Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Власта не ги продолжи мерките, граѓаните скапо ја плаќаат нивната неспособност

Од вчера граѓаните се соочуваат со енормен ценовен шок. Владата не ги продолжи мерките и сега цените на основните производи на граѓаните се поскапи за најмалку 5%. Со нови цени е маслото кое достигна над 160 денари и лебот кој чини и по 40 денари, новата цена на брашното достигна 60 денари, шеќерот 60 денари, 10 јајца над 100 денари итн, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„Инфлацијата во месец мај и почетокот на јуни продолжува да го уништува стандардот на граѓаните. Сите основни трошоци за живот на граѓаните за кратко време двојно се поскапени. Во таква ситуација власта на СДСМ и ДУИ не ги продолжува мерките, туку во Собранието предлага формирање на втора компанија за игри на среќа.
Симболиката е дека оваа власт се коцка со животот на граѓаните.
Власта се правда и бара алиби во други, но вистината е дека во Македонија како во ниедна земја во регионот, се случува економска катастрофа. Имаме најнизок раст на БДП, имаме галопирачки раст на долгот, имаме една од највисоките стапки на инфлација, имаме половина милион жители кои живеат со 150 денари во денот и 35% од граѓаните во ризик од сиромаштија“, се наведува во партиското соопштение.
Ова е поразителната реалност која најкорумпираната и најнеспособната власт на СДСМ и ДУИ нема да ви ја кажат кога ќе се правдаат дека кризата е увезена, додаваат од опозициската партија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Изгаснат пожарот кај Липково, гори на две локации

До 12 часот активни се два пожари на отворен простор, еден пожар е под контрола, а еден е изгаснат.
Активните пожари се наоѓаат во село Богомила во општина Чашка, каде гори мешана шума, како и во село Грешница во општина Македонски Брод, во деградирана нискостеблеста шума, соопшти ЦУК.
Пожарот кој е под контрола е во село Стровија во општина Долнени, зад местото викано Гајдарец-Клепало, во нискостеблеста шума.
Пожарот што е изгаснат се наоѓа во село Слупчане во општина Липково, каде горела ниска вегетација.
Македонија
Задутре времен застој на ГП „Делчево“ заради градежни работи

Регионалниот центар за гранични работи „Исток“ ја информира јавноста дека задутре ГП и ГН „Делчево“, односно од бугарска страна ГКПП „Станке Лисичково“ целосно ќе бидат затворени за секаков сообраќај во периодот од 08:00 до 14:00 часот.
Причина за тоа, според официјалното известување добиено од бугарските гранични полициски служби, се градежните работи на патната делница кај ГКПП „Станке Лисичково“. По завршувањето на работите сообраќајот и функционирањето на граничните премини ќе продолжи непречено да се одвива.
Македонија
Апел за поддршка: Помогнете на ранливите граѓани да аплицираат за субвенција за струја

Инженери на Република Македонија упатија апел до јавноста за помош на ранливите категории граѓани во процесот на аплицирање за финансиска поддршка од Министерството за енергетика. Станува збор за јавен оглас за субвенција од 1.000 денари месечно на сметката за електрична енергија, кој важи 12 месеци.
Апелот е насочен кон инженери, техничари, информатичари и сите граѓани што се снаоѓаат со институционални постапки, да им помогнат на лица со интелектуална или телесна попреченост, целосна слепост или глувост, лица во социјален ризик и сиромаштија, кои се соочуваат со бариери при собирање на документи, пополнување формулари и поднесување на пријави.
Постапката за аплицирање вклучува преземање формулари од www.energy.gov.mk, фотокопирање документи, обезбедување на нотарска изјава и испраќање на пријавата по пошта во затворен плик. Рокот за пријавување е 30 дена од денот на објавата на јавниот оглас.
Според Државниот завод за статистика, над 38.000 домаќинства примаат гарантирана минимална помош, но само околу 4.000 домаќинства ја користат оваа субвенција. Останатите над 90 отсто не аплицираат, најчесто поради технички пречки, а не поради неисполнување на условите.