Македонија
Шарл Мишел се сретна со Џафери и со координаторите на пратеничките групи
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, се сретна со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, кој престојува во еднодневна посета на земјата. На средбата присуствуваше и aамбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир, и координаторите на пратеничките групи и претставниците на помалите политички партии во Собранието.
Поздравувајќи ја одлуката на претседателот Мишел за посета на земјата во овие моменти со цел да се запознае со разните мислења и ставови, претседателот Џафери посочи дека актуелното раководство и во минатото носело одлуки, кои долгорочно се покажале како правилни за државата и нејзината иднина и дека носи одговорност за донесување стратешки одлуки. Правејќи паралела со помирувањето на Франција и Германија како основа за формирањето на денешната Европска Унија, заклучи дека единствен начин за надминување на билатералните несогласувања остануваат отворениот дијалог и меѓусебното разбирање. Во однос на доставувањето на документите за прифаќањето на преговарачката рамка, претседателот Џафери истакна дека по нив соодветно ќе се пристапи штом бидат доставени до Собранието.
Претседателот Мишел образложи дека доаѓа во име на 27 земји членки на Унијата, кои стојат зад предложената рамка за лично да ги чуе аргументираните и легитимни мислења и резерви на политичките актери нагласувајќи дека има разбирање за фрустрациите и разочараноста во последните години во врска со официјалното непочнување на преговорите. Случувањата во поширокото европско соседство придонесоа за порешителни одлуки на европските лидери во однос на процесот на проширување и спречување трети страни за остварување на нивните интереси, кои се спротивни на интересите на Унијата. Во однос на загриженоста за формулациите во преговарачката рамка, тој појасни дека за македонскиот јазик се упатува јасна порака од Советот на ЕУ дека тој се почитува и сите документи во текот на процесот ќе се преведуваат на македонски јазик. Исто така, потенцира дека добрососедските односи се дел од критериумите и дека е важно тие да бидат надминати, но дека во процесот на преговори се вклучени сите членки на ЕУ, кои будно ќе го следат процесот на преговори.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, искажа благодарност за денешната средба во еден исклучително сензитивен период за државата укажувајќи ја нетранспарентноста во водењето на стратешките прашања како причина за реакциите на пошироката јавност искажувајќи резерва за предлогот со барање да се достави на увид билатералниот протокол со Република Бугарија за да се увери јавноста дали тој е или не е дел од преговарачкиот пакет.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески, посочи дека процесот на преговори е комплексен и го образложи револтот кај граѓаните поради непочитувањето на дадените гаранции по преспанскиот договор и за почеток на преговорите со ЕУ. Граѓаните чувствуваат несигурност дали во оваа преговарачка рамка се последните барања за земјата. Тој искажа поддршка и побара помош од ЕУ во текот на процесот.
Координаторот на пратеничката група на Демократската унија за интеграција, Арбер Адеми, истакна дека пријателите доаѓаат да дадат поддршка во тешки времиња. Тој алармира за напливот на лажни вести во врска со актуелниот предлог, особено за македонскиот јазик и за почетокот на преговорите само за Република Албанија апелирајќи до сите фактори да го прифатат предлогот, со што ќе се стави крај на овие вести и за рационалност во донесувањето вакви важни одлуки.
Претставничката на Алтернативата, Сафије Садики-Шаини, го поддржа актуелниот предлог повикувајќи на државна и општествена кохезија во процесот.
Координаторот на пратеничката група на Алијансата за Албанците, Илире Даути, го наведе нивниот јасен став за донесување стратешки одуки, како членството во НАТО и сега почетокот на преговорите со ЕУ, давајќи поддршка на актуелниот предлог и искористување на моментот за враќање на надежта, особено кај младата популација во земјата.
Претставникот на Беса, Бастри Бајрами, наведе дека земјата нема друга алтернатива, освен членство во Европската Унија и дека даваат јасна поддршка на актуелниот предлог, со апел за зрелост на политичките субјекти за иднината на следните генерации.
Претседателот Мишел се заблагодари за искажаните ставови посочувајќи дека има многу појасна слика за актуелните случувања охрабрувајќи ги политичките лидери да донесат одлуки според сопствените убедувања. Вратата на ЕУ е отворена: сега од вас зависи дали ќе влезете внатре, заклучи Мишел.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје за празникот Водици
На 19.01.2026 (понеделник) Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерството за здравство ги кани на соработка нашите лекари кои работат во странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.

