Црна хроника
(Видео) Пронајдена дрога во правен субјект за одгледување канабис за медицински цели во Охридско

Вчера, Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи, во координација со Комисијата за одобренија за одгледување канабис за медицински цели и СВР Охрид, врз основа на претходно обезбедена судска наредба, извршиле претрес и контрола над правно лице во село Оровник, општина Дебрца.
При претресот, според полицијата, било констатирано дека видеонадзорот во целиот објект не работи, а биле пронајдени 2.388 растенија од канабис што се одгледувале во надворешни услови, спротивно на условите пропишани со законот, 1.066 растенија расад од канабис наспроти пријавената бројка од 616 засадени растенија, а во внатрешноста биле пронајдени 820 растенија од канабис, иако според претходните известувања испратени до Комисијата правниот субјект немал производство поради реновирање на просторот.
Исто така, во една од просториите биле пронајдени гранки од растенија канабис во фаза на сушење и готов сушен цвет за што не била известена Комисијата, а во сеф собата биле пронајдени 343 кг сув цвет од канабис, што според известувањата претставува вишок од 7 кг неевидентиран сув цвет од канабис, само во собата, и 269 кг шејк (листови и гранки од канабис). Воедно, при претрес на потпокривот во правниот субјект биле пронајдени садови што се користеле за производство на масло од канабис, иако наведеното правно лице немало дозвола за производство на вакво масло.
При контролата во објектот беше затекнато едно лице, кое, според евиденцијата на АВРСМ, е невработено, и 5 албански државјани, работно ангажирани во правното лице, но неевидентирани, за што е известен Секторот за странци при Одделот за гранични работи и миграции и Државниот инспекторат за труд и ќе бидат поднесени соодветни поднесоци, соопшти портпаролката на МВР, Сузана Прањиќ-Талевска.
Според констатираното при контролата, правното лице одгледувало канабис за медицински цели во услови спротивни на прописите во повеќе сегменти, а во однос на процесот на одгледување канабис за медицински цели во согласност со Законот за контрола на опојните дроги, од страна на Комисијата бил составен записник за констатирана состојба, известен е јавен обвинител од ОЈО Охрид по чии насоки сите предмети се одземени.
По документирање на доказниот материјал, од страна на СВР Охрид ќе биде поднесена кривична пријава за сторено кривично дело по член 95-В од Законот за контрола на опојните дроги. Од страна на Комисијата при Министерството за здравство ќе бидат преземени и дополнителни мерки во врска со ова правно лице, информира полицијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Кривична пријава против двајца скопјани, одгледувале канабис во своите дворови

Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал – Сектор за криминалистички истраги – Единица за недозволена трговија со дрога, до Основното јавно обвинителство Скопје, поднесе кривична пријава против Б.А.(42) и Б.А.(40), двајцата од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори”.
Во периодот од 2020 до 2025 година, пријавените набавувале семки од растението канабис и во дворовите од нивните кјуќи во с.Огњанци, скопско, одгледувале стебла, кои ги береле, сушеле, а потоа ги пакувале во зипер ќеси и ги продавале на уживатели на подрачјето на град Скопје по цена од 500 денари за една зипер ќеса.
На 06.09.2025, со судска наредба, полициски службеници извршија претреси во домовите на пријавените. Притоа, во домот и дворот на Б.А.(42) се пронајдени и одземени марихуана и осум стебла од растениетѕо канабис. Додека, во домот и дворот на Б.А.(40) се пронајдени и одземени марихуана, амфетамин, дробилка и четири стебла од растението канабис.
Црна хроника
Го удрил кран: работник од Кина загина во фабрика во Кавадарци

Вчера во 12:10 часот во ОВР Кавадарци е пријавено дека Г.Х.(38) од Кина, додека извршувал работни задачи во фабрика во Кавадарци, бил удрен од кран и од здобиените повреди починал на местото.
Лекар од Итна медицинска помош Кавадарци констатирал смрт, а увид на местото извршил јавен обвинител во содејство со увидна екипа од ОВР Кавадарци.
По наредба на јавен обвинител телото на починатиот било дадено на обдукција.
Црна хроника
Загина 30-годишен работник во фабрика во Делчево

Вчера околу 11:00 часот во ОВР Делчево е пријавено дека во фабрика во Делчево, при извршување работни задачи, вработениот В.Р.(30) од Делчево паднал од висина од околу три метри и се здобил со тешки телесни повреди.
Од здобиените повреди, на пат кон Клиничка болница Штип, тој починал во возилото на Итна медицинска помош.
Увид извршила екипа на ОВР Делчево, а по наредба на јавен обвинител телото на починатиот било дадено на обдукција.