Култура
Стојчевска-Костадиновска на Преспа форумот: Младите се клучот за промените во земјава

Младите не треба да бидат добри војници, ниту послушни поединци, ниту евтина работна сила, бидејќи кај нив се промените. Без младите нема ниту иднина, ниту Западен Балкан, ниту реална европска безбедносна архитектура, рече во своето обраќање министерката за култура Бисера Стојчевска-Костадиновска на вториот Преспа форум за дијалог.
-Ви се обраќам Вам млади со „екселенции“, бидејќи јас не знам во блиска или подалечна иднина кој од вас ќе биде идниот претседател, идниот премиер на земајата, или пак иден наградуван и светски признат научник, уметник, идна наша гордост. Име кое ќе го носат институции во негова чест. А јас сум сигурна дека тоа ќе биде така!, им порача таа за време на дијалогот на младите.
Според Костадиновска-Стојчевска многу млади луѓе во нашето општество неоправдано се дискредитираат поради нивната најголема предност – младоста, која се етикетира како слабост или недостаток.
-Доколку не постоела таа младешка мудрост во минатото, ние ќе го отфрлевме еден Фардеј како премлад, еден Тесла како неразумен млад човек кој си игра со опасности, немаше да го имаме Блаже Конески како прв претседател на Друштвото на писателите на Македонија денес би рекле – на само 26 години. Големиот Гете велат дека до крајот на својот живот како свое генијално и омилено дело го истакнувал својот „Вертер“, а не „Фауст“, додаде таа.
Министерката потсети дека 2022-ра е прогласена за европска година на младите со цел – инволвирање на младите генерации во изградба на стабилни, мирни и одржливи општества и развој на политики што ги пресретнуваат специфичните потреби на младите луѓе.
-Отворете се за соработка, за размена на искуства, нека ви врежат брчки на лицето. Не дозволувајте да го носите времето на туѓите грешки! Не барајте иднина во минатото! Живејте сега и сега барајте ги начините како со вашите чисти умови и срца да го приближите Западен Балкан кон Европската Унија. Убедена сум дека младите уште денеска би ги решиле сите наши недоразбирања не зашто, некој би рекол, не ги разбираат – туку затоа што ги гушат, порача таа.
Преспа форумот за дијалог ги опфати најгорливите безбедносни, политички и економски прашања со кои денес се соочуваат Европа и Западниот Балкан, со посебен осврт врз импликациите на војната во Украина врз севкупните меѓународни, политички, безбедносни, економски прилики во Европа и пошироко.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Соња Михајлова – лауреатка на наградата за животно дело на МТФ „Војдан Чернодрински“

По предлог на НУ Народен театар – Битола и директорот Васко Мавровски, доајенката на македонската театарска сцена, актерката Соња Михајлова, е годинешна добитничка на престижната награда за животно дело, која традиционално ја доделува Собранието на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.
На свеченото отворање на 59. издание на фестивалот, ова значајно признание ѝ беше официјално врачено, проследено со долготраен аплауз и силни емоции. „Оваа награда за мене вреди и е тешка колку што вреди и овој театарски фестивал – празник на театарската уметност, празник на театарските уметници, како дел од културниот идентитет на Македонија. За мене тоа е највредното“, истакна Михајлова, видливо трогната од признанието.
Во своето обраќање таа се наврати на својата долга и плодна кариера: „Има 40-ина години од моето дружење со театарот и во театарот. Сите изминати години за мене се возбудлива авантура на умот, на срцето. Како што театарот има и светла и темна страна. Светлата – предизвикувачка, потрага по сценска вистина, креирање лик. А темната страна – предизвикувачка на поинаков начин, бидејќи во земја како Македонија, таа постојано е предизвикана од промени, трансформации, кои неизбежно оставаат и белег и лузна – и врз срцето, и врз умот.“
Соња Михајлова е актерка со богат репертоар, со десетици улоги кои оставиле траен печат во македонскиот театар. Нејзината преданост, длабочината на интерпретација и неуморната љубов кон сцената ја врежаа не само во историјата на Битолскиот театар, туку и во колективната меморија на македонската културна јавност.
Михајлова е е родена на 14 октомври 1958 во Битола. По завршувањето на средното образование во гимназијата „Јосип Броз-Тито“ во Битола, се запиша на Факултетот за драмски уметности во Скопје, каде што дипломира во класата на проф. Љубиша Ѓоргиевски. Вработена е во Народниот театар од Битола од 1984 година, а се пензионира во 2022 година. Таа сѐ уште е активна на својата најсакана сцена – Битолскиот театар. Првенка е во ансамблот на НТБ, ангажирана низ годините во водечкиот репертоар на НТБ, со исклучителен придонес во афирмација на НТБ и македонскиот театар надвор од нашата земја. Во текот на актерската кариера има одиграно повеќе од 150 лика, на матичната сцена на Народен театар Битола и надвор од неа, во претстави и театарски дела.
Покрај Михајлова, награди за животно дело добија и Снежана Коневски-Руси, и Гоце Тодоровски. Тие добија награди изработени од прилепски мермер од „Крин про“ од Прилеп. Фестивалот беше отворен со изведбата на „12“ во режија на Синиша Евтимов на Македонскиот народен театар.
Култура
Недела на италијанскиот филм од 9 јуни во Кинотека

Од 9 до 14 јуни 2025 година ќе се одржи XXV издание на „Неделата на италијанскиот филм – ITALIAN SCREENS“.
Организиран од италијанската амбасада во Скопје, во соработка со Италијанскиот културен институт во Белград и Кинотеката на Република Северна Македонија, фестивалот е под покровителство на проектот ITALIAN SCREENS, проект за поддршка на интернационализацијата на италијанскиот аудиовизуелен сектор, чија цел е промовирањето на најдоброто од италијанската филмска продукција во странство и вклучува и алатки за поддршка на италијанската кинематографија како што се даночни кредити и средства за дистрибуција и копродукции.
На овогодишното издание ќе бидат прикажани шест од најуспешните филмски остварувања на современата италијанска кинематографија. Филмовите, сите дистрибуирани помеѓу 2024 година и првите месеци на 2025 година, се учесници на престижни меѓународни фестивали и добитници на значајни награди и признанија од критиката и јавноста.
Темата што совршено ги обединува насловите во програма е патувањето: интерпретирано во буквална смисла со значење на пат кон родната земја или далеку од неа – но исто така и како визуелно, внатрешно, егзистенцијално, временско или емоционално патување.
Во понеделник, 9 јуни, фестивалот ќе го отвори „Партенопе“ (2024), најновото ремек-дело на наградуваниот Паоло Сорентино: филм кој претставува единствен склоп на поезија, носталгија и љубов кон Неапол, родниот град на режисерот. Во центарот на наративот се наоѓа Партенопе, независна и антиконформистична жена, со магнетна убавина и вечен порив по знаење. Нејзиното егзистенцијално и симболично патување, обележано со значајни средби, љубови, пријателства и разочарувања, кое е длабоко испреплетено со она на Неапол, прекрасен и декадентен град, колку убав толку и проклет, кој во филмот станува своевиден лик, жив и неуморен.
Фестивалот ќе се затвори во сабота, на 14 јуни, со филмот „Дијаманти“ (2024), новиот кинематографски успех на Ферзан Озпетек, кој ја освои наградата „Давид Ди Донатело од гледачите“ оваа година. Сместен во римска кројачка работилница во 1974 година, филмот ја раскажува приказната за човечките и работните односи на група жени вклучени во кроењето филмски костими. Преку овој микрокосмос, Озпетек истражува универзални теми како што се борбата против патријархатот, потрагата по идентитет, љубовта и пријателството. Резултатот е хармонично и полицентрично дело кое го слави женското соучесништво и отпорност.
Сите филмови ќе се прикажуваат на оригинален јазик со титлови на македонски и на англиски јазик. Проекциите ќе се одржат во историската Кинотека на Република Северна Македонија и ќе започнуваат во 20:00 часот.
Култура
„Кратка меморија“ – нова книга од Милица Димитријовска-Радевска

Книгоиздавателството „Панили“ ја објави поетската книга „Кратка меморија“ пд поетесата Милица Димитријовска-Радевска.
Како што истакнува Весна Мундишевска-Велјановска, оваа книга е мемориски регистар на складирани податоци, настани, случки, размислувања, укажувања… сместени во ќелиите на меморијата на една временска рамка која, и покрај активното темпо на збиднувањата, сѐ повеќе ја губи суштинската комплексност, и бледнее присвојувајќи еднозначни карактеристики.
Во едноличноста на бинарното постоење, оваа меморија тежнее да ги заштити вредностите од нивната маргинализација, да го реституира и она малку човечко што останало во нежната душа на човекот, всушност – да го сочува сопствениот капацитет, дури и да се надгради себеси елиминирајќи ја опасноста од предзнакот „кратка“, нагласено е во рецензијата.
„Во силно апострофираната конкретност на живеењето опеана во стиховите од „Кратка(та) меморија“ зјаат бројни празнини на помнењето. Боли отсуството на топлина, неодлучноста, недовербата, суетата, вришти заборавеноста, живи рани отвора обезвреднувањето – „животот вреди 10 грама чоколадо“ („Вредност“)… Во време на дигитализација и актуелната електронска комуникација, се чини како човекот да се подзагубил, како попатно да си го загинал идентитетот, како да молкнал сред преплетените фрекфенции на празните муабети, како да го закочил срцето во пребрзото темпо на стрелките од часовникот виснат на ѕидовите од галеријата на новото време. Како да му се подизгребало огледалото на средбите, па сега двонасочноста на изустената срдечност се извиличила во бесрамна себичност на збунето човече кое станува „вретено без предено, чепорошка на исколвана суета“, нагласува Мундишевска-Велјановска во рецензијата за новата книга на Димитријовска-Радевска.
Инаку, во песните од „Кратка меморија“ има и зајадливи нискости, вулгарности, пцости и гадости, подводаџии, есапџии, фалбаџии, расколници, луѓе со камења во срцата но и луѓе засегнати од сиот тој метеж кои во својата збунетост се повлекуваат во својата корупка барајќи го островот на својот спокој.
– Се чини дека стиховите на „Кратка меморија“, поотворено и погласно од претходните книги на поетесата, укажуваат на опасноста од жонглирањето на човекот по работ на амбисот и предупредуваат дека лесно може да нѐ проголта заборавот. Наместо разновидни прашања за егзистенцијалноста, овие стихови носат констатации со бројни извичници кои ја соголуваат лажната слика на среќно живеење сред пустината на духот, подвлечено е во првиот критички одглас за книгата.
Милица Димитријовска-Радевска е авторка на неколку поетски книги. Членува во Друштвото на писателите на Македонија и во Македонското научно друштво од Битола. Својот научен и истраќувачки труд го има реализирано и како коавторка на наставното помагало ,,Јазикот и графиката“. Има учествувено на голем број книжевни манифестации. Нејзината поезија е преведена на српски, англиски, романски јазик. Авторка е и на критички огледи, записи и рецензии за дела на повеќе современи македонски автори.
Поетската книга „Кратка меморија“ е достапна во книжарниците на „Матица македонска“.