Македонија
Општина Центар објави повик за субвенционирање реконструкција на покриви и лифтови во зградите

Општина Центар го објави јавниот повик за финансиска поддршка за поправка и санација на постојни покривни конструкции и постојни лифтови во станбени згради на подрачјето на општината.
Јавниот повик се однесува за поправка на лифт за кој со технички преглед, извршен од овластено акредитирано независно правно лице, е утврдено дека е технички неисправен и/или за модернизација на лифтови и нивно усогласување со безбедносните барања и подобрување на безбедноста на постојните лифтови во согласност со Законот за техничката инспекција и Правилникот за користење лифтови и транспортери.
„Финансиската поддршка за реконструкција на покриви и покривни покривки е насочена кон замена на постојните азбестни салонитни покривки со еколошки на колективни станбени објекти и реконструкција на рамни проодни и непроодни тераси под услови што се наведени во јавниот повик.
Проектот се поддржува со финансиски средства од буџетот на Општина Центар – Скопје во висина од 30 % од вкупниот износ од вредноста, но не повеќе од 150.000,00 денари за секоја одобрена апликација. Јавниот повик ќе се врши по принципот прв дојден, прв услужен и се однесува на станбени објекти постари од 15 години“, соопшти општината.
Јавниот повик ќе биде отворен заклучно до 7 јули 2022 година, а за целосната постапка за аплицирање и потребна документација може да прочитате на линкот објавен на веб-страницата на Општина Центар.
Преку финансиската помош за реконструкција на постојни покриви и лифтови во станбените објекти Општина Центар вложува во здравјето и потребите на граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Гаши: Одредбите не се докрај прецизни дали можеме со распишани избори да избереме Народен правобранител и претседател на ДКСК

Во претстојниот период предизвик за Собранието ќе биде изборот на нов Народен правобранител и нов претседател на Државната комисија за спречување корупција, рече денес претседателот на Собранието, Африм Гаши. Процедурата за избор на Народен правобранител е почната, а за претседател на ДКСК допрва треба да се објави оглас.
„Што се однесува до Народниот правобранител имавме јавен оглас, имавме 17 кандидати за таа позиција. Денеска требаше да заседава Комисијата за избори именувања. Ако тие одлучат за име за кое би се сложиле, тогаш за таа одлука ќе можеме да свикаме пленарна седница и да одлучиме за тоа име. Ако не, тогаш ќе треба да почекаме подобри времиња или усогласеност околу тоа кој ќе биде кандидат или кој ќе биде избран за Народен правобранител. Што се однесува до ДКСК законските рокови се веднаш штом има оставка или немаме претседател на Комисијата, Собранието во рок од десет дена да објави оглас. Ние тоа ќе го направиме денеска во Комисијата за избори и именувања. И сега ќе треба да видиме како тоа правно да го направиме. Ќе треба да го анализираме затоа што одредбите не се докрај прецизни дали можеме во време кога се распишани избори да се направи избор или да се назначи претседател на ДКСК или пак Народен правобранител“, вели Гаши.
Земјава остана без Народен правобранител откога на 14 јули во пензија замина Насер Зибери, а Собранието не го испочитува Законот за народен правобранител кој предвидува нов оглас три месеци пред пензионирањето на актуелниот омбудсман.
Антикорупционерите, пак, останаа без претседател по оставката на досеганата претседателка Татјана Димитровска осомничена дека давала доверливи информации на лице обвинето во случајот „Адитив“ и дополнително дека вработен во Државниот завод за ревизија полагал испит за класифицирани информации во нејзино име, со што таа незаконски го добила сертификатот.
Македонија
(Видео) Петрушевски: Ако на некого не му е јасно зошто истрагата за Кочани е таму каде што е, нека ги праша СДС и Коцевски

СДС и ДУИ се соголија. Паднаа маските. Покажаа дека тие стојат зад главниот обвинител Љупчо Коцевски, зошто во него гледаат единствена сламка за спас од кривична одговорност за сторените криминали, вели Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција.
СДС и ДУИ, како што рече, се единствениот спас за главниот обвинител Коцевски, и сега на секој му е совршено јасно зошто обвинителството нема еден случај против висок функционер од минатата власт.
„Со гумата за спасување која СДС и ДУИ му ја фрлија на главниот обвинител Коцевски паѓаат во вода сите оние тиради од прес конференции за Кочани, лажните повици, хушкања за Кочани каде лажно велеа дека бараат правда.
Кога следен пат ќе сакаат да држат прес-конференција за Кочани, треба да се потсетат дека истиот предмет го води главниот обвинител Коцевски и нема потреба да повикуваат јавно, нека си го прашаат лично него. А ако мислат дека ќе ја манипулираат јавноста после ова, им порачуваме дека дебело се лажат. Прочитани сте“, порача Петрушевски.
Главниот обвинител Коцевски, како што додаде, треба да знае дека со секој ден поминат без легитимитет му се урнисува и така урнисаниот углед. Очекува истиот да покаже доблест и да се поднесе оставка.
Македонија
(Видео) Стојчевски: Лефков е симбол на сѐ погрешно во ВМРО-ДПМНЕ, сее лаги, а молчи за Кочани

Додека Македонија гори, прва во Европа по изгорена територија Миле Лефков и ВМРО-ДПМНЕ лажат, манипулираат и спинуваат за да ја покријат својата непособност. Човекот кој месеци молчеше и се криеше од сопствените сограѓани во Кочани, сега повторно излегува да сее лаги, да манипулира и да спинува, кажа на прес-конференција Трајче Стојчевски претседател на СДММ.
Тој праша, со кое лице и зошто Миле Лефков денес се појавува а после трагедијата во дискотеката „Пулс“ го снема.
„Дали затоа што бил чест гостин? Дали си правел прослави, забави, а не плаќал? Или како што јавно се зборува затоа што наводно бил на платен список кај еден од сопствениците? Како член на локалниот Совет за превенција во Кочани, Миле Лефков знаел што се случува во дискотеката во Пулс. Ама молчел. Нека излезе пред граѓаните и нека каже зошто молчел и кого штител“, повика Стојчевски.
Како што кажа, Лефков не донирал ниту денар за настраданите во Кочани. Напротив, вели тој, јавно тврдеше дека со Законот за помош на семејствата се „рушел правниот поредок“.
„И сега, истиот тој Лефков, лажно обвинува од прес-сала, покажува монтирани фотографии и се надева дека граѓаните забораваат.
Наместо да се крие зад фабрикувани лаги на партиски прес-конференции, Миле Лефков нека излезе пред граѓаните и нека одговори. Нека се соочи со вистината. Ова не се прашања на СДСМ. Ова се прашања на народот. Прашања на совеста“.
Според него, Лефков е симбол на сѐ што не смее да биде македонскиот пратеник: бегство, ароганција, молк за вистината и партиска лојалност пред човечка совест.
„Но Лефков има еден голем проблем – граѓаните не забораваат“.