Економија
Една од најголемите криптобанки поднесе барање за заштита од стечај
Компанијата за криптовалути „Целзиус нетворк“ го почна процесот на поднесување барање за заштита од стечај поглавје 11 еден месец по суспендирањето на сите трансакции на својата платформа. Тоа значи дека „Целзиус“ одлучила да влезе во фаза на управуван банкрот, од кој има враќање.
Компанијата соопшти дека ќе се обидат да го стабилизираат нивниот бизнис со реструктуирање на начин што „ја максимизира вредноста за сите засегнати страни“. Од таму велат дека моментно има 167 милиони долари во готовина за да продолжи со работа.
„Ова е вистинската одлука за нашата заедница и компанија“, рече Алекс Машински, коосновач и извршен директор на „Целзиус“.
„Убеден сум дека кога ќе погледнеме наназад на историјата на ‘Целзиус’, ќе го видиме ова како одлучувачки момент, каде што дејствувањето со решителност и доверба служеше на заедницата и ја зајакна иднината на компанијата.
„За жал, ова беше очекувано. Беше предвидено. Сепак, ова не ги запира нашите истраги. Ќе продолжиме да ја истражуваме компанијата и да работиме на заштита на нејзините клиенти, дури и преку нејзината несолвентност“, рече Џозеф Ротонда, извршен директор во Државната комисија за хартии од вредност во Тексас.
„Целзиус“ има повеќе од 100.000 доверители, кои би можеле да вклучуваат клиенти и други договорни страни, според барањето за стечај.
Неговото најголемо необезбедено побарување е 81 милион долари од „Фонд Фарос“ со седиште на Кајманските Острови. „Целзиус“ е еден од најголемите играчи во просторот за криптозаеми со повеќе од 8 милијарди долари заеми на клиенти и речиси 12 милијарди долари во средства под управување од мај. Компанијата соопшти дека во јуни имала 1,7 милион клиенти, а плаќала годишни каматни стапки до 17 отсто.
Компанијата би им позајмувала криптокупувачи на други договорни страни, кои се подготвени да платат неверојатно високи каматни стапки за заемот. „Целзиус“ потоа би делел дел од тој приход со корисниците. Но, структурата пропадна поради кризата со ликвидноста во таа индустрија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Microbalkans 2025: Никола Јошевски за усогласувањето на правните рамки со директивите на ЕУ
Никола Јошевски, генерален менаџер и сопственик на Mint Fintech Group и претседател на Групацијата на финансиски друштва при Стопанската комора на Македонија, учествуваше на престижната регионална конференција Microbalkans 2025, што се одржа во Дубровник, Хрватска, од 5 до 7 ноември 2025 година.
Како панелист на високопрофилната дискусија „Усогласување на правните рамки со директивите на ЕУ“, Јошевски се приклучи на водечки европски партнери и институции кои активно придонесуваат за развојот на социјалните финансии во регионот на Западен Балкан.

Панелот се фокусираше на регулаторната хармонизација, финансиската инклузија, платните системи и усогласувањето со процесот на пристапување кон ЕУ, со посебен акцент на улогата на микрофинансиските институции и финтек решенијата во одржливиот развој и регионалната соработка.
Во своето обраќање, Јошевски ја нагласи потребата од создавање на стабилен и интегриран финансиски систем што ги надминува класичните регулаторни рамки, посочувајќи:
„Главниот предизвик не е само во пренесувањето на директивите на ЕУ во националното законодавство, туку во создавањето на целосен екосистем – таков што нè прави конкурентни, инклузивни и силни дома.“
Панелот поттикна значајна дискусија за иднината на финансиската регулатива во регионот и улогата на микрофинансиските институции во зајакнување на финансиската стабилност, транспарентност и дигитална трансформација.

Конференцијата Microbalkans 2025, поддржана во рамките на соработката со Европската унија, го обедини врвот на експертизата од Европа и Западен Балкан, создавајќи дијалог за унапредување на социјалните финансии, микрокредитирањето и финтек иновациите.
Присуството на Mint Fintech Group на овој настан уште еднаш ја потврди посветеноста на компанијата кон модернизација на финансискиот сектор во Македонија, создавање инклузивна економија и промовирање европски вредности во финансиските услуги.
Со своето учество, Јошевски ја зацврсти позицијата на Македонија како активен партнер во градењето на современ, конкурентен и одржлив финансиски екосистем, кој ја поврзува регионалната соработка со европските стандарди и отвора нови можности за раст и развој.
(ПР)
Економија
СДСМ: Инфлацијата зголемена на 4.5%, граѓаните скапо ги чинат промашените економски политики на власта
Инфлацијата повторно расте и во октомври достигна 4,5 проценти, спротивно на владините уверувања дека ќе се намали и под 3%, велат од СДСМ.
„Овој пораст е јасен показател дека економските политики на владата на ВМРО-ДПМНЕ се целосно промашени и без никаков резултат. Инфлацијата го јаде стандардот на граѓаните, ги јаде платите кои не се покачуваат туку стагнираат, цените на храната и основните производи растат, сметките се повисоки, граѓаните имаат се помалку пари во џебовите. Платите и пензиите заостануваат далеку зад растот на цените, граѓаните секојдневно плаќаат повисоки цени за леб, млеко, масло, лекови, за сметки а платите не мрдааат. За само година и половина ДПМНЕ донесе економска стагнација, раст на инфлацијата и пад на животниот стандард“, се наведува во соопштението.
Економија
Електродистрибуција го имплементира најновиот систем SIEMENS SCADA за дигитално управување со мрежа – Скопје
Во финална фаза на имплементација е најновиот SIEMENS SCADA систем за дигитално управување со среднонапонска и високонапонска мрежа, со што значително ќе се унапреди дигиталната трансформација и системите за далечинско управување и мониторинг, соопштија од компанијата.
Со помош на најновиот SCADA систем, како што е појаснето, ќе се оствари меѓусебно поврзување на диспечерските центри на ЕВН и МЕПСО со цел поквалитетно водење на целата електроенергетска мрежа во државата.
„Со инвестиција од еден милион евра, најсовремениот SCADA систем овозможува повисоко ниво на автоматизација, сигурност и оперативна контрола, што претставува клучен предуслов за ефикасна енергетска транзиција и поголема диверзификација на изворите на електрична енергија во земјата. Системот има особено значење во периоди кога сѐ поголем број фотонапонски централи се приклучуваат на дистрибутивната мрежа. Досега се регистрирани 2.963 нови приклучоци од обновливи извори, со вкупна инсталирана моќност од 860 MW, што во одредени ситуации може да претставува предизвик за стабилноста на енергетскиот систем. Со ваквите инвестиции во дигитализација на клучните процеси, Електродистрибуција обезбедува поквалитетни, доверливи и поефикасни услуги за своите корисници и ја зацврстува сигурноста и ефикасноста на мрежата, потврдувајќи ја својата заложба за модерна, транспарентна и дигитална енергетска инфраструктура“.

