Македонија
СДСМ: Мицкоски да се извини за сите лаги, почнуваме преговори со ЕУ со заштитен идентитет

Република Северна Македонија денеска почнува преговори за членство во ЕУ со чиста формулација за македонскиот јазик, со заштитен идентитет, култура, посебност и засебност. Со ова на Христијан Мицкоски му потонаа сите лаги, деструкции и крвави сценарија за предизвикување дестабилизација и етнички конфликт, соопшти СДСМ.
„Сите невистини на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски за асимилација, бугаризација, манипулации за македонскиот јазик се разобличени до крај.
Најмалку што може Мицкоски да направи е да се извини за сите лаги, што хистерично ги ширеше, да им се извини на граѓаните затоа што си поигруваше со нивните чувства, ВМРО-ДПМНЕ да ѝ се извини на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, која ја нарече нацист и лажга.
Очигледно Мицкоски тоне длабоко и сака, со себе да ги повлече и граѓаните и целата држава. Но, државата продолжува напред. Македонската европска иднина е обезбедена. Реализирана е уште една стратешка цел – почеток на преговори за членство во ЕУ, членство во ЕУ како Македонци со македонски јазик“, велат од владејачката партија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Цените повторно растат, а Владата реши да ги покачи платите само на функционерите, велат од СДСМ

Македонија повторно се соочува со огромен раст на цените и инфлацијата, а Владата реши да ги покачи платите на функционерите. За работниците и граѓаните, повторно нема ништо. Според последните податоци од Државниот завод за статистика, годишната инфлација во мај 2025 изнесува 3,3%, што е скок во споредба со април, кога беше 2,6%. Дополнително, месечната инфлација од 1,5% е највисока оваа година, велат од СДСМ.
„Ова значи едно, животот е сѐ поскап, а власта нема ниту план, ниту капацитет да го заштити стандардот на граѓаните. Но, секако, има добар план да си ги покачува сопствените плати.
СДСМ повеќепати предупредуваше: цените растат и ќе продолжат да растат ако не се преземат мерките кои ги понудивме. Мицкоски се обидува да ги убеди граѓаните дека платите им растеле, но факт е дека единствено растат платите на неговите во Владата и институциите, додека народот едвај преживува“.
Оваа влада, додаваат од опозициската партија, нема економска визија, нема стратегија и нема емпатија. Оваа влада, според СДСМ, има само лични интереси и работи само за себе, и за никој друг.
СДСМ бара итна интервенција, конкретни мерки за заштита на стандардот, а не како што велат, лажни ветувања и манипулации.
„Граѓаните не може повеќе да бидат жртви на неспособноста и ароганцијата на оваа власт“.
Македонија
Без струја делови од неколку скопски општини

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска ( Вторник ) без електрична енергија ќе останат:
· во период од 09.00 до 10.00 часот, корисниците од ул. 20 во С.Бразда ( општина Чучер Сандево )
· во период од 09.00 до 12.00 часот,корисниците од ул 10 и дел од ул.134. ( општина Сопиште )
· од 09.00 до 14.00 часот, дел од корисниците на ул.Иван Цанкар. ( општина Карпош)
· од 11.30 до 15.30 часот, дел од корисниците на ул.101 во село Волково( општина Ѓорче Петров )
· и од 12.00 до 15.00 часот, корисниците околу ресторан Теферич и дел од ул.Мариовска( општина Кисела Вода )
Македонија
Сончево со мала до умерена облачност, попладне со услови за краткотраен дожд и грмежи

Времето денеска, сончево со мала до умерена облачност. Попладне ќе има услови за локален развој на нестабилна облачност со краткотраен пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 10 до 18, а максималната ќе достигне од 26 до 34 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 15, а максималната ќе достигне до 32 степена.
Во среда во попладневните часови ќе има развој на нестабилна облачност со локален пороен дожд и грмежи. Потоа ќе преовладува претежно стабилно време, а дневните темпетаури ќе бидат без значителни промени.