Македонија
Трајанов: Добивме нецела страница, Џафери не може да дозволи расправа за информација што не го задоволува деловникот
Нецела страница добивме вчера, мислам дека е тоа несериозен и неодговорен пристап. Претседателот на Собранието Талат Џафери не може ова да го прифати како информација зашто не ги задоволува деловничките критериуми за Собранието да може да расправа, изјави Павле Трајанов, претседателот на Демократски сојуз, во врска со информацијата за содржината на предлог-преговарачката рамка за пристапните преговори на земјава со Европската Унија која Владата вчера ја прати во парламентот.
„Не е упатно пратениците да немаат вкупен материјал пред себе за да може да разговараат, а Владата чека поддршка. Сугерирам информацијата да се обликува како што треба согласно деловникот и во прилог да бидат трите документи – Предлог-заклучоците на Советот на Европа, воведната изјава на Советот на ЕУ и Преговарачката рамка. И независно од тие три, мора сите да го видиме Протоколот кој е усогласен, можеби веќе одобрен од министерствата за надворешни работи на Бугарија и Македонија, бидејќи во тој Протокол се содржани клучните елементи на кои се обврзува Македонија. Нема потреба да се крие од јавноста, да се отвори расправа за него, зашто тоа е пакет на документи што во основа треба да ги спроведува Република Македонија, независно оваа или некоја следна влада“ – истакна Трајанов на прес-конференција.
Лидерот на Демократскиот сојуз рече дека неговата партија се залага за расправа во Собранието, а претходно да се подготват заклучоци кои ќе бидат прифатливи за сите, посебно за ВМРО-ДПМНЕ. Додаде дека е клучно дали ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ќе се усогласат околу предлог-заклучоците во кои ќе бидат интегрирани сите барања прифатливи за сите и тие да бидат донесени со општ консензус. Во спротивно, рече, неговата партија нема да учествува во собраниска расправа.
„Не верувам дека би било во ред парламентот да донесе заклучоци со надгласување ако нема поширок консензус помеѓу пратеничките групи, односно политичките партии. Ние нема да учествуваме во расправа во Собранието ако претходно не се договорат заклучоци кои ќе бидат прифатливи. Тоа да биде обврска на Владата, таа да направи обид овие сугестии да ги имплементира, да разговара со Бугарија, со ЕУ, веројатно и со САД, да направат обид за корекции на преговарачката рамка“ – изјави Трајанов.
Лидерот на Демократски сојуз рече дека од повеќе извори добил, како што рече, коментари, дека вчера имало „обиди или подготовки за рушење на Владата“, дека тие информации ги разгледувал и државниот врв, но смета дека веројатно се работи за шпекулации.
„Читам по медиумите и порталите дека бил спречен државен удар во текот на вчерашниот ден, јас немам изворни информации дека имало подготовка за државен удар, односно пад на Владата. Колку што имам информации, немало такви подготовки, но тоа не можам да го потврдам. Се надевам релевантни информации имаат службите и дека Владата ќе биде информирана за сите овие коментари во јавноста кои можеби се само шпекулација“ – рече Трајанов.
Анита
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова ги прими акредитивите на новоименуваната кинеска амбасадорка Џианг Сјаојен
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваната амбасадорка на Народна Република Кина, Џианг Сјаојен.
Обете изразија задоволство од квалитетот на македонско-кинеските односи, втемелени на заемна почит и разбирање.
За Сиљановска-Давкова, забрзаната интеграција во Европската Унија е македонски стратешки приоритет, а дијалогот – единствен начин за решавање на регионалните и глобалните проблеми и предизвици.
Пренесувајќи ги срдечните поздрави од претседателот Си Џинпинг и изразите на највисоко почитување од кинеската влада и народ, кинеската амбасадорка истакна дека Народна Република Кина е наш искрен, доверлив и сигурен пријател којшто ги почитува суверенитетот на македонската држава и достоинството и интегритетот на македонскиот народ.
Претседателката ги поздрави активностите на Катедрата за македонски јазик, при Универзитетот за странски студии во Пекинг.
Соговорничките препознаа неискористен потенцијал за проширување и продлабочување на соработката во економијата, образованието, културата, науката и туризмот.
Тие веруваат и го поддржуваат ефективниот мултилатерализам, чијшто центар на одлучување ќе бидат реформираните Обединети нации.
Македонија
Ѓорѓиевски најави: Вечерва почнуваат 72 часа за чистење на секој агол на Скопје
Новиот градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, кој денеска ја презеде функцијата од неговата претходничка, Данела Арсовска, најави дека вечерва во 20 и 30 часот почнува големата акција за чистење на градот.
„Од овој ден испишуваме ново поглавје во историјата на нашиот град. Поглавје исполнето со работа, посветеност и резултати. Ветивме дека ќе работиме чесно, одговорно и без одлагање и тоа започнува веднаш! Во 20:30 часот започнува големата акција за чистење на градот. Во следните 72 часа ќе го исчистиме секој агол, секоја улица, секој запуштен простор. Скопјани повеќе нема да живеат во запуштеност ќе живеат во град достоен за нив. Тоа е она што го ветив пред вас и за што цврсто стојам!“, објави Ѓорѓиевски.
Тој, исто така, кажа дека ги отстранил и рампите кај Град Скопје.

„Ги отстранивме и рампите. Скопје повеќе нема да биде затворен град, сега е отворен и за медиумите и за сите граѓани“, објави новиот градоначалник.
Ѓорѓиевски најави и целосна ревизија на работата на градската администрација и ветува дека секој кој не ја извршувал својата работа, ќе си замине, а секој чесен, вреден и одговорен работник ќе биде награден и почитуван.
Македонија
Сиљановска-Давкова ги прими акредитивите на новоименуваниот амбасадор на Швајцарија, Кристоф Зомер
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Швајцарската Конфедерација, Кристоф Зомер.
Соговорниците ја оценија тридецениската соработка како пријателска и плодна, изразувајќи решеност и подготвеност за нејзино проширување и продлабочување.
Претседателката му се заблагодари на швајцарскиот амбасадор за континуираната поддршка на македонската евроинтеграција. Исто така, таа и оддаде признание на Швајцарија за бројните и вредни донации во областа на заштитата на младите и жените, животната средина, како и во зајакнувањето на инклузивноста и одговорноста.
За швајцарскиот амбасадор, стоилјадната македонска дијаспора е вреден и почитуван актер во швајцарското општество.
Мултилатералната соработка, особено врзана за кандидирањето на престижни позиции двајцата ја сметаат за корисна, конструктивна и успешна.

