Спорт
Мораше повторно да научи да оди, а сега пак ќе игра во НБА лигата

Австралискиот кошаркар Арон Бејнс, кој на минатогодишните Олимписки игри во Токио заработи мистериозна повреда поради која повторно мораше да научи да оди, целосно се опорави и сака да се врати во НБА, каде што игра од 2013 година.
Искусниот центар, висок 208 сантиметри, истрча од клупата на натпреварот од групната фаза против Италија и не се врати, а беше пронајден во соблекувалната раскрвавен и без свест. Кога се разбудил, не можел да оди. Не е познато дали несреќата е поврзана со падот на тренинг три дена претходно, кога тој удрил со главата и вратот на подот.
Се испостави дека внатрешното крварење му вршело притисок на ‘рбетниот мозок, но по неколкумесечна рехабилитација, која вклучуваше ризичен лет од Јапонија до Австралија со специјален медицински авион, тој целосно ги обнови сите моторички функции и се чувствува подготвен да се врати на највисоко ниво.
Сега 35-годишниот центар е во Лас Вегас, каде што огромното мнозинство НБА клубови играат во Летната лига и каде може да се докаже и да ја продолжи кариерата во најсилната лига на светот.
Бејнс пристигна во НБА во 2013 година од Олимпија Љубљана, а играше за Сан Антонио, Детроит, Бостон, Феникс и Торонто, со просек од 6,0 поени и 4,6 скока на 522 натпревари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
(Видео) Хамбург слави – ХСВ се врати во Бундеслига

Хамбург го слави враќањето на ХСВ во најсилната лига на германскиот фудбал. Седум години по елиминацијата славниот клуб повторно е дел од елитата во која се внедри во голем стил – победа од 6:1 против Улм пред околу 60.000 луѓе на “Фолксарк” стадион.
Тимот од најголемото германско пристаниште остана на прво место, но не го обезбеди. Тоа ќе може да го направи во последното коло против Гројтер Фирт.
Близу до пласман во највисокиот ранг е и Келн, кому му е потребен бод во последните деветдесет минути фудбал за математички да ја обезбеди таа цел.
Десетина илјади навивачи извршија инвазија на теренот во Хамбург откако судијата свирна крај на мечот со Улм.
Спорт
Александар Сорлот даде три гола за 3 минути и 57 секунди и испиша историја на шпанскиот фудбал

Александар Сорлот, напаѓач на Атлетико Мадрид, испиша историја на шпанскиот фудбал. Сорлот постигна четири гола во првите 30 минути од мечот помеѓу Атлетико и Реал Сосиедад.
Првиот гол го постигна во седмата, вториот во десетата, а третиот во 11. минута, со што веќе ги испиша првите страници на историјата на овој натпревар, бидејќи постигна најбрз хет-трик во историјата на Ла Лига.
Три гола за 3 минути и 57 секунди. Оние кои мислеа дека тоа ќе му биде доволно на 29-годишниот Норвеѓанец, се излажаа. Сорлот постигна гол и во 30. минута од мечот, правејќи нешто што никој никогаш не го направил, со четири гола во првите половина час фудбал.
Не помина ни година од последниот меч во кој овој играч постигна четири гола – тоа беше на 19. мај против Реал Мадрид минатата сезона, во дресот на Вилјареал.
Спорт
Недеви на карате семинар во Виндзор, Англија

Македонските каратисти предводени од Венцислав, Дејан и Аљоша Недеви викендов учествуваат на врвен карате семинар во Винздор, Англија.
Семинарот го водат Такаши Оиши 9 дан, шеф инструктор на Јапонија и повеќекратен светски шампион во традиционално карате во ИАКФ/ИТКФ. Масао Кавазое 8 дан, шеф инструктор на Англија и Такаши Наито 8 дан, шеф инструктор на Италија.
Сите тројца се врвни карате мајстори членови на ИТКФ и ЈКА едни од првите и најмасовните карате организации во светот. Дејан Недев и овој пат беше еден од главните асистенти на карате семинариот во Винзор. На семинарот учествуваат над 500 каратисти од цел свет, а Македонија ја преставуваат: Камелија, Филип и Тадеј Недеви.