Македонија
Џафери на средба со претседателката на италијанскиот парламент, Казелати
Во рамките на работната посета на Италија, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, оствари средба со Марија Елизабета Алберти Казелати, претседателка на Сенатот на Италијанската Република.
Претседателката Казелати во име на сенаторите им посака топло добредојде на претседателот Џафери и на делегацијата и ја поздрави динамичната соработка меѓу двете држави, која се одвива во континуитет со посети на високи државни делегации од двете земји. Италија е земја осведочен пријател на Република Северна Македонија, која даваше безрезервна поддршка за зачленувањето на земјата во НАТО. Со членството во НАТО нашата земја придонесува кон стабилноста на целиот регион на Западен Балкан, а со новиот воен конфликт во срцето на Европа оваа остварена цел добива силно стратешко значење.
Воедно, во контекст на европските интеграции таа изрази јасно уверување дека претстојниот состанок на Европскиот совет ќе значи чекор напред во однос на приемот на Република Северна Македонија во ЕУ за што Италија дава поддршка во континуитет.
Претседателот Џафери се осврна на одличните билатерални односи меѓу двете држави, кои со потпишувањето на протоколот за парламентарна соработка меѓу Собранието на Република Северна Македонија и Домот на пратениците на Италијанската Република отвораат нова динамична агенда во насока на креирање можности за интензивна соработка на парламентарен план. Ја истакна улогата на Италија како важен политички и економски партнер на Република Северна Македонија, а особено значајна за нас е силната италијанска поддршка како во периодот на осамостојувањето така и во сите клучни фази на нашите евро-атлантски интеграции. Се согласи со претседателката Казелати дека војната што сега беснее во срцето на Европа, која по падот на Берлинскиот ѕид никој не ја очекуваше, ќе остави силни последици врз глобалната безбедносна архитектура. Сите овие предизвици уште повеќе ја наметнуваат потребата од целосна европска интеграција на Република Северна Македонија, но и другите земји од Западен Балкан и е прашање на кое ЕУ треба многу сериозно да пристапи и да процени дека секое одолжување на процесот на проширување ќе значи натамошно влошување на ситуацијата, кое ќе се рефлектира како на економски и енергетски план така и на политички план.
Двајцата соговорници ги истакнаа сите предности на парламентарната дипломатија – на билатерален и на мултилатерален план, кои ќе придонесат кон заеднички пристап на државите во надминувањето на сите предизвици наметнати од пандемијата и војната во Украина бидејќи последиците се рефлектираат на сите земји еднакво и тука не само што е потребна сплотеност на земјите од европскиот континент туку и на големите светски сили.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Брисел ги прифати барањата, возачите се прифатени како професионалци, го решаваме проблемот со превозниците, објави Николоски
Вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски соопшти дека од Брисел пристигнале, како што вели, „одлични вести“ во врска со проблемите на македонските превозници.
„Само што добив одлични вести од Брисел во врска со огромниот проблем на превозниците од Македонија! Нашите ставови се прифатени. Возачите се прифатени како професионалци. Тоа е тоа што го баравме“, објави Николоски.
После протестите и силната офанзива изминатиот период, Брисе, додава тој, ќе донесе нова Стратегија за визи која ќе значи решавање на проблемот со кој се соочија професионалните возачи.
Благодарам до сите пријатели на Македонија кои помогнаа со цел да се реши овој проблем!
Македонија
(Видео) Филипче: 600 евра минимална плата е минимум за достоинствен живот
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција истакна дека СДСМ и понатаму цврсто стои на страната на работниците и нивните реални барања за достоинствен живот.
Филипче потсети дека СДСМ уште на крајот на 2024 година поднесе предлог-закон за зголемување на минималната плата, кој тогаш беше одбиен од власта, и покрај очигледно влошената економска состојба и драстично намалениот животен стандард на граѓаните, велат од СДСМ.
„Денес, кога растат цените, расте цената на струјата, растат сите трошоци кои ја сочинуваат синдикалната потрошувачка кошничка, подготвивме нови законски решенија кои ќе ги поднесеме во Собранието. Предлагаме зголемување на минималната плата на 600 евра во нето износ и замрзнување на платите на функционерите“, изјави Филипче.
Тој нагласи дека овие мерки се логично продолжение на политиките на СДСМ од периодот кога партијата ја водеше Владата, време во кое, како што истакна, минималната и просечната плата растеа континуирано, дури и во услови на сериозни економски и здравствени кризи. Воедно, со овие решенија СДСМ, додаваат од таму, директно ги поддржува и барањата на работниците и на Сојузот на синдикатите, изнесени во јавноста.
Филипче упати јавен повик до Сојузот на синдикатите за соработка и вклучување во процесот, со можност за увид и поднесување сугестии за предложениот закон.
„Како одговорна политичка партија, наша обврска е да покажеме грижа и солидарност и да излеземе во пресрет на вистинските потреби на работниците. Не може да има пари за тендери и непотребни трошоци, а да нема пари за стандардот на граѓаните“, истакна Филипче.
Тој предупреди дека инфлацијата сериозно го јаде животниот стандард и дека Македонија денес има практично најниска минимална плата во регионот, за разлика од Албанија, Србија, Косово и Црна Гора, каде платите веќе се зголемени.
„Ова е уште еден силен аргумент зошто младите ја гледаат својата иднина надвор од државата. Тоа мора да се запре“, рече Филипче, потсетувајќи дека за време на владеењето на СДСМ минималната плата се зголеми од 8.000 на 22.000 денари, а просечната од 22.000 на 42.000 денари.
Филипче изрази очекување дека овој пат Владата ќе покаже одговорност и ќе го прифати предлог-законот, бидејќи тој се темели на реални економски параметри и реални потреби на работниците.
„Ние не се бориме само за повисоки плати, туку за достоинствен живот – она што нашите граѓани и нашите работници навистина го заслужуваат“, порача Филипче.
Македонија
Герасимовски: Паричната помош за новороденче во Центар се зголемува од 7. 000 на 10. 000 денари
Советниците на Општина Центар на четвртата седница едногласно ја прифатија иницијатива на градоначалникот Горан Герасимовски за зголемување на еднократната финансиска поддршка за новороденче од 7. 000 на 10. 000 денари.
„Со оваа мерка директно им помагаме на младите семејства и инвестираме во иднината на Центар“, рече Герасимовски.
Право на поддршката ќе имаат сите семејства кои ги исполнуваат условите и се жители на Општина Центар. Одлуката овозможува континуирана грижа за домаќинствата со принова.
Со оваа одлука, локалната самоуправа уште еднаш потврдува дека поддршката за младите семејства и создавањето подобри услови за раст и развој на децата се меѓу врвните приоритети, соопштија од општината.

