Македонија
(Видео) Почна самитот на НАТО во Мадрид – Пендаровски ја предводи македонската делегација
Денеска, во Мадрид и официјално почна самитот на НАТО, на кој учествува претседателот Стево Пендаровски и ја предводи македонската делегација.
На свечениот пречек шефовите на делегациите беа поздравени од страна на домаќинот, премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез, и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Претседателот Пендаровски претходно изјави дека овој самит претставува уникатна можност за сите сојузници да ги покажат силата и сплотеноста во однос на нашите тековни и идни задачи.
„Овој самит е посебен и според една друга специфика. Никогаш во историјата на алијансата од 1949 година не бил организиран самит во исто време додека се води војна на европскиот континент. Можете да замислите дека војната во Украина, односно руската инвазија врз Украина ја диктира агендата на самитот, па така до крајот на овој ден треба да го усвоиме новиот стратегиски концепт, кој во целост беше синхронизиран вчера од сите сојузници и, се разбира, би требало да го одобриме меморандумот за разбирање, договорен вчера, и да ги поканиме двете нови земји да ѝ се приклучат на алијансата што е можно побргу по одобрувањето на протоколарните процедури од страна на сите сојузници. Мислам дека ова е вистинско време да покажеме дека постои зголемена солидарност и сплотеност во рамките на алијансата и дека во целост ќе го поддржиме украинскиот народ во одбраната на нивната територија, слободата, во суштина борејќи се за демократските вредности и слободата за сите нас“, изјави претседателот Пендаровски пред официјалниот почеток на самитот.
Денеска и утре, претседателот Пендаровски ќе учествува на трите состаноци на Северноатлантскиот совет, што се одржуваат на ниво на шефови на држави и влади.
На самитот во Мадрид ќе бидат адресирани актуелните безбедносни предизвици и се очекува да биде усвоен новиот стратегиски концепт на НАТО.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови по наместа влажни коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Сите патишта водат кон Будимпешта, со владин авион кај шефот и на море, велат од СДСМ
Главна дестинација на владинот авион е релацијата Скопје-Будимпешта. Дури седум пати летале до шефот, во главниот град на Унгарија, според информациите за летањето на владиниот авион кои ги објавија медиумите, велат од СДСМ.
„Сите во Будимпешта, со владин авион, на консултации и по работни задачи кај шефот.
Наместо да лежи во Идризово, ВМРО му подготвува враќање на Никола Груевски.
Затоа и беа тргнати потпретседателите.
Нема повеќе потпретседатели, нема внатрешна конкуренцијам се расчистува патот за единствениот претседател на ВМРО, Груевски.
Мицкоски е само чувар на фотелјата.
Мора да се обезбеди безбеден терен за враќање на газдата“.
Според опозиционата партија, Мицкоски, Николовски, Силјановска најмногу го користеле владинот авион.
„Толку многу се шета, Мицкоски дури и на Јадран оди со владин авион на капење.
Затоа мора да се купува нов авион, да се даваат милиони евра народни пари“, прашуваат од СДСМ.
Македонија
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните: Во Собранието се одржа јавна расправа
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните
Во Собранието се одржа јавна расправа по конечниот извештај на Државниот завод за ревизија за извршената ревизија на успешност на тема: ,,Можност за употреба на вештачка интелигенција во јавниот сектор”.
Настанот го отвори координаторката на Клубот на младински прашања и политики, Драгана Бојковска, која истакна дека мора да се биде во тек со современите држави кои ги користат ВИ алатките, и во тој контекст информира дека во работата на Собранието е вклучена вештачката интелигенција.
Советникот во ДЗР, Сашо Јаковчевски, кој го презентираше Извештајот, рече дека е потребна сеопфатна дигитална инфраструктура бидејќи имаме растечка база на знаење која може да се вклучи во спроведувањето на вештачката интелигенција во јавниот сектор.
Според државниот ревизор Максим Ацевски, институцијата е лидер по примената на дигитализацијата бидејќи посетеноста на веб-страницата за кусо време пораснала за 6,34 проценти.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, посочи дека Министерството веќе има проекти со кој се очекува да се спроведе вештачката интелигенција во јавниот сектор, која треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните.
Учесниците во јавната расправа посочија дека без правна регулатива може да направи повеќе штета отколку корист. Затоа е потребна национална стратегија, заштита на личните податоци, институционален капацитет и правна заштита.

