓани можност за евакуација од Иран преку Азербејџан поради зголемените тензии.