Црна хроника
Три лица под истрага за одгледување на марихуана во село Карбинци, биле пронајдени над 15.000 стебла
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција постапувајќи по кривичната пријава поднесена од Министерството за внатрешни работи, денеска донесе Наредба за спроведување истражна постапка против три лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од Кривичниот законик.
Осомничените, во периодот на месец март и април 2022 година заедно, како повеќе лица, неовластено набавиле семенски материјал од растението ,,Cannabis sativa“ од непознати лица и го засадиле на нива во атарот на с.Карбинци, сопственост на првоосомничениот. Откако растението достигнало висина од 30-60 сантиметри, првоосомничениот на 9 јуни ги искосил растенијата и ги оставил на парцелата да се сушат.
Во текот на вчерашниот ден, првоосомничениот со трактор го обработил насадот, по што пристигнале и останатите осомничени за да ја утврдат состојбата со сушењето на марихуаната што неовластено заради производство и продажба на наркотична дрога ја одгледувале. Во полициската акција координирана од страна на предметниот јавен обвинител, осомничените се лишени од слобода, а на парцелата се пронајдени вкупно 15.415 стебла. При претрес на дом и други простории, во двор од куќата кај второосомничениот се пронајдени неовластено посадени и одгледувани 37 стебла марихуана. Воедно, при акцијата се пронајдени уште 690 стебла за кои по прибирањето на доказен материјал и по утврдувањето на сторителот, ќе биде поднесен соодветен поднесок до надлежното обвинителство.
Предметниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ценејќи дека постојат околности што го оправдуваат стравот oд опасност од бегство, дека ќе ги сокријат, фалсификуваат или уништат трагите на кривичното дело и дека со влијание врз сведоци и соучесниците ќе ја попречат истрагата, како и стравот ако се бранат од слобода дека ќе го повторат делото, до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување на мерката притвор за осомничените.
За ова кривично дело на сторителите согласно одредбите од Кривичниот законик им е запретена казна затвор од најмалку пет години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Велешанец приведен со 1,62 промили алкохол, нападнал и полицаец
Полициски службеници од СВР Велес ноќеска во 02.10 часот го лишиле од слобода 49-годишниот М.Н. од Велес откако при контрола на ул. „Благој Ѓорев“ утврдиле дека вози со 1,62 промили алкохол во крвта. Откако бил приведен нападнал полициски службеник.
Како што денеска информираат од СВР Велес, при сообраќајна контрола било сопрено патничко возило „рено“ со скопски регистарски ознаки, што го управувал М.Н. и по преземени мерки било констатирано дека е под дејство на алкохол, односно му биле измерени 1,62 промили алкохол во крвта. Тој бил приведен во полициска станица, каде физички нападнал полициски службеник. Известен бил јавен обвинител и по документирање на настаните, против него ќе бидат поднесени пријави по член 297-а и 383 од Кривичниот законик за „безобѕирно управување со моторно возило“ и „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“, најавија од СВР Велес.
Црна хроника
Почина малолетник, со мопед удрил во бетонски столб
Малолетник починал откако со мопед удрил во бетонски столб во неготинско Тимјаник, информираа денеска од Секторот за внатрешни работи Велес.
– Денеска во ОВР Неготино е пријавено дека во 00:50 часот, во село Тимјаник, неготинско, мопед „лонгија“ со неготински регистарски ознаки, управуван од 17-годишник од село Тимјаник, удрил во бетонски столб. Од здобиените повреди, на местото на настанот починал возачот, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош Неготино. Увид извршиле јавен обвинител и увидна екипа од ОВР Неготино, соопштија од СВР Велес.
По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот малолетник било дадено на обдукција.
Црна хроника
Возач на ауди прегази полицаец и избега
Инцидент се случи вчера во Тетово, кога 28-годишниот Е.А. од село Порој со своето возило „ауди“ удрил во полициски службеник кој се обидел да го запре.
Настанот се случил околу 12:50 часот на кружниот тек кај улиците „Илинденска“ и „Маршал Тито“. Возачот одбил да застане на знакот „стоп“, го удрил полицаецот и избегал, но набрзо бил пронајден и уапсен. На повредениот службеник му е укажана помош во Клиничката болница Тетово.

