Европа
Бајден пристигнува во прва посета на Блискиот Исток, главна тема е иранската нуклеарна програма

Американскиот претседател Џозеф Бајден ќе ја оствари својата прва посета на Блискиот Исток со цел да ги увери официјалните лица на Израел и Саудиска Арабија дека ќе се обиде да го спречи Иран да добие нуклеарно оружје.
Посетата на Бајден почнува во Израел околу 15.30 часот по локално време (14.30 часот по средноевропско време) кога се очекува претседателскиот авион да слета на меѓународниот аеродром „Бен Гурион“ во близина на Тел Авив. Бајден ќе биде пречекан од израелскиот претседател Исак Херцог и премиерот.
Израелските власти најавија дека нуклеарната програма на Иран ќе биде во фокусот на нивните разговори.
Бајден има намера да го оживее нуклеарниот договор со Иран, постигнат со посредство на Барак Обама во 2015 година и напуштен од Доналд Трамп три години подоцна.
Индиректните преговори за повторно влегување во договорот сега се во застој, а Иран успешно ја развива својата нуклеарна програма.
На почетокот на посетата на Израел се очекува на Бајден да му биде врачен новиот израелски противракетен одбранбен систем „Железен зрак“ и да го посети меморијалниот центар на холокаустот „Јад Вашем“ во Ерусалим.
Тој ќе се сретне одделно првин со израелски, а потоа в петок на Западниот Брег со палестински претставници, пред да отпатува од Тел Авив директно во Џеда во Саудиска Арабија.
На Бајден ќе му биде доделен Претседателскиот медал на честа на Израел и ќе ги посети американските спортисти што учествуваат на Макабија, еврејската Олимпијада, со илјадници еврејски и израелски спортисти од светот.
Во пресрет на посетата на Бајден израелските власти најавија дека САД и Израел ќе ја објават „Ерусалимската декларација“ и ќе заземат цврст став против иранската нуклеарна програма.
Декларацијата ќе ги обврзе двете земји да ги искористат сите елементи на нивната национална моќ против иранската нуклеарна закана, изјавил неименуван израелски претставник.
Бајден треба да ја претстави визијата на неговата администрација за Блискиот Исток во Џеда, објави Белата куќа.
Собирот ќе му овозможи да им се обрати не само на Саудијците туку и на лидерите на Бахреин, Кувајт, Оман, Катар и Обединетите Арапски Емирати, како и на Египет, Ирак и Јордан, кои не се членови на Советот.
Израелските власти се надеваат дека посетата на Бајден може да претставува пресвртница во бавниот пат кон нормализација на односите меѓу Израел и Саудиска Арабија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Шефот на НАТО: Топката сега е во дворот на Путин

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека „топката сега е во дворот на Путин“ по учеството во видеоповик со американскиот претседател Доналд Трамп, украинскиот претседател Володимир Зеленски и европските лидери.
Great call with @POTUS, @ZelenskyyUA & European leaders ahead of President Trump’s meeting with Putin in Alaska. We are united in pushing to end to this terrible war against 🇺🇦 & achieve just and lasting peace. Appreciate @realDonaldTrump leadership & close coordination with…
— Mark Rutte (@SecGenNATO) August 13, 2025
„Ние сме обединети во нашите напори да ја завршиме оваа ужасна војна против Украина и да постигнеме праведен и траен мир“, објави Руте на социјалните мрежи.
„Го ценам лидерството на Трамп и тесната координација со сојузниците. Топката сега е во дворот на Путин“, додаде тој, осврнувајќи се на претстојната средба меѓу Трамп и Путин во Алјаска.
Европа
Европските лидери ги пофалија разговорите со Трамп пред средбата со Путин

Европските лидери ги поздравија разговорите со американскиот претседател Доналд Трамп пред неговиот самит со рускиот претседател Владимир Путин, велејќи дека во голема мера ги делат целите на состанокот во петок – кој започнува со постигнување прекин на огнот во Украина.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон пренесоа заеднички европски став дека одлуките за Украина не можат да се донесат без Украина, нагласувајќи дека таа мора да биде вклучена во секоја конечна одлука. Тие, исто така, ја поддржаа идејата за можен иден трилатерален самит со Трамп и Путин.
Мерц рече дека има „надеж дека нешто се движи“ и изрази растечки оптимизам за можен мировен договор.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика партнерите да го зголемат притисокот врз Русија, велејќи дека Путин „блефира“ кога тврди дека санкциите не влијаат на руската економија.
Лидерите на ЕУ и НАТО го поддржаа заедничкиот пристап, велејќи дека „топката сега е во дворот на Путин“ и дека Украина излегува посилна од овие консултации со САД.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, исто така, реагираше оптимистички, опишувајќи ги разговорите како „многу добри“.
„Денес, Европа, САД и НАТО ја зајакнаа заедничката платформа за Украина. Ќе останеме во тесна координација. Никој не сака мир повеќе од нас – праведен и траен мир“, рече фон дер Лајен.
Европа
Зеленски не го промени својот став за територијалните отстапки

На прашањето дали го променил својот став за предавањето на источниот регион Донбас по денешните разговори, украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека не го променил.
„Мојот став не се променил бидејќи се заснова на украинскиот устав, а украинскиот устав не се променил“, истакна тој.
„Не може да се дискутира за никакви прашања што се однесуваат на територијалниот интегритет на нашата земја без почитување на нашиот народ, волјата на нашиот народ и украинскиот устав“, додаде тој.
Во воведот на своето обраќање, Зеленски му се заблагодари на германскиот канцелар Фридрих Мерц за денешното гостопримство и за поширокиот придонес на Германија кон безбедноста на Украина.
Тој рече дека сите лидери што се сретнаа денес ја изразија својата желба за „мир во Украина, мир во Европа“. Тие се согласија за низа принципи пред средбата меѓу Доналд Трамп и Владимир Путин во петок и нагласија: „Она што ја загрижува Украина мора да се разговара со Украина“.
Зеленски рече дека Трамп поддржува прекин на огнот и безбедносни гаранции за Украина, додавајќи: „Русија не треба да има вето врз изгледите на Украина за членство во НАТО“.
„Треба да има заеднички притисок врз Русија, треба да има санкции и јасна порака дека ако Русија не се согласи на прекин на огнот во Алјаска, овој принцип мора да се примени“, рече тој.
Тој рече дека им рекол на Трамп и на европските лидери дека „Путин блефира – се обидува да напредува по целата фронтова линија“ и дека блефирал и кога тврдел дека санкциите не влијаат врз него. „Всушност, санкциите се многу ефикасни и ѝ штетат на руската воена економија“, рече Зеленски.
Тој додаде дека на состанокот јасно ставил до знаење дека „Путин не сака мир – сака да ја окупира нашата земја“ и повика на санкции од САД и Европа, кои ги гледа како клучна алатка за „запирање на војната на Путин“.
За состанокот меѓу Трамп и Путин, тој рече: „Се надеваме дека централната тема ќе биде прекин на огнот. Американскиот претседател го кажа тоа неколку пати. Ми предложи, по состанокот во Алјаска, веднаш да стапиме во контакт, да ги разговараме резултатите – доколку ги има – и да се договориме за понатамошни чекори“.
фото: принтскрин