Топ
Притвор за разбојници кои ограбиле поголема сума на пари и истепале жител од Ваксинце
Основното јавно обвинителство Куманово донело наредба за спроведување истражна постапка против три лица од скопско Студеничани за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело – Разбојништво казниво по Кривичниот законик.
Осомничените, двајца браќа на возраст од 25 и 18 години и нивен 28-годишен роднина, го сториле делото на 23 февруари во Куманово, кога со употреба на сила одзеле поголема сума пари од едно лице од Ваксинце. Тие го чекале оштетениот пред маркет во автомобил без регистарски ознаки.
Кога оштетениот дошол до неговото возило паркирано во близина, тројцата осомничени го нападнале и го удриле по главата, нанесувајќи му повреда од која изгубил свест.
Од багажникот на автомобилот тие одзеле две црни торби со пари во различни валути и апоени и тоа: 45.000 евра, 13.000 швајцарски франци, 150.000,00 денари, 60.000,00 српски динари, 40.000.00 албански леки, 100 бугарски лева, 800 хрватски куни и 300 турски лири, по што веднаш побегнале кон Скопје.
На овој начин тие се стекнале со противправна имотна корист од вкупно 3.745.000 денари.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Куманово достави предлог за определување мерка притвор за тројцата осомничени. Судијата го прифати предлогот на обвинителството и на осомничените им определи притвор во траење од 30 дена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Министерството за здравство ги разгледува можностите и капацитетите за поддршка на Швајцарија за згрижување на повредените од трагичниот пожар
Министерството за здравство ги разгледува можностите и расположливите капацитети за да ѝ обезбеди соодветна поддршка на Швајцарија во делот на медицинското згрижување на повредените од трагичниот пожар во Кран-Монтана, соопштија од таму.
„Во таа насока, Министерството за здравство веќе постапува во координација со Дирекцијата за заштита и спасување на РСМ, а преку Координативниот центар на ЕУ за одговор на итни случаи (EU ERCC) воспоставен е канал на комуникација и со здравствените власти во Швајцарија.
Воедно, Министерството за здравство изразува искрено сочувство до семејствата на настраданите и најдлабока солидарност со повредените од овој трагичен настан“.
Македонија
Понудена помош за справување со трагичната несреќа: телефонски разговор на Муцунски со швајцарскиот амбасадор Зомер
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, по трагичната несреќа во бар во швајцарскиот скијачки центар Кран-Монтана, по која беше активиран европскиот механизам за цивилна заштита, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, по остварена консултација со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, и министерот за здравство, Азир Алиу попладнево оствари телефонски разговор со швајцарскиот амбасадор во земјава, Кристоф Зомер.
Во рамки на разговорот, Муцунски изрази искрено и длабоко сочувство до семејствата на загинатите, како и до народот на Швајцарија, упатувајќи желби за брзо и успешно закрепнување на повредените.
Во таа насока, министерот ја изрази подготвеноста на Република Северна Македонија да прифати повредени пациенти, како и да обезбеди соодветна медицинска поддршка во домашните здравствени установи.
Дополнително, министерот изрази подготвеност, доколку има потреба, македонски лекари – специјалисти, кои беа директно вклучени во лекувањето на пациентите по трагедијата во Кочани, веднаш да заминат во Швајцарија и да се вклучат во процесот на лекување на повредените.
Македонија
(Видео) Мицкоски: И во април 2026 ќе има линеарно зголемување на пензиите, со тоа се намалува сиромаштијата кај оваа група граѓани
Во текот на денешната работна посета на општина Кавадарци, премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарските прашања се осврна на зголемувањето на пензиите во наредниот период.
„Ќе има повторно линеарно зголемување на пензиите за пензионерите во април, за мартовската пензија. Продолжуваме со таа политика. Последните статистички параметри кои што ги издаде Државниот завод за статистика за нивото на сиромаштија и „џини-коефициентот“, само дополнително ја оправдуваат политиката на Владата за линеарното зголемување на пензиите, најпрвин за 2.500 денари кои се случија во ноември за октомвриската пензија во 2024 година, па дополнителните 2.500 денари во април за мартовската пензија, оние 1.000 денари дополнително линеарно зголемување во ноември за октомвриската пензија 2025. Така ќе биде и сега во април за мартовската пензија во 2026“, кажа Мицкоски.
Тој посочи дека со ова се сака да се намали стапката на сиромаштија кај оваа група граѓани, а со тоа да се намали и „џини-коефициентот“ кој подразбира нееднаквост во распределбата на доходите кај различни групи на граѓани.
„Во таа насока добро се движиме, што се однесува до „џини-коефициентот“ сме најдобри во регионот и сме над европскиот просек, а борбата против сиромаштијата е една од главните цели на оваа Влада и ќе се движиме и понатака во таа насока“, додаде Мицкоски.

