Македонија
(Видео) Николоски: Владата на СДСМ прифати негирање на македонскиот јазик, историја и култура
Во март 2020 година Бугарија стави вето и никој не може да ме убеди дека беше без координација. Само што се појави нова методологија имаше вето од нова држава, кажал Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, на летниот камп „Балвањос“ во Романија.
„Тогаш Бугарија побара од нас да го промениме Уставот, значи повторно промена на Уставот, да напишеме во нашиот Устав дека Бугарите се основачи на нашата држава, да ги промениме нашите учебници по историја, нашиот јазик, нашата култура и да напишеме дека нашите предци биле Бугари кои некако магично преку ноќ по Втората светска војна станале Македонци и дека ние не зборуваме македонски јазик, туку зборуваме дијалект на бугарскиот јазик“, вели Николоски.
Прашува, што би направила нормална личност на ова? „Би кажала НЕ благодарам“, додаде тој.
„Што се случуваше? Добивме таканаречен француски предлог, повторно Франција е во приказната, кој предлог всушност вели или ќе прифатите сè што Бугарија бара или никогаш нема да почнете пристапни преговори. За жал, сегашната Влада на СДСМ го прифати ова. И ова се случува во моментов, во изминатиов месец, каде што ние Македонците се бориме за нашата национална гордост и правото на самоопределување, нагласил потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, во неговото обраќање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почнува изградбата на железничкиот тунел што ќе ги поврзува Македонија и Бугарија, утре министрите на двете земји ќе го потпишат договорот
Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, утре, 6 ноември, заедно со вицепремиерот и министер за транспорт и врски на Република Бугарија, Гроздан Караџов, ќе го потпишат догорворот за подготовка, изградба и оперативност на меѓуграничниот железнички тунел на Коридорот 8.
На потпишувањето, кое ќе биде на железничката станица Ѓуешево, предвидено е да присуствуваат претставници на Европската комисија, претставници на НАТО, претставници на САД на Европската инвестициска банка, Европската банка за обнова и развој, како и претставници на Светската банка.
Изградбата на железничкиот тунел ќе претставува меѓугранична точка на двете држави на Коридорот 8. Проектираната должина на тунелот е околу 2,4 км, од кој 1,2 км се наоѓа на територијата на Македонија.
Изградбата на железничкиот Коридор 8, покрај економското значење за Македонија и регионот, има и безбедносно значење во рамките на НАТО. Во таа насока, на источниот Коридор 8 веќе е изградена и пуштена за сообраќај пругата од Куманово до Бељаковце. Делницата од Бељаковце до Крива Паланка е во фаза на изградба, а интензивно се работи и на подготовка за третата делница од Крива Паланка до границата со Република Бугарија, која во продолжение ќе го опфати и тунелското решение.
Македонија
Воведена нова процедура на Клиниката за кардиологија, пациентите со сложени срцеви аритмии повеќе нема да бидат упатувани во странство
Министерот за здравство Азир Алиу денеска ја посети Универзитетската клиника за кардиологија по повод извршената прва аблација за коморна тахикардија во нашата држава.
„Со воведувањето на новата процедура на Клиниката за кардиологија овозможуваме пациентите со сложени срцеви аритмии да бидат згрижени и соодветно третирани во оваа врвна терциерна установа, без да има потреба да бидат упатувани во странство. Тимот од оваа клиника покажа дека во македонското здравство постои знаење, храброст и визија за врвни резултати. Ова е голем чекор напред за нашето здравство и потврда дека инвестицијата во знаење, технологија и човечки потенцијал овозможува врвни резултати“, истакна министерот Алиу при посетата.
Директорката на Клиниката за кардиологија, Даница Петкоска-Спирова, изрази благодарност до целиот тим за посветеноста во работата и грижата за пациентите со кардиолошки заболувања.
„Министерството за здравство продолжува со поддршка на иницијативите за воведување нови процедури и методи во јавните здравствени установи, со цел унапредување на третманот на пациентите на сите нивоа на здравствена заштита“, порача министерот Алиу.
Македонија
Љутков ќе се обрати на 43. сесија на генералната конференција на УНЕСКО
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков ја предводи македонската делегација на 43. сесија на Генералната конференција на УНЕСКО што од 30 октомври до 13 ноември се одржува во Самарканд, Република Узбекистан.
Љутков утре (5 ноември) во Конгресниот центар „Патот на свилата“ во Самарканд ќе се обрати на дебатата посветена на генералните политики на Организацијата, на која учествуваат министри и претставници од земјите членки на УНЕСКО.
На Генералната конференција учествуваат претставници од над 200 земји и меѓународни организации. За време на двонеделното заседание ќе бидат усвоени значајни документи што ги одредуваат буџетот и програмата за работа на УНЕСКО за следниот период, а државите членки ќе изберат и членови на извршниот одбор. Се очекува во текот на Конференцијата да биде именуван и нов директор на Организацијата.
Одржувањето на Конференцијата во Самарканд е од особено значење бидејќи за првпат по повеќе од четири децении Генералната конференција на УНЕСКО се одржува надвор од седиштето на Организацијата во Париз.
Учеството на овој меѓународен собир, во кој Република Македонија е полноправна членка од 28 јуни 1993 година, ја потврдува континуираната посветеност на земјава кон целите и вредностите на УНЕСКО, а претставува и можност за унапредување на видливоста на македонската култура на глобално ниво.

