Македонија
Павле Трајанов ги објави заклучоците за францускиот предлог
Претседателот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, ги објави предлог-заклучоците за францускиот предлог, кои ги предлага до Собранието.
Предлог-заклучоците ви ги пренесуваме во целост:
1. Собранието на Република Македонија, поаѓајќи од стратешките и националните интереси за членство на Република Македонија во ЕУ, ја охрабрува Владата на Република Македонија да ги продолжи разговорите со Европската Унија со цел да се деблокираат евроинтеграциските процеси, да се усвои Преговарачка рамка во која ќе бидат вградени европските принципи и стандарди, како и Копенхагенските критериуми согласно со спецификите и постигнатите резултати на Република Македонија.
2. Се задолжува Владата на Република Македонија, доследно да се придржува кон определбата за безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на македонскиот народ, како елементи за кои не се преговара. Преговорите да се водат врз основа на рамноправна и принципиелна основа, почитувајќи ги нормите на меѓународното право со безрезервно почитување на достоинството и посебноста на македонскиот народ, како и во целосна согласност на Резолуцијата усвоена од Собранието на Република Македонија, на 29 јули 2021 година.
3. Се задолжува Владата на Република Македонија во документите (Општ став на ЕУ, Преговарачка рамка, Заеднички став на ЕУ и Заклучоци на Советот на ЕУ) да се заложи Советот на ЕУ да ги вгради следните предлози:
А. Во Општиот став на ЕУ (Воведна изјава на ЕУ за отворање на пристапните преговори), во точка 3 да се избришат зборовите: „Во однос на преводите на acquis-правото на ЕУ на македонски јазик, ЕУ ги зема предвид соодветните еднострани декларации на Бугарија и Македонија за македонскиот јазик.“
Се додава нов став: „По приемот на Република Македонија за полноправно членство во ЕУ, македонскиот јазик станува службен јазик, без какви било можности за негово оспорување од страна на ЕУ или нејзина членка.
Б. Од преговарачката рамка, да се изостават билатерални прашања наметнати од Бугарија. Во оваа насока во точка 5, во последната алинеја да се избришат зборовите: „како и годишните прегледи и мерки за негово ефективно спроведување, според член 12“.
На овој начин, протоколите кои ги потпишуваат Република Македонија и Бугарија ќе бидат обврзувачки за двете држави, без да се инволвира во нив ЕУ во целина.
В. На првата меѓувладина конференција да се усвои преговарачката рамка, со што ќе почнат пристапните преговори, скрининг-процесот, а потоа и отворање на поглавјата, без дополнителна меѓувладина конференција.
Во документот Заеднички став, од точка 1 да се избришат зборовите „првата фаза од“, целосно да се избрише точка 11, бидејќи е непотребна доколку Советот на ЕУ ја усвои Преговарачката рамка.
Во точка 13 да се избришат зборовите „Откако Македонија ќе ги исполни релевантните критериуми договорени од Советот“, а во точка 14 да се избришат зборовите „Во таа насока, го поздравуваме договорот за Протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија, формирана согласно со член 12 од овој договор“.
Г. Во предлог-заклучоците на советот на ЕУ, да се избрише точка 3, бидејќи се однесува на Протоколот од вториот состанок на меѓувладината комисија формирана според член 12 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија.
Д. Советот на Европската Унија во заклучоците во точка 3, да дефинира обврска, Република Бугарија да ги имплементира одлуките на Меѓународниот суд за човекови права во Стразбург, поврзани со правата на Македонците во Бугарија.
4. Се задолжува Владата на Република Македонија континуирано да го информира Собранието на Република Македонија за конечната усогласена Преговарачка рамка и другите документи коишто ги усвојува Советот на ЕУ, дали и кои предлог-заклучоци на Собранието на Република Македонија се вградени во овие документи, како и за текот на преговорите во целина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Mozzart во 2025: Година во знакот на хуманост
На крајот од 2025 година, компанијата Mozzart повторно ја потврди својата мисија – да биде таму каде што е најпотребно. Со дела што носат надеж, радост и иднина, Mozzart ја испиша оваа година како вистинска приказна за хуманост.
Годината започна со блескавата победа на младата шампионка во боречки вештини Даниела Алекосовска, која со златото ја претстави Македонија на најубав начин.

Паралелно, кампањата „Ги поддржуваме ретките болести“ донесе надеж и охрабрување за семејствата кои секојдневно се борат со големи предизвици.

Вработените во Mozzart со еко акции засадија нов живот на изгорените површини и ја вратија убавината на излетничкото место Кучково. Секоја засадена гранка беше симбол на надеж, секој исчистен простор – симбол на заедништво.

Годината ја обележа изградбата на три мини пич терени во Охрид, Велес и Свети Николе, кои донесоа радост кај младите спортисти. Секој терен носи име на македонски фудбалски херој, Гоце Толески, Панче Ќумбев и Бобан Бабунски, и претставува место каде соништата стануваат гол.
Mozzart ја покажа својата хуманост и во најчувствителната област – здравството. На Клиниката за детски болести беше целосно опремена нова соба за физикална терапија за децата со цистична фиброза. Болницата „Борка Талевски“ во Прилеп доби апарат за преглед на мозок кај новороденчиња. Болницата во Битола беше опремена со нови медицински инструменти, а најголемата донација која ја заокружи годината беше во Болницата „Свети Еразмо“ во Охрид, каде е дониран специјален апарат – борер со приклучоци за операционата сала, големи и значајни донации што носат живот и надеж.

Со поддршка и учество на OCR трката и тим од осум натпреварувачи, Mozzart уште еднаш покажа дека спортот е сила што обединува и инспирира.

Секоја акција, секоја донација и секој проект ја потврдуваат визијата: да се биде таму каде што е најпотребно.
Со големи дела и искрена хуманост, Mozzart ја завршува 2025 година – и со истата сила, со истата љубов, чекори во новата 2026 година, подготвена за уште повеќе добрини и победи.
ПР
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Имаме најниско покачување на струјата во Европа, СДС и Филипче треба да се извинат што го лажеа народот
Уште една лага на СДС распрсната, нема покачување на струјата како што тврдеа, имаме најниско покачување во Европа, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
СДС, додаваат од владејаќката партија, тврдеше дека државата ќе има поскапување на струјата од цели 5%.
„Се потврди дека станува збор за уште една голема лага. Покачувањето е 2,28% и е најниско во Европа. Владата реши да ја субвенционира електричната енергија и со тоа директно да го заштити стандардот на граѓаните“.
Од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека СДС и Филипче треба да се извинат што, како што велат, го лажеа народот и граѓаните и споделуваа црни сценарија.
Македонија
На Клиниката за пластична хирургија извршени две сложени микрохируршки операции
На Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија се извршени две исклучително сложени микрохируршки операции кои траеја од 6 до 12 часа и бараа највисок степен на подготовка, експертиза, прецизност и тимска координација, информираат од Министерството за здравство. Операциите, како што е соопштено, се извршени под менторство на проф. д-р Јан Јерун Вранкс од Белгија, истакнат европски и светски експерт во областа на реконструктивната микрохирургија и визитинг професор на Медицинскиот факултет во Скопје.
– Овие интервенции се доказ дека кога во нашите клиники се вложува во знаење, современи техники и тимска работа, резултатите се на ниво на најдобрите европски центри. Благодарен сум за поддршката и менторството од проф. д-р Јан Јерун Вранкс и горд на целиот тим на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија, затоа што со вакви зафати влијаеме на враќање на довербата во квалитетот на услугите кои граѓаните може да ги очекуваат од јавното здравство, вели министерот за здравство Азир Алиу.
Директорката на Клиниката, д-р Јасмина Ѓоргиевска Павловска истакна дека интервенциите претставуваат огромен чекор кон развојот на современата реконструктивна микрохирургија во нашата земја.
– Успешно извршените интервенции се уште една потврда за способностите и стручноста на домашниот медицински кадар и на мотивираната соработка со светски експерти како проф. д-р Ј.Ј. Вранкс, кој нè води и насочува со ентузијазам и амбиција кон една фасцинантна ера за македонската реконструктивна пластична хирургија“, посочува директорката.
Постоперативно, двајцата пациенти се во стабилна и добра општа состојба.
– Кај еден од пациентите е третиран комплексен дефект на носот по ресекција на тумор. Изведена е целосна тродимензионална реконструкција на носот. Операцијата вклучуваше употреба на ’рскавица за формирање носна структура и слободен кожен резен кој ги обложува овие структури како и подот на носот, со неопходно спојување на крвни садови под микроскоп. Овој вид реконструкција, изведена во еден оперативен чин, е исклучително редок дури и на светско ниво, појаснува д-р Бисера Николовска, раководител на одделот за микрохирургија и реконструктивна хирургија.
Од Клиниката нагласуваат дека успешните интервенции се резултат на заедничката работа и посветеност на мултидисциплинарен тим составен од:
пластични хирурзи: науч.сор. д‑р Бисера Николовска, ас. д‑р Гордана Георгиева, ас. д‑р Благоја Србов, како и специјализантите: д‑р Јасмина Добревска, д‑р Елизабета Мјовска, д‑р Викторија Ончева, д-р Емона Кадриу и д-р Сања Петровска. Тимот од анестезиологија е составен од: д‑р Мирјана Бурмузовска; анестезиски техничари: Марјан Трајановски, Хатиџе Исеини и сестри инструментарки Анита Петрушевска и Снежана Чукниева.

