Македонија
СДСМ: Очајна прес конференција на Мицкоски кој избра да остане во минатото

Собранието денеска потврди дека македонската иднина е европска, иднина со заштитен македонски јазик, македонски идентитет и историска посебност. Денеска, без разлика на деструктивноста на ВМРО-ДПМНЕ победници се граѓаните затоа што им е обезбедена европската иднина, соопшти СДСМ.
„ Тоа му е јасно и на Христијан Мицкоски а доказ за тоа е и неговата денешна очајна прес-конференција. Не успеаја неговите црни сценарија и обиди за дестабилизација што ги правеше со Димитар Апасиев и Арбен Таравари, граѓаните не потклекнаа пред нивните провокации и конструкции.
Неговите пратеници со денови свиреа, навредуваа и се закануваа, говореа дека жестоко се против предлогот, за на крајот по којзнае кој пат да избегаат од салата, немајќи храброст да гласаат против. Денес, нема поголем патриотизам од поддршката за просперитет на земјата и од одлуки кои се од највисок интерес за државата и граѓаните. Мицкоски повторно одбра да остане во минатото, изолиран и оставен сам со својот проруски партнер Левица.
Потонаа сите деструкции, лажни вести и крвави сценарија. Конечно македонскиот јазик ќе ечи секаде низ Европа. Вака се сака државата, со мудри и државнички одлуки!“ порачаа од СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Цела ноќ борба со огнот во велешката фабрика – изгореа магацин со фрижидери и канцеларии со документи

Пожарот што синоќа избувна во фабриката за прехранбени производи „Мирана“ во Велес бил целосно локализиран рано утрово, околу 4 часот. Според информациите од надлежните, огнот зафатил магацински простор и канцеларии, а на неколку места сè уште се забележува слабо чадење.
Пожарот бил пријавен околу 22 часот. Горел магацин каде што имало пластична амбалажа, фрижидери и друг материјал, како и канцелариски простории со документација.
Во гаснењето учествувале три противпожарни возила од ТППЕ Велес со екипи од три смени, возило од ЈКП „Дервен“, како и две специјални возила на Дирекцијата за заштита и спасување. На терен биле и шестмина полициски службеници од Велес.
Иако пожарот е ставен под контрола, службите сè уште се на терен за да спречат повторно разгорување, со оглед дека на одредени локации сè уште се јавуваат чадења.
Причините за избувнувањето на пожарот сè уште се испитуваат.
Македонија
Голем пожар во фабрика во Велес

Синоќа избувна голем пожар во фабриката за храна „Мирана“, лоцирана во индустрискиот блок на Велес, потврдија надлежните.
На барање на Територијалната противпожарна единица Велес, привремено беше исклучена електричната енергија во фабриката.
„Во Велес, кај индустрискиот блок, опожарена е фабриката ‘Мирана’. По барање на ТППЕ Велес, исклучена е струјата во фабриката. Единиците за гаснење на пожарот се на терен“, информираше директорот на ЦУК, Мухамед Али.
Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, информираше доцна синоќа дека нема информации за повредени лица при пожарот.
Причините за избувнувањето сè уште не се познати.
Македонија
Променливо облачно и нестабилно со локален пороен дожд и грмежи, наместа во форма на невреме

Променливо облачно и нестабилно со локален пороен дожд и грмежи. Наместа процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд, грмежи, засилен ветер и изолирана појава на град.
Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 19, а максималната ќе достигне од 24 до 29 степени.
Во Скопје, ќе биде променливо облачно, во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и услови за изолирана појава на град. Минималната температура ќе се спушти до 16, а максималната ќе достигне до 27 степени.
Во среда ќе има изолирана појава на нестабилност и ќе дува умерен до засилен северен ветер. Во деновите потоа времето ќе биде стабилно и топло со пораст на дневната температура.