Македонија
Зечевиќ на 15. летен камп на СДММ: Принципите на државотворност и нациoнална гордост се одлика на македонските социјалдемократи
Принципите на државотворност и национална одговорност врз коишто опстојуваат македонските социјалдемократи во исклучителните историски моменти секогаш ја имале клучната улога во носењето исправни одлуки, порача синоќа генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ, на отворањето на петнаесеттиот летен камп „Трајче Нешкоски“ во организација на СДММ.
Осврнувајќи се на актуелната политичка ситуација и европскиот предлог, Зечевиќ истакна дека СДСМ како државотворна партија мора да ги создава доктрините за македонската иднина, како и иднината на целата нација, на државата, која е дел од европската иднина.
„Ние, како партија, мора да бидеме креаторите на новите македонски доктрини, на новиот македонизам, на државниот патриотизам“, посочи Зечевиќ.
Во сите тие процеси, додаде генералниот секретар, клучна улога има и СДММ давајќи свој придонес како што тоа и досега го има правено.
„Повеќе од убеден сум дека ние, како социјалдемократи, ќе опстоиме на континуитетот на креирање и на спроведување национални и европски политики. Тие политики се директно и безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на македонскиот народ. Како елементи за кои не се преговара во кое било време и околности, односно не се дел од преговарачкиот процес. Тој пат ќе го следиме и во иднина, затоа што тоа е нашиот модел за справување со предизвиците. И сето ова нема да биде можно без сеопфатно вклучување во овие процеси на нашата младинска организација. СДММ од секогаш била носител на новите ветришта, предвесник за новите политики. Така треба да биде и во иднина. Младите да го добијат своето место со поголемо учество во одлучувањето, а со тоа и во делот на креирањето нови и свежи политики. Ние овие процеси мораме да ги оставиме отворени и инклузивни за младите. Заеднички да креираме нови теми, да предлагаме решенија, да реализираме проекти… Имаме многу за работа.
Младите носат свежи идеи, нов елан, младешка дрскост. Вие сте тие коишто ќе бидат носители на нашите политики во следните децении.
Затоа, бидете бунтовни, бидете агилни, бидете пркосни“, порача Зечевиќ во своето обраќање на 15. летен камп „Трајче Нешкоски“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по претежно влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози, но поради врнежите од снег се препорачува внимателно возење, соопштуваат од Авто-мото Сојуз на Македонија. Дополнуваат дека интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата. Појава на магла и намалена видливост до 100 метри има на планинските премини Ѓавато и Стража.
Покрај внимателно и совесно управување со возилата, се препорачува задолжително употреба на зимска опрема, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и прилагодена брзина согласно условите на патните правци.
Исто така се препорачува навремено информирање од страна на сите информативни центри за условите и сообраќајот на државните патишта.
-Кооридинираните активности на надлежните институции продолжуваат и во текот на наредниот перидод, со цел да се обезбеди непречено и безбедно одвивање на сообраќајот, велат од АМСМ.
Потсетуваат дека од 15 ноември 2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Од АМСМ информираат дека интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Сезонски режим на сообраќај има на патниот правец Охрид – Ресен преку националниот парк Галичица каде што од од 21.11.2025 до 31.03.2026 година се затвора за сообраќај за сите видови возила.
Македонија
Тошковски вели дека Безбеден град не познава имиња, функции или позиции, туку евидентира прекршок
Овој систем го развиваме со единствена цел за зголемување на безбедноста во сообраќајот и намалување на сообраќајните незгоди, повредите и загубените човечки животи, истакна министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во Фејсбук објава, информирајќи дека денеска бил на терен, на локација, каде што се спроведува финалната верификација на камерите за автоматска детекција на сообраќајни прекршоци како дел од проектот „Безбеден град“.
Тој нагласи дека во оваа фаза се врши проверка на точноста на мерењето на брзината, при што утврдените отстапувања се минимални и значително под законски дозволената толеранција, што гарантира сигурност и доверливост на системот.
Во првата фаза, додава Тошковски, камерите ќе бидат ставени во функција на локации со зголемен ризик, а во текот на годината системот постепено ќе се проширува на целата територија на државата. Паралелно, вели министерот, ќе бидат активирани и возила на МВР опремени со мобилни камери, особено на т.н. црни точки.
-Овој систем не гледа кој сте, туку што сте направиле. Тој не познава имиња, функции или позиции туку евидентира исклучиво прекршок. Законот важи еднакво за сите и само на тој начин ќе постигнеме поголема сообраќајна дисциплина и повеќе спасени човечки животи, нагласи Тошковски.
Македонија
Од ноќеска обилни дождови
Под влијание на циклонска активност во текот на ноќта и утре ќе има врнежи од дожд, што наместа ќе бидат пообилни – над 30 литри на квадратен метар, проследени со ретки грмежи. На планините, врнежите ќе бидат од снег, информираа денеска од Управата за хидрометеоролошки работи.
– Во вторник претпладне сè уште во источните делови ќе има слаби врнежи од дожд во пониските и дожд и снег на повисоките места и на планините. Попладне времето ќе се стабилизира, а во среда кон крајот на денот и во четврток, повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на планините од снег, соопштија од УХМР.
За во Скопје, најавено е утре, почнувајќи од утринските часови, да има повремени врнежи од дожд, што попладне и во текот на ноќта ќе бидат пообилни. Се очекува слаб до умерен ветер од југоисточен правец.

