Свет
Убедлива победа на партијата на убиениот Шинзо Абе
Владејачката коалиција предводена од моќната Либерално-демократска партија на Јапонија обезбеди мнозинство на изборите за горниот дом на парламентот.
Изборите се одржаа само два дена по шокантниот атентат на поранешниот премиер Шинзо Абе.
Владејачката коалиција на Либерално-демократската партија и партијата Комито триумфираа на изборите за приближно половина од местата во горниот дом на парламентот што се одржаа вчера во Јапонија освојувајќи 76 од 125 места.
Дури 63 места ѝ припаднаа на самата ЛДП, чиј долгогодишен лидер беше трагично загинатиот поранешен премиер Шинзо Абе, кој минатиот петок беше убиен од 41-годишниот атентатор Тецуја Јамагами за време на говор како дел од предизборната кампања на улица во градот Нара.
Владејачката коалиција сега има 146 од вкупно 245 пратеници во горниот дом на парламентот. Таа исто така има апсолутно мнозинство во долниот дом на парламентот, каде што ЛДП има просто мнозинство самостојно.
Премиерот Фумио Кишида најави дека неговата влада ќе се посвети на ограничување на инфлацијата. Тој исто така рече дека во следните пет години земјата драстично ќе ја подобри одбранбената моќ на земјата и дека нема да ги исклучи опциите, како што е стекнување способности за контраудар со долг дострел.
Ова до неодамна беше табу-тема во Јапонија бидејќи преовладувачкото толкување на пацифистичкиот устав усвоен во 1947 година веднаш по капитулацијата во Втората светска војна и за време на американската окупација диктира дека Токио во својот арсенал не може да вклучува офанзивно оружје и алатки, како што се проектили со долг дострел или носачи на авиони.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Се бараат оставки поради трагедијата во Домот за пензионери
Голем број граѓани на Тузла денеска излегоа на улиците на градот и одржаа протест, изразувајќи го своето незадоволство поради трагедиите и скандалите што го погодија Тузланскиот кантон.
Пожарот што избувна во вторникот во Домот за пензионери во Тузла однесе 13 животи, а 12 пациенти сè уште се наоѓаат во болница. Како што беше утврдено, жртвите починале од труење со јаглерод моноксид.
Една седмица претходно, Тузланскиот кантон го потресе случајот со подведување малолетнички, за што се осомничени полициски службеник и еден професор. Нивното подведување траело неколку месеци во текот на минатата и оваа година.
Присутните граѓани од Тузла, но и оние кои допатуваа од други градови на Босна и Херцеговина, денеска побараа оставки од надлежните.
Свет
Три девојки планирале терористички напад во Париз
Девојки на возраст од 18, 19 и 21 година, беа уапсени и обвинети за терористичка завера и планирање напад во Париз, соопштија денеска истражните органи.
Како што е наведено, тие неколку недели планирале насилен терористички напад врз кафуле или концертна сала во Париз, јави РТЛ.
Апсењето и обвинението против трите жени е резултат на истрагата на Националното обвинителство за борба против тероризмот, која беше успешно завршена пред 10-годишнината од смртоносниот терористички напад на 13 ноември 2015 година во Париз.
Свет
Се запали магацин за парфеми во Турција, загинаа шест лица
Најмалку шест лица загинаа, а две се повредени во пожар што утрово избувна во магацин за парфеми во градот Диловаси, во северозападниот дел на Турција.
Според снимките што ги емитуваше турскиот канал НТВ, изгореле два ката од зградата во која се наоѓале магацинот и работилницата за производство на парфеми.
Засега нема информации за тоа што го предизвикало пожарот.

