Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Ковачевски да каже што тајно преговара со тим од владата во Софија
Ковачевски да каже што тајно преговара со тим од владата во Софија, дали основата е предлогот што ги уништи македонските позиции?!, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Што бара владиниот тим во Софија и дали Ковачевски повторно ќе кажува дека не го видел предлогот што го преговараат негови луѓе? Ковачевски со неговото лажење и манипулирање ја загрози државата. Трајно се нарушени македонските позиции. Ковачевски ја загрози и македонската евроинтеграција“, се посочува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Со предлогот, каков што го преговараше Ковачевски, додаваат од партијата на Мицкоски, за да влезе во ЕУ, Македонија треба да се бугаризира.
„Од првичните намери беше спречен од народот, академската заедница, новинарите, колумнистите и ВМРО-ДПМНЕ. Дали сега повторно на мала врата преговара нешто што удира врз македонските црвени линии, па после ќе кажува дека не го видел предлогот. Не поминуваат веќе лагите на Ковачевски. Избори веднаш“, посочуваат од опозициската партија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Маричиќ-Стевановиќ: На Собранието му требаат современи патриоти и борци за еднаквост, права и слободи
Во заедничката изјава за медиумите, Милена Стевановиќ и Бојан Маричиќ од листата на кандидати за пратеници во Изборната единица 1, порачуваат дека „реформите ни носат системски промени и европски фондови“, но и „демократски вредности со кои се пробиваат границите за еднакви можности за жените како докажана заложба на СДСМ.
Милена Стевановиќ во својот дел на изјавата истакнува дека „СДСМ, Ковачевски, Пендаровски, Маричиќ и другарите социјадемократи се оние кои со знаење и капацитет можат да ја придвижат земјата напред“.
„Нам ни требаат луѓе како Бојан. Со исклучително познавање на институциите на ЕУ, со чиста и прогресивна мисла, вистински современи патриоти кои додека ја внесуваат земјата во ЕУ го штитат и промовираат македонскиот идентитет“, истакнува Стевановиќ.
Tаа ги повикува сите македонски демократи „во среда на 8 мај сите кои се за подобра, современа и демократска Македонија да го заокружат бројот 1 за европска Македонија“.
Бојан Маричиќ ја посочува Милена Стевановиќ како „претставник на прогресивното женско движење“.
Маричиќ порачува дека со Стевановиќ, Македонија и македонското општество ќе имаат „напредок на полето на јавното здравје, на полето на женското здравје и машкото здравје“.
„На Собранието и треба Милена Стевановиќ, врвен професионалец кој го предводеше целиот тим на инфективната криза за време на пандемијата од ковид и која во исто време се докажа како храбар и непоколеблив борец за постојано унапредување на правата на жените“, истакнува Маричиќ.
Порачува дека е важен гласот на жените, девојките, демократи и демократки.
„Вашиот глас за СДСМ и за Милена Стевановиќ на овие избори е глас за жените како еднаква силна движечка сила на општеството“, нагласува Маричиќ во заедничката изјава со Милена Стевановиќ, како кандидати за пратеници на СДСМ и на Коалицијата за европска иднина во изборната единица 1.
Македонија
Сообраќајка на патот Радовиш – Штип, сообраќајот во прекин
Од 18:05 ч. сообраќајот на магистралниот пат Радовиш – Штип, во близина на „Алкопласт“, е во прекин поради сообраќајна незгода, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Владата ќе ја одбележи 121 годишнината од смртта на Гоце Делчев
Владата на Република Северна Македонија, на 04.05.2024 година (сабота), ќе ја одбележи 121 годишнината од смртта на Гоце Делчев со положување свежо цвеќе на неговото вечно почивалиште, во црквата „Св.Спас“,Скопје.
По тој повод, во 10:30 часот, свежо цвеќе ќе положи претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, владина делегација предводена од Славјанка Петровска, министерка за одбрана во Владата на Република Северна Македонија, Каја Шукова, министерка за животна средина и просторно планирање во Владата на Република Северна Македонија.