Свет
Уапсен осомничениот за убиство на шест лица на парадата во Чикаго
Американската полиција уапси осомничен за убиството на шест лица во масовното пукање на парадата на Денот на независноста во Хајленд Парк, предградие на Чикаго.
„Роберт Е Кримо III (22) е приведен по кратка потера“, соопшти полицијата.
Напаѓачот се качил на покривот и по случаен избор пукал во гледачите користејќи пушка со голема моќност, јавува Би-би-си.
Ова е последното масовно пукање што ги погоди САД. Од почетокот на 2022 година секоја недела има по едно масовно пукање. Претседателот Џо Бајден рече дека е шокиран од насилството.
Неколку часа подоцна двајца полицајци беа ранети во пукање во Филаделфија за време на огномет на 4 јули.
Вооружениот напаѓач отвори оган на парадата, во близина на градот Чикаго, околу 10:15 часот по локално време, само неколку минути по нејзиното започнување.
Гувернерот на Илиноис, Џеј Роберт Прицкер, предупреди дека масовните престрелки стануваат американска традиција.
„Ќе има луѓе кои ќе кажат дека денес не е тој ден, дека сега не е време да се зборува за оружје. Ви велам дека нема подобар ден и подобро време од овде и сега“, рече демократскиот гувернер.
Претседателот Бајден вети дека ќе продолжи да се бори против „епидемијата на оружено насилство“ во земјата.
– Нема да се откажам – рече тој говорејќи пред Белата куќа во Вашингтон.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: Земјите-членки на Одборот за мир ќе обезбедат повеќе од пет милијарди долари за Појасот Газа
Претседателот на САД, Доналд Трамп најави дека земјите-членки на новоформираниот Одбор за мир на првиот состанок в четврток же издвојат повеќе од пет милијарди долари помош за обнова на Појасот Газа.
Трамп на својата социјална мрежа „Трут соушл“ објави дека земјите-членки ветиле дека ќе испратат илјадници сили за стабилизација, одобрени од Обединетите нации и локалната полиција во палестинската енклава.
Тој наведе и дека првиот „формален состанок на групата“, ќе се одржи во Институтот за мир „Доналд Џ. Трамп“, кој Стејт департментот неодамна го преименува по претседателот.
Се очекува да присуствуваат делегации од повеќе од 20 земји, како и шефови на држави.
Свет
Во израелски напади врз Појасот Газа загинаа најмалку 11 луѓе
Во израелски напади врз Појасот Газа загинаа најмалку 11 луѓе. Израел тврди дека нападот е одговор на кршењето на примирјето од страна на Хамас.
Според палестински медицински извори, во израелскиот воздушен напад врз шаторски камп, каде се сместени раселени семејства загинале најмалку четири лица. Во друг напад врз Кан Јунис загинаа пет луѓе, а при напад во северниот дел на енклавата убиен е уште еден човек.
Портпаролот на Хамас, Хазем Касем изјави дека Израел извршил уште еден „масакр“ врз раселените Палестинци, нарекувајќи го инцидентот сериозно прекршување на прекинот на огнот неколку дена пред првиот состанок на Советот за мир на американскиот претседател Доналд Трамп.
Израелски воен претставник наведе дека нападите биле „прецизни“ и во согласност со меѓународното право, додавајќи оти Хамас постојано го крши договорот за прекин на огнот, постигнат во октомври минатата година. Според него, вооружени лица вчера излегле од тунел на израелска страна во областа Беит Ханун.
Касем ги повика учесниците на првиот состанок на новиот меѓународен Совет за мир во Појасот Газа да извршат притисок врз Израел да престане да го крши прекинот на огнот и да го спроведе договорот без одложување.
Свет
Поплави и свлечишта во јужна Италија
Јужниот дел на Италија е погодена од уште еден средоземен циклон што предизвика поплави и лизгање на земјиштето.
Поради бурата Оријана во Калабрија, Сицилија и Сардинија наредена е евакуација на населението.
Италијанската противпожарна служба соопшти дека за 72 часа добиле 2.000 повици за помош.
Оријана ја погоди Италија откако го погоди Иберискиот Полуостров. Тоа е втора бура што ја погоди јужна Италија по циклонот Хари кон крајот на јануари.

