Македонија
Маричиќ за „Политика“: Донесовме историска одлука, достоинствено чекориме кон членство во ЕУ
Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ во интервјуто за српска „Политика“ изјави дека државнички и одговорно одговори Владата на сите предизвици со кои се соочуваше во текот на дијалогот со Бугарија и Европската Унија и дека во сите документи, кои беа јавно објавени, вклучувајќи го и Протоколот, успеа да го заштити македонскиот јазик и идентитет.
– Нема никаква шанса за асимилација, бугаризација ниту, пак, територијална претензија. Напротив добивме еден европски предлог кој овозможува да ги почнеме преговорите со Унијата веднаш, со заштитен македонски јазик и идентитет, а истовремено имаме и компромисен документ кој ќе ни овозможи, во веќе утврдена рамка на обврски за двете страни, побрзо да ги надминеме отворените прашања со Бугарија, вели Маричиќ.
![]()
На прашањето дали се можни идни блокади на патот кон Европската Унија, вицепремиерот Маричиќ одговори дека во политиката не може сè да се предвиди и дека нема гаранции за ништо, но дека постои спремност во оваа Влада да оди напред кон онаа цел која генерациски е зацртана, полноправно членство во ЕУ.
-Јасни се правилата на функционирање на Унијата и на текот на процесот интеграција во Европската Унија и никој не може да гарантира дека во текот на преговорите некоја друга земја нема да нè блокира за некое друго прашање. Но, како општество сме доволно зрели да знаеме да процениме какви одлуки мора да се донесат, кога се во прашање нашите интереси и кога компромисите се неопходни, додаде вицепремиерот Маричиќ.
Во интервјуто за „Политика“ вицепремиерот за европски прашања Маричиќ вели дека иако нашиот пат кон Брисел беше тежок и пол препреки и предизвици успеаја да ја потврдат европската иднина на земјата, донесувајќи историска одлука со која Северна Македонија ја започнува трката за членство во Европската Унија, и заедно со Србија и Црна Гора стануваме држава која преговара.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Лимани во Битола: Преку инвестиции во детската и социјалната заштита придонесуваме за подобрување на квалитетот на живот на нашите граѓани
Министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани во рамки на денешната посета на Битола оствари средба со градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, беше на увид на новите простории на детската градинка „Пчеличка“, во состав на ЈОУДГ „Мајски Цвет“ – Битола и новиот Дневен центар за активно стареење и се сретна со вработените во Центарот за социјални работи, Битола.
На средбата со градоначалникот на Општина Битола се разговараше за реализираните проекти, оние кои се во тек и идни проекти согласно потребите на граѓаните од оваа општина.
Преку адаптација на простор и целосно опремување во рамки на Домот за доенчиња и мали деца во Битола, се обезбедија нови згрижувачки капацитети за деца од предучилишна возраст, објект кој денеска функционира како детска градинка „Пчеличка“ под ЈОУДГ „Мајски Цвет“, информираат од министерството.
Капацитетот на новиот простор е за околу 70 деца, а со отворањето на оваа детска градинка, се задоволува дел од потребата од згрижување на дечињата во градинките. Наскоро се очекува отворање на уште една нова детска градинка, со која значително се подобрува состојбата со листата на чекање за упис во детските градинки.
Соговорниците уште еднаш потврдија дека соработката на централната и локалната власт значително придонесува за подобрување на квалитетот на живот на нашите граѓани и изразија подготвеност за продлабочување на истата.
Лимани го посети и просторот каде што наскоро ќе започне со работа Дневниот центар за активно стареење, со капацитет на 20 стари лица кои на дневна основа ќе имаат можност да го посетуваат и да бидат вклучени во програмата за активно стареење, под водство на Црвениот Крст- Битола.
При посетата се потврдија заедничките заложби и грижа за нашите повозрасни граѓани и значењето од отворањето на ваквите центри.
Црвениот Крст – Битола седум години наназад е давател на услугата лична асистенција за општините Битола, Могила и Новаци. Оваа услуга е дел од лепезата услуги кои се реализираат преку трипартитни договори на Министерството за социјална политика, демографија и млади, општините и провајдерите, а во насока на приближување на социјалните услуги до граѓаните, во нивното место на живеење.
Посетата на Битола беше заокружена со посета на вработените во Центарот за социјална работа -Битола. Непосредните средби и разговори со вработените придонесуваат за подобрување на квалитетот на услугите кон граѓаните, како и подобрување на условите за работа и вреднување на трудот на социјалните служби. Тоа се заложбите на министерството, со кои се добиваат двојни придобивки – вложување во човечките ресурси кои ги адресираат предизвиците на граѓаните и задоволни граѓани.
Македонија
По јавниот притисок, на прославата на плоштад нема да има огномет, велат од „Зелен хуман град“
Благодарение на институционалниот притисок вршен внатре во Советот на Град Скопје од страна на нашиот советник, Марјан Калевски, како и вонинституционалниот притисок вршен со нашите јавни реакции и секако, најважното, ангажираноста на нашите сограѓани со испраќање мејлови до надлежните институции и давање поддршка за нашата иницијатива на социјалните мрежи, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски најави дека оваа година на прославата огномет нема да има, објави „Зелен хуман град“.
„Потегот на градоначалникот го сметаме за позитивен, но истовремено сметаме дека не смее една ваква клучна материја да е нечие дискреционо право. Денес овој градоначалник донел позитивна одлука, утре некој друг нема да донесе таква. А останува фактот дека огнометите и пиротехниката на хартија се дозволени со поседување лиценци и обезбедување стручни лица кои ќе ракуваат со неа. Оттука, инсистираме оваа високоризична материја да се нормира и законски да се забрани експлицитно и на отворен и на затворен простор“, велат од граѓанската ијцијатива.
Пд таму потсетуваат и на нивното барање што побрзо Собранието да усвои законски измени и да забрани огномет и каква било пиротехника и на затворено и на отворено.
„Скопската централна новогодишна прослава без огномет претставува мал но значаен чекор кон подобрување на квалитетот на животот на најранливите групи граѓани во Скопје, намалување на преголемото загадување на воздухот, како и на сите медиуми на животна средина и, се разбира, етички чекор кон тоа безгласните жители на Скопје, животните, да не доживуваат енормен стрес и потенцијална смрт за 3 минути „забава“. Секако ова не ги спречува бројните несовесни граѓани кои новогодишните празници ги доживуваат како погоден момент на своја рака да испалуваат огномет и разни пиротехнички средства и поради ова апелираме и очекуваме Министерството за внатрешни работи да е на висина на задачата, особено на дочекот на Новата година“, велат од „Зелен хуман град“.
Македонија
Стојаноски: СДСМ ја напуштија седницата кога требаше да се разговара за Резолуцијата за наводни мигранти
Лицемерието на СДС излезе на виделина, ја напуштија собраниската седница кога требаше да се разговара за Резолуцијата за наводни мигранти, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.
„Откако устата им беше полна со наводни мигранти, кој ене ги чекале на граница, само што не дошле и што уште не излажаа, денес кога требаше да се дискутира во Собранието на таа непостоечка тема која тие ја отворија, тие го напуштија Собранието. Не само што избегаа од темата, како маче од куче, туку и фамозната Резолуција која ја предлагаа во јавноста и устата пена им фати од говорење дека била најдобрата, ја немаат ниту поднесено во Собрание“, рече Стојаноски.
Тој кажа дека Резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ која е поднесена и е на дневен ред, денес ќе биде изгласана и со тоа ќе ја затвориме измислената тема од страна на СДС за наводни мигранти во Македонија.

