Свет
Јапонските власти ги ублажија ограничувањата за патување

Јапонските власти од денеска ги олеснија мерките за ограничување на патувањата поврзани со коронавирусот, така што дневниот лимит за влез во таа земја е двојно зголемен, јавуваат локалните медиуми.
Како што се наведува, дозволен е влез до 20.000 луѓе, пренесува Интерфакс Русија.
Исто така, посетителите од 98 земји и региони со низок ризик ќе бидат ослободени од тестирање за коронавирус и карантин, дури и ако не се вакцинирани. Оваа група ги вклучува – Русија, САД, Велика Британија, Кина и Јужна Кореја.
Луѓето од 99 земји и региони со среден ризик, исто така, беа ослободени од тестирање и карантин доколку примат три вакцини против коронавирус. Во оваа група спаѓаат Казахстан, Украина, како и голем број земји од Африка и Блискиот Исток.
Патниците од земји со висок ризик од инфекција со Ковид-10 ќе поминат три дена во карантин во специјален хотел, од кој ќе можат да излезат доколку третиот ден бидат негативни на коронавирус. Оваа група вклучува четири земји, Албанија, Пакистан, Сиера Леоне и Фиџи.
За првпат по две години, јапонската влада исто така планира да го обнови приемот на странските туристи од 10 јуни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Макрон: Путин не сака мир, туку капитулација на Украина

Целта на разговорите во Вашингтон во понеделник меѓу американскиот претседател, Доналд Трамп, и украинскиот лидер Володимир Зеленски е да се претстави обединет фронт на Украина и нејзините европски сојузници, изјави францускиот претседател Емануел Макрон.
„Ако денес покажеме слабост пред Русија, ги поставуваме темелите за идните конфликти“, рече тој по видеоконференцијата.
Нагласи дека на состанокот, сојузниците на Киев се залагале за силен и траен мир во Украина и дека треба да се почитува територијалниот интегритет на Украина.
„Не може да има територијални дискусии за Украина без Украинците“ и „исто така, не може да има дискусија за безбедноста на Европејците без нив“, додаде Макрон, барајќи тие да бидат поканети на следните самити за Украина.
„Утре одиме (во Вашингтон) не само да го придружуваме украинскиот претседател, туку одиме таму да ги браниме интересите на Европејците“, нагласи тој.
Макрон рече дека рускиот претседател Владимир Путин не сака мир, туку „капитулација“ на Украина.
„Дали мислам дека претседателот Путин сака мир? Ако мене прашувате, не. Тој сака капитулација на Украина; тоа е она што го предложи“, рече францускиот шеф на државата.
Свет
Рубио: И Русија и Украина ќе мора да попуштат

Додека украинскиот претседател Володимир Зеленски зборуваше во Брисел, американскиот државен секретар Марко Рубио даде интервју во Соединетите Американски Држави, коментирајќи ги резултатите од неодамнешниот самит меѓу Доналд Трамп и Владимир Путин.
Рубио, кој учествуваше на самитот заедно со Трамп, рече дека и Русија и Украина ќе мора да направат отстапки ако сакаат да постигнат мировен договор.
„Двете страни сакаат работи што нема да можат да ги добијат“, рече Рубио. „Можеби дури и не е можно Соединетите Американски Држави да создадат сценарио што би ја завршило војната во Украина“.
Сепак, тој нагласи дека мора да се разговара за безбедносните гаранции за Украина, што го смета за клучен елемент на секој можен договор.
Додаде и дека американската администрација забележала доволен напредок за да го оправда продолжувањето на разговорите со Зеленски.
Свет
Фон дер Лајен: Украина мора да има неограничена воена поддршка и безбедносни гаранции

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека не смее да има ограничувања за украинската армија или странската воена помош.
„Не смее да има ограничувања за украинските вооружени сили, без разлика дали станува збор за соработка со трети земји или за помош од трети земји“, рече фон дер Лајен пред состанокот на европските лидери и самитот во Вашингтон во понеделник, на кој ќе се разговара за евентуален мировен договор меѓу Украина и Русија.
„Како што често велам, Украина мора да стане железна брана, непробојна за евентуални напаѓачи“, рече шефицата на Комисијата на прес-конференција во Брисел, заедно со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Фон дер Лајен го пофали предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп да ѝ понуди на Украина безбедносни гаранции инспирирани од НАТО.
„Ја поздравуваме волјата на претседателот Трамп да обезбеди безбедносни гаранции на Украина, слични на Член 5“, рече таа, додавајќи дека Украина мора да има можност да го зачува својот територијален интегритет.
Фон дер Лајен рече дека терминот „прекин на огнот“ е помалку важен од потребата да се запре убивањето.
„Важен е перформансот. А перформансот мора да биде да се запре убивањето“, рече таа. „Затоа, не е важен изразот, туку содржината. Важно е трилатералниот состанок на претседателите на Украина, САД и Русија да се одржи што е можно поскоро“, истакна шефицата на Европската комисија, во изјава пред најавената видеоконференција на коалицијата на добронамерните.