Македонија
Маричиќ од Брисел: Мои сограѓани бидете горди, обезбедивме европска иднина
Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ денеска присуствуваше на првата меѓувладина конференција на Северна Македонија со Европската Унија, од каде испрати честитки до граѓаните по повод почетокот на преговорите, со кои за земјата и граѓаните е обезбедена поинаква и подобра иднина.
„Сè што правевме досега, сите напори, труд и заложбата кои ги вложивме во процесот на евроинтеграција и негово деблокирање се направени за нашите граѓани да живеат подобро и како сите други европски народи“, пишува на својот фејсбук-профил Маричиќ.
Вицепремиерот Маричиќ вели дека со денешната првата Меѓувладина конференција ги отвора преговорите со Унијата, со што формално станува дел од процесот на пристапување кон големото европско семејство и дека овој пат има само еден крај – полноправно членство на МК во ЕУ.
„Пред нас е период на големи предизвици во кој уште повеќе ќе мора да работиме и да се посветиме на реформите, за да ја оправдаме довербата што ни ја укажа ЕУ, но и да ги реализираме очекувањата на нашите граѓани“, додава Маричиќ.
Според вицепремиерот Маричиќ ова е најважниот настан за Северна Македонија по членството во НАТО, со што Северна Македонија исполнува уште една стратешка цел, која го одредува патот по кој треба да тргне нашето општество.
Денес во Брисел владината делегација предводена од премиерот Ковачевски присуствуваше на првата меѓувладина конференција на Северна Македонија со Европската Унија, на која беа презентирани општите политички ставови на двете страни. Најпрвин, Европската Унија ја претставува генералната позиција на Европската Унија, по што земјата кандидат ја претставува својата генерална позиција.
По завршувањето на меѓувладината конференција ќе се одржи состанок за отворање на скрининг кој ќе го отворат еврокомесарот за проширување Вархеји и вицепремиерот Маричиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

