Македонија
Ковачевски: Со францускиот предлог, историјата, јазикот и идентитетот се заштитени

Премиерот Димитар Ковачевски тврди дека во европскиот предлог има дефинирани позиции за прифаќање на македонскиот јазик. Во предлогот македонскиот јазик е чист, еднаков како другите јазици, без фусноти и ѕвездички. Со францускиот предлог, според Ковачевски, историјата, јазикот и идентитетот се заштитени. Пред јавноста и натаму тврди дека протоколот со кој се исполнуваат бугарските желби не е дел од преговарачката рамка. Пред јавноста, тој го повтори тоа што денови претходно го говори. Ковачевски повика да се прифати предлогот, иако невладини организации, македонисти, граѓани на протести повикаа да се одбие.
„Наша обврска ќе биде да работиме на добрососедските односи, со исполнување на Договорот за добрососедство. Протоколот меѓу С Македонија и Бугарија не е нотиран во преговарачката рамка. Европскиот предлог и протоколот се два различни, неповрзани процеси. Преговарачкиот процес ќе можеме да ги реализираме без одлагање. Овој конечен предлог овозможува безусловен старт на преговорите“, додава Ковачевски.
„Главната тема за мене е отворената широка консултација за искористување на една од најповолните позиции во која некогаш сме се наоѓале за остварување на најважната стратешка цел, тоа е влезот во ЕУ. Со сите разговараме за предлог во кој се вклучени забелешките низ јасно изразени ставови. Предлогот со сите документи е јавно објавен, а ќе биде објавен и билатералниот протокол со Р Бугарија. Сакам да изразам благодарност за поддршката што ја добиваме од ЕУ, САД и останатите наши соседи за модифицираниот предлог, за преговарачката рамка. Овој предлог е основа на важното прашање за обезбедување на она што го чекаме. Предлогот е во целост со резолуцијата во Собранието, што покажува дека Владата, јас како премиер ги застапуваме позициите дома и надвор. Тоа државничко однесување даде плод“, посочи Ковачевски.
Билатералните прашања се надвор од преговарачката рамка, повтори одново Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
По 61 година учениците во Црешево ќе добијат спортска сала, Јаневска и Стефковски извршија увид во градежните активности

„Иднината на државата се создава во училиштата и затоа од исклучителна важност е сите деца да имаат пристојни услови за едукација, а нивните наставници да бидат мотивирани и да имаат можности добро да ја извршуваат својата благородна мисија. Како Влада се посветивме на инфраструктурата во образованието и во изминатите 16 месеци вложивме 67 милиони евра – 32 преку Министерството за образование и наука и 35 преку повикот на Владата за распределба на средства кон општините за образовни проекти“.
Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска која денес заедно со градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски извршија увид во изградбата на спортската сала во рамки на ОУ „Наум Охридски“ во Црешево.
„Инвестицијата во спортската сала е токму резултат на добрата соработка помеѓу Владата и општината. Објектот ќе овозможи квалитетна реализација на наставата по физичко образование, но и ќе поттикне поголема физичка активност и спортување на децата по завршувањето на часовите“, рече Јаневска потенцирајќи дека квалитетната спортска инфраструктура придонесува за градење здрави генерации со вистински вредности – со натпреварувачки дух, упорност, тимска работа, емпатија и меѓусебна почит.
Министерката нагласи дека инвестициите во образованието ќе продолжат. Со зголемен буџет за овој ресор, во текот на мандатот Владата ќе изгради уште 30 училишни спортски сали, а ќе се реконструираат 15 постоечки во различни општини.
Градоначалникот Стефковски рече дека по 61 година учениците од Црешево, Виниче и Смилковци кои своето основно образование го поминуваат во ова училиште ќе добијат училишна сала согласно сите европски стандарди. Изрази задоволство од поддршката која ја добива од Владата за модернизација на инфраструктурата во општината, информирајќи дека средствата за овој објект во висина од 34 милиони денари се обезбедени преку владиниот повик за распределба на средства по општини за инфраструктурни проекти. Спортската сала се очекува да биде завршена во втората половина на 2026 година.
Македонија
Граѓаните да се пријавуваат на vakcinacija.mk за вакцинирање против сезонски грип

Во тек е дистрибуција на вакцините против сезонски грип низ јавните здравствени установи, граѓаните може да се пријавуваат на апликацијата vakcinacija.mk. Министерството годинава набави 80.000 дози четиривалентна вакцина од реномираниот производител „Абот“ од Холандија.
Министерството за здравство информира дека е во тек дистрибуција на вакцините против сезонски грип низ јавните здравствени установи, по што во текот на неделава граѓаните што се пријавиле за бесплатна вакцинација ќе бидат известени со СМС порака за терминот за вакцинација.
Вакцинацијата против сезонски грип ќе се спроведува на 35 вакцинални пункта низ државата, од кои пет во Скопје.
„Потсетуваме дека е во тек пријавувањето за бесплатна вакцинација против сезонски грип на ризичните групи население, кои може да се пријават со пополнување на апликацијата vakcinacija.mk на следниот линк: https://vakcinacija.mk/mk/registration-flu или преку својот матичен лекар. Со бесплатната вакцинација се опфатени ризичните категории население: повозрасни лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, деца на возраст од 6 месеци до 5 години, како и лицата сместени во установи за социјална заштита на стари лица и вработените во овие установи“, информира Министерството.
Од таму велат дека вакцинацијата претставува најефикасна превентивна мерка за заштита на здравјето.
Македонија
Утре и в среда посебен сообраќаен режим во Скопје

Утре и в среда посебен сообраќаен режим во Скопје поради официјална посета на претседателот на Република Словачка, Пелегрини и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен
На 14/15.10.2025 година (вторник и среда) во официјална посета на Република Северна Македонија ќе присуствува претседателот на Република Словачка, Н.Е. Петер Пелегрини.
На 15.10.2025 година (среда) во официјална посета на Република Северна Македонија ќе присуствува претседател на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Од тие причини СВР Скопје – Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот по сообраќајниците на поширокото централно подрачје на град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.