Македонија
Ковачевски-Ди Карло: Северна Македонија и ОН се партнери во справувањето со глобалните предизвици

Премиерот Димитар Ковачевски, во рамките на својата агенда за време на Преспа форумот за дијалог во Охрид, денеска ја прими генералната потсекретарка на Организацијата на oбединетите nаци, за политички прашања и мировни операции Розмари Ди Карло.
На средбата, на која присуствуваше и постојаната координитoрка на ОН во нашата земја Росана Дуџак, премиерот Ковачевски ја изрази благодарноста за нејзиното учество на Преспа форумот за дијалог кој се совпаѓа со четири годишнината од потпишувањето на Договорот од Преспа на кој генералната потсекретарка на ОН Ди Карло лично присуствуваше и кој ОН го оценија како победа на дипломатијата.
Премиерот Ковачевски во разговорот со Розмари Ди Карло ја потврди силната посветеност на Северна Македонија со свој придонес за ефективен мултилатерализам и за зајакнување на улогата на Обединетите нации во справувањето со глобални предизвици како што е руската агресија против Украина или во справувањето со пандемијата со Ковид-19.
На средбата беше истакнато дека Северна Македонија целосно го поддржува визија пристапот на ОН за превенција од ризиците за човештвото како што се климатските промени, миграцијата, несигурноста во снабдувањето со храната, кибер и другите закани.
Ковачевски на средбата со генералната потсекретарка на ОН за политички прашања и мировни операции Розмари Ди Карло го потврди интересот на Северна Македонија за зголемено учество во операциите на ОН за одржување на мирот и истакна дека во соработка со ОН и другите меѓународни хуманитарни организации Владата активно се вклучи во прифаќањето и евакуацијата на авганистански државјани, од кои од 861, колку што вкупно беа прифатени, 198 се вработени во агенции на ОН, а 70 од нив веќе се заминати на нивните конечни дестинации, заедно со останатите 400.
Двајцата соговорници на средбата, премиерот Ковачевски и генералната потсекретарка на ОН Ди Карло, го истакнаа взаемното задоволство од целокупната одлична соработка на Владата на Република Северна Македонија со постојаниот координатор на ОН и целиот тим на ОН присутен во земјата на различни полиња, како придонес за зајакнување на капацитетот на земјата во клучните сектори значајни за пристапувањето на земјата во ЕУ како што се реформите во областа на доброто владеење, борбата против корупцијата, реформите во судството, како и зајакнувањето на социјалната кохезија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Синоќа повторно предизвикан пожар во „Дрисла“

Синоќа пред 23.00 часот повторно беше предизвикан пожар во депонијата Дрисла, на сосем друго место, подалеку од местото кое беше активно претходните денови, соопшти директорот на ДЗС Стојанче Ангелов.
„На лице место веднаш се упатија скопските пожарникари кои започнаа со гаснење но поради спецификата на пожарот беше потребно истовремено затрупување на опожарената површина поради што се активираа градежни машинити кои веќе беа таму со тоа што брзо пристигнаа нивните возачи“.
Еден час подоцна, појаснува Ангелов, пожарот бил изгаснат и затрупан со што како што нагласува, е спречено ширење на огнот во главнината на депонијата.
Македонија
„Марш за Ангелите” во Кочани и мирен протест во Скопје: шест месеци од трагедијата во дискотеката „Пулс“

Денеска се навршуваат шест месеци од трагедијата во дискотеката „Пулс” во Кочани, во која животот го загубија 62 млади лица. По тој повод, родителите на починатите организираат „Марш за Ангелите”.
Маршот ќе почне во 15:35 часот од „Паркот на Револуцијата“ и ќе се одвива по веќе востановената маршрута – општинска зграда, УЈП, полиција, кочанскиот суд и обвинителство, а ќе заврши повторно во „Паркот на Револуцијата“.
Од иницијативата „Кој е следен“ повикуваат на мирен собир на плоштадот во Скопје. Собирот е најавен за во 20 часот и 16 минути.
„Ова не беше несреќа. Не беше трагедија. Беше масакр. Свирепо убиство од страна на дисфункционалните институции и партискиот картел. Не смееме да отрпнеме. Болката мора да ја почувствуваме сите заедно. Таа болка треба да не разбесни и да не поттикне на акција. Вистинската борба за живот или смрт е токму борбата за Кочани“, велат организаторите.
Семејствата на загинатите преку „Марш на ангелите“ во Кочани секоја сабота веќе шест месеци бараат одговорност и правда за нивните деца, а протести се организираа и во други градови.
Македонија
Изгаснат е тежок пожар пред Пинтија, под контрола се пожарите во „Дрисла“ и Трубарево, активен е пожарот на Кожуф

Рано утрово пред четири часот изби тежок пожар во сервис за возила пред Пинтија (над Стаклара во местото наречено Каменик) во кој имаше повеќе автомобили, уље и други запаливи предмети, информира утрово директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.
Тој додаде дека БППЗ Скопје веднаш излегле на лице место и со 8 возила после тешка борба со огнот, пожарот бил изгаснат пред 6.00 часот.
Според последните информации од ЦУК до 07:00 часот утрово на територијата на Р.С.Македонија има вкупно 13 пожари на отворен простор, од кои 1 е активен, под контрола се 2 пожари, а изгаснати се 10 пожари.
Активни: 1
1. Општина Гевгелија: Кожуф планина кај с. Петрово (приземен пожар, лисна маса);
ПОД КОНТРОЛА: 2
1. Општина Студеничани: Депонија Дрисла (ѓубре);
2. Општина Гази Баба: с. Трубарево (електричен отпад);
Изгаснати: 10
1. Општина Пробиштип: нас. Калниште – с. Добрево (висока дабова шума и нискостеблеста вегетација);
2. Општина Кочани: м.в. Царев Врв, Осоговски Планини (ниска вегетација и стрништа);
3. Општина Шуто Оризари: ул. Нов Живот (ѓубре);
4. Општина Гази Баба: ул. Перо Наков (ѓубриште);
5. Општина Студеничани: с. Горна Количани (ниска вегетација);
6. Општина Врапчиште: с. Неготино (ниска вегетација);
7. Општина Долнени: с. Лажани (ниска вегетација);
8. Општина Демир Хисар: Грејшки Пат (ниска вегетација);
9. Општина Куманово: градски гробишта (ниска вегетација);
10. Општина Липково: с. Оризаре (стрниште).