Македонија
Прва конститутивна седница на Советот на социјална сигурност
Советот за социјална сигурност денеска ја одржа првата конститутивна седница во Министерството за труд и социјална политика.
Министерката Јованка Тренчевска во своето воведно обраќање до членовите на Советот ја истакна улогата на овој Совет која е од големо значење за заштита и промоција на социјалните права и интереси на корисниците на пензија, преку преземање мерки за унапредување на социјалната положба и подобрување на животниот стандард на корисниците на пензија.
„Подобрувањето на квалитетот на живот на старите лица и обезбедување достоинствена старост е еден од приоритетите на Владата на Република Северна Македонија и Министерството за труд и социјална политика. Во таа насока се сите политики и мерки кои заедно со граѓанскиот сектор, ги креираме и имплементираме“, истакна Тренчевска.
Таа се осврна на последните измени на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, со кои се воведе нова методологија на усогласување на пензијата, а ќе почне со исплатата на септемвриските пензии. Согласно измените, пензиите ќе се усогласуваат со комбиниран модел од 50% пораст на просечната плата и 50% пораст на трошоци на живот.
Согласно дневниот ред на денешната седница, се изврши избор на претседател и заменик претседател на Советот за социјална сигурност. За претседател на Советот е избран д-р Стојанче Стефановски, а заменик претседател Станка Трајкова.
На седницата беа изгласани и измени на Деловникот за работа на Советот за социјална сигурност, согласно кои седниците ќе се свикуваат најмалку еднаш во годината, замена на отсутен член на Советот и седниците ќе ги отвора претставник на Министерството за труд и социјална политика.
Пред присутните членови на Советот беше образложена и Информацијата за состојбата со средствата за Солидарен фонд, согласно која средствата за посмртнина кои се исплаќаат од Солидарниот фонд, изминатиот период беа намалени, ќе се враќаат кај граѓаните. Притоа беше образложено дека, настаната ситуација е резултат на зголемениот број на починати пензионери во време на пандемија. При што, Одборот на регистрирана организација за Солидарен фонд донесе времена одлука за зголемување на износот за задршка за посмртна помош и намалување на средствата за исплата за посмртнина на 25.000 денари. Со право на исплата од 5000 денари до редовна исплата од 30.000 денари. Разликата од 5000 денари ќе почне да се исплаќа со јулската исплата на пензии.
Министерката Тренчевска на членовите на Советот им посака плодни и конструктивни седници на ова значајно тело чија цел е заштита и унапредување на социјалните права и интереси на корисниците на пензија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Охрид најкритично во Далјан, се излеа и Кочанска река – извештај за состојбата по обилните дождови
Обилните врнежи на дожд предизвикаа зголемен водостој на реките и локални излевања во повеќе делови од државата, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК), според состојбата до 18:00 часот.
Во Штипско–Кочанскиот регион е регистрирано локално излевање на Кочанска река кај селото Горни Подлог, каде што интервенира КЈП „Водовод“ Кочани со механизација. Оризарска река има излевање кај селото Грдовци, а на терен интервенира Водостопанство „Брегалница“, додека полицијата од Кочани го обезбедува подрачјето и го регулира сообраќајот. Зрновска река се излева пред вливот во Брегалница, а состојбата ја следи Регионалниот центар за управување со кризи. Злетовска река и Брегалница имаат зголемен водостој, но без излевање. На патниот правец Македонска Каменица – рудник Саса се интервенира поради одрон.
Во Охрид, најкритична е состојбата во населбата Далјан по излевање на реката Далја. ЈП „Водовод“, „Нискоградба“ и „Комуналец“ интервенираат со механизација, додека Територијалната противпожарна единица и Дирекцијата за заштита и спасување со пумпи вршат испумпување на водата од поплавените објекти. Регионалниот центар за управување со кризи Охрид ги координира пријавите преку бројот 112. Кај Коселска река, во правец на селата Ливоишта и Вапила, се преземаат мерки за заштита на патниот правец.
Во Кичево, поради претходните врнежи, дел од површините се заезерени, а состојбата со поплавените објекти на улицата „Прилепска“ е непроменета. ТППЕ, ДЗС и ЈП „Комуналец“ вршат испумпување и обезбедување на теренот, додека Општина Кичево и Црвениот крст се грижат за евакуираните лица.
Во Битолскиот регион, во Општина Битола се вршат теренски контроли од страна на РЦУК и општинските служби. ЈКП „Комуналец“ интервенира во населбата Стрчин, „Македонија пат“ расчистува на регионалниот пат Р-2333, а Водостопанство ја следи состојбата на реките Шемница и Црна. Во Ресен и Демир Хисар се врши испумпување и заштита на загрозените површини.
Во Куманово, Липково и Крива Паланка состојбата се следи од РЦУК, општините и Водостопанство, а „Македонија пат“ и комуналните претпријатија вршат превентивно расчистување и посолување на ризични патни делници.
Во Тетово се интервенира со механизација на патиштата кон селото Ѓермо и месноста Бањиче. Во Мала Речица полицијата и инспекциските служби постапуваат по уривање на потпорен ѕид, а во Желино се интервенира по излевање кај реките Стримница и Палатица. На Попова Шапка, по координација со РЦУК Тетово, патот се расчистува со механизација. Во Гостивар, ЈП „Комуналец“ и Водостопанство преземаат мерки по пријавени излевања.
Македонија
ЗНАМ: Одбивањето лидерска средба е признание за политичка слабост
Движење ЗНАМ за Наша Македонија ја поздрави иницијативата на претседателот на Владата за одржување лидерска средба, оценувајќи ја како одговорен и државнички чекор насочен кон стабилност, дијалог и политичка зрелост во, како што наведуваат, клучен момент за државата.
Од ЗНАМ реагираат дека денешната прес-конференција на претседателот на СДСМ, Филипче, покажала отсуство на капацитет и волја за конструктивен политички дијалог, при што, според нив, наместо аргументи се нудат поделби, навреди и неосновани обвинувања.
„Кога се нема аргументи и резултати, се посегнува по стари сценарија – плашење на јавноста, теории на заговор и етикетирање на политичките противници“, се наведува во реакцијата, додавајќи дека, наместо соочување со сопственото минато, СДСМ повторно бега од разговор и се крие зад техничката влада.
Од Движење ЗНАМ за Наша Македонија нагласуваат дека се залагаат за целосно и непречено функционирање на институциите, одговорно носење одлуки и изнаоѓање конкретни решенија во интерес на граѓаните и државата. Според нив, на Македонија ѝ е потребна политичка храброст и зрелост, а не блокади, уцени и калкулации.
Во соопштението се посочува дека иницијативата за лидерска средба претставува можност релевантните политички чинители да покажат одговорност кон државата и граѓаните, при што одбивањето на дијалог, како што наведуваат, е признание за слабост.
ЗНАМ порачува дека останува определено за транспарентност, почитување на демократските процеси и враќање на довербата во институциите, како предуслови за стабилна држава и јасен, одговорен пат на Македонија кон полноправно членство во Европската Унија.
Македонија
Променливо облачно утре, дожд и снег најавени за северозападните делови
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта, во северозападните делови од земјата ќе има повремени врнежи од дожд, додека на планините се очекува снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималните температури ќе се движат од -9 до -2 степени, а максималните од 3 до 9 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со сончеви периоди и слаб променлив ветер. Утринската температура ќе се спушти до -6 степени, а дневната ќе достигне околу 4 степени.
Во наредните денови следува нестабилен период. Во сабота ќе има локални врнежи, на планините и повисоките места од снег, а во пониските предели од дожд и снег. Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови, каде што се очекува и дополнително зголемување на снежната покривка.
Во недела и понеделник ќе дува умерен до засилен северен ветер со брзина над 60 километри на час, а ќе има и повремени локални врнежи од снег. Температурите ќе бидат во опаѓање, при што на одредени места дневните температури ќе останат под нула степени.
Од вторник се најавува период на стабилно и суво време.

