Култура
Утре почнува Скопје синема сити 2022
Со изложбата на фотографии од Ник Кејв на белградскиот фотограф Немања Ѓорѓевиќ утре, во галеријата на Културно информативниот центар (КИЦ), со почеток во 20 часот ќе биде означен стартот на 8. издание на филмскиот фестивал „Скопје Синема Сити“. Неговата изложба насловена како „They Long For the Light of Your Touch” се состои од фотографии од бројните концерти на Ник Кејв во Белгрaд, Загреб и Нови Сад во изминатите неколку години и ќе биде премиерно поставена во регионот.
Артист во фокус на фестивалот е славниот музичар, пејач, поет, изведувач Ник Кејв и на 30-ти јуни, во летното кино „Мирно лето“ на Кинотека на РСМ, фестивалот ќе се отвори со проекција на документарниот филм „Ник Кејв: 20,000 денови на земјата“ на Јан Фoрсајт и Џејн Полард.
Земја во фокус за оваа година е Србија и во селекција на Сандра Ранчиќ директорката на фестивалот Докенритам од Белград на 1 јули ќе бидат прикажани 4 филмови кои освоиле награди на овој фестивал. Во рамките на оваа програма ќе бидат прикажани филмовите „Победниците се досадни,“ „Најважниот дечко на светот,“ „Репетитор“ и „Викторија.“
На 2 јули ќе бидат прикажани филмови од џез и блуз рок жанрот и ќе бидат прикажани филмовите за џез дивата Ела Фицџералд „Една од оние работи“ која се смета за најдобрата џез пејачка на сите времиња. Преку бројни сведоштва и концертни снимки, филмот го прикажува нејзиниот живот од сирак па до најголемата џез ѕвезда. Истата вечер ќе биде прикажан филмот за Рони Вуд, членот на Ролинг Стоунси, чија бурна кариера го сместува со средиштето на музичката револуција во Британија во ‘60те а потоа и со Стоунси до ден денес.
На 4 јули, фестивалот ќе направи ретроспектива на македонскиот режисер Јане Алтипармаков и ќе бидат прикажани неколку негови кратки и долгометражни филмови „Гето 103“ „Бадминтонс“ „Фолтин се јави“ i „The Hip- Reality Overdrive.”
Завршната вечер е посветена на електронската музика со филмот „Сестри со транзистори“ и „Моби: Мобидок.“ „Сестри со транзистори“ ја раскажува историјата на електронската музика но преку жените композиторки чии достигнувања биле од суштинска важност за овој жанр. Филмот е во нарација на Лори Андерсон. Фестивалот завршува со филм за Моби каде на луциден начин е даден портрет на овој уметник и неговите успони и падови во една богата кариера.
Фестивалот е во организација на здружението Номад-Арт Скопје. Изложбата ќе се отвори во 20 часот, додека проекциите во летното кино во Кинотека ќе започнуваат во 20 часот. Автор на дизајнот е на Дијана Димитриевска. Програмата на фестивалот „Скопје Синема Сити“ е поддржан од Агенцијата за филм, Министерството за култура, Кинотека на Северна Македонија, Културно Информативниот Центар, ПР агенција Навигаторс и „Спона“ центарот за култура на србите во Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Подгответе се за магијата на Моцарт – легендарната опера „Дон Џовани“ оживува на сцената на Националната опера и балет на 7 февруари
Едно од најзначајните дела во историјата на оперската уметност, операта „Дон Џовани“ од Волфганг Амадеус Моцарт, по подолга пауза ќе се изведе на сцената на Националната опера и балет на 7 февруари 2026 година, со почеток во 19.30 часот. Ова возбудливо и комплексно оперско остварување, инспирирано од вечната легенда за Дон Жуан, плени со својот драмски контраст – спој на комично и трагично – и со незаборавната музичка генијалност на Моцарт.

Изведбата е под диригентската палка на Џанлука Мартиненги (Италија), во режија на Лев Пуљиезе (Италија). Сценографијата е на Марија Ветероска, костимографијата на Марија Пупучевска, кореографијата на Олга Панго, концерт-мајстор е Климент Тодороски, а хор-мајстори се Јасмина Ѓорѓеска и Ѓурѓица Дашиќ.
Во солистичката екипа настапуваат: Кристијан Федеричи (Италија) во насловната улога Дон Џовани, Јанош Носек (Полска) како Лепорело, Игор Дурловски како Комендаторе, Биљана Јосифов како Дона Ана, Нико Франкини (Италија) во улогата на Дон Отавио, Злата Тошевска како Дона Елвира, Николина Јаневска како Церлина и Драган Ампов како Мазето, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.

„Дон Џовани“ е опера инспирирана од легендата за Дон Жуан, во која Моцарт и либретистот Лоренцо да Понте создаваат сложен и фасцинантен лик што ја отсликува вечната борба меѓу желбата, моралот и одговорноста. Со својата музичка генијалност и длабока психолошка разработка на ликовите, делото и денес силно комуницира со современата публика и го задржува статусот на едно од највлијателните оперски остварувања во светската музичка литература.
Култура
Американска премиера на „Јон Вардар против галаксијата“ во Мајами
Анимираниот филм „Јон Вардар против галаксијата“ во режија и сценарио на Гоце Цветановски, влезе во официјалната селекција на Miami Science Fiction Film Festival, еден од водечките американски фестивали посветени на научната фантастика.
Фестивалот, кој со години привлекува врвни автори и продуценти од целиот свет, е препознатлив по својот фокус на иновативни, визионерски и авторски филмски дела. Во претходните изданија меѓу специјалните гости се најде и Џорџ Р.Р. Мартин, авторот на романите врз кои е базирана глобалната хит ТВ серија Игра на Тронови.

Со селекцијата во Мајами, филмот го продолжува својот успешен фестивалски пат и дополнително ја зацврстува позицијата на македонската анимација на светската сцена. Светската премиера ја имаше во Ситџес, Шпанија, еден од најголемите жанровски фестивали во светот, а досега беше прикажан на повеќе од 40 меѓународни фестивали, каде што освои шест награди.
„Среќен сум што преку овој филм не само што и‘ дадовме на Македонија прво долгометражно анимирано остварување, туку успеавме и да ја ставиме нашата земја на светската мапа на научната фантастика. Нашата национална кинематографија бележи период на невиден подем на светско ниво, и среќен сум што сум дел од оваа мала културна револуција“, изјави Цветановски.

Главните улоги во филмот ги толкуваат Жарко Димоски, Емилија Мицевска и Дамјан Цветановски, арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, сценариото и режијата се на Гоце Цветановски, а продуцент е Алан Кастиљо.
Култура
Објавена книгата „Струмички шерифи“, комедија на струмички дијалект од Ацо Ѓоргиев
„Македоника литера“ неодамна објави драмски текст од струмичкиот автор Ацо Ѓоргиев со наслов „Струмички шерифи“, комедија на струмички дијалект.
Дејството во овој драмски текст е сместено во осумдесеттите години на минатиот век во Струмица. Ѓоргиев на сатиричен, хумористичен, ироничен, провокативен, а во исто време и со груба подбивност, презрив и дрзок однос кон моралните и општествените состојби, отсликува една социјална, урбана и малограѓанска атмосфера на која посебна привлечност и дава нарацијата на струмичкиот дијалект.
Во поговорот на книгата, Даниела Пејева Митева пишува дека Ацо Ѓоргиев „нуди своја естетика, која се базира на иронизирање, употреба на сарказам, па дури и гротескни мотиви во раскажувањето на една навидум обична приказна, со силни пораки за моралното и неморалното во секоја смисла… Доста добар впечаток во драмата оставаат: дијалектниот говор, изнијансираноста на ликовите, богатството на идеите е неусилено и сите идеи и теми се достојни за еден длабински херменевтички зафат. Сите случки во оваа драма не се сосема случајни, туку асоцијативни и контекстуални. Во нив дејствуваат ликови од реалноста, со јасно профилирани карактерни линии. Во ’Струмички шерифи‘ има палета различни ликови, со различни и точно утврдени карактери, кои не само што ја дополнуваат сатиричноста во самата ситуација, туку и ја определуваат и психолошката матрица врз која дејствуваат. Изненадувачки е што авторот Ѓоргиев не ја наметнува својата приказна како стожерна во неговиот наратив, туку преку дејствувањето на ликовите и развојот на дејството го апострофира ’моралното‘. Тука асоцијативно може да се насетат и да се видат апсурдностите од реалноста на секојдневниот живот.“
Ацо Ѓоргиев (1970, Муртино, Струмичко) е афористичар, поет, раскажувач и драмски автор. Тој е меѓу најафирмираните современи македонски афористичари. Автор е на неколку афористички книги, застапуван е во антологиски и тематски збори на афоризми во Македонија и во регионот, учесник на повеќе домашни и меѓународни афористички манифестации.
Добитник е на неколку награди за афоризам. Автор е и на книги со хумористични раскази и анегдоти на струмички дијалект. „Струмички шерифи“ е негов прв драмски текст.

