Европа
Одобрена данска вакцина против мајмунски сипаници

Данската биотехнолошка компанија „Баварски нордик“ (БН) објави дека Европската комисија дозволила нејзината вакцина „имванекс“ да се продава за заштита од мајмунски сипаници, како што препорача Европската агенција за лекови (ЕМА) минатата недела.
Ден претходно, Светската здравствена организација (СЗО) издаде сериозно предупредување прогласувајќи го брзото ширење на мајмунските сипаници за глобална здравствена вонредна состојба.
„Достапноста на која било одобрена вакцина може значително да ја зајакне подготвеноста на државите во борбата против новите болести, но само преку инвестиции и структурно планирање на биолошката подготвеност“, рече извршниот директор на БН, Пол Чаплин.
Вакцината на БН е вакцина против сипаници што Европската агенција за лекови (ЕМА) ја одобри во петокот како вакцина за употреба во превенција од мајмунски сипаници,откако САД и Канада веќе го направија тоа.
Данската компанија претходно на неколку земји од ЕУ им испорача од оваа, тогаш неодобрена вакцина, веднаш по избувнувањето на мајмунските сипаници. Освен за ЕУ, одобрението за „имванекс“ важи и за Исланд, Лихтенштајн и за Норвешка.
Во последните три месеци цената на акциите на компанијата „Баварски нордик“ е зголемена 122 отсто токму поради големата побарувачка на вакцината против мајмунските сипаници.
СЗО во саботата истакна дека во моментот се работи за епидемија што се проширила главно меѓу мажите што имаат секс со мажи, особено оние што имаат тенденција да имаат повеќе сексуални партнери. Тоа значи, рече шефот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејсус, дека се работи за епидемија, која може да се запре со примена на вистинската стратегија во одредени групи.
Мајмунските сипаници се карактеризираат со рани на кожата, кои може да се појават на гениталиите или на устата. Болеста е придружена со треска, болки во грлото и болки во лимфните јазли и исип што личи на оној што се јавува кај сипаници. Болеста обично поминува сама од себе, но може да биде многу болна.
Се смета дека вакцинацијата против сипаници обезбедува цврста заштита од мајмунски сипаници, но не е познато колку долго трае заштитата по вакцинацијата. Досега вакцината „имванекс“ беше одобрена во Европската Унија за превенција од инфекција со сипаници кај возрасни. Содржи жива модифицирана форма на вирус наречен vaccinia Ankara, кој е поврзан со вирусот на сипаници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Зеленски: Идејата за демилитаризирана зона е мртва

Зборувајќи на прес-конференција во Киев, украинскиот претседател Володимир Зеленски ја отфрли идејата за воспоставување демилитаризирана зона во војната со Русија. Зеленски рече дека оваа идеја е „мртва“ и нагласи дека приоритет е да се обезбеди прекин на огнот, пренесува Европска правда.
Предлогот за демилитаризирана зона како можно решение на конфликтот прв го изнесе специјалниот претставник на САД за Украина, Кит Келог. Во интервју за „Фокс њуз“ на 7 мај, тој рече дека Киев наводно предложил создавање демилитаризирана зона под заедничка контрола на Украина и Русија. Келог го опиша предлогот како безбедносна зона во која двете страни би се повлекле по 15 километри, создавајќи област од 30 километри под мониторинг на набљудувачи од трети земји.
На прес-конференцијата, Зеленски негираше дека Украина предложила такво решение, со што ги доведе во прашање тврдењата на Келог.
„Прашањето за демилитаризираната зона, одвојувањето на силите – слушнав за ова во медиумите и не само во медиумите, туку и од разни луѓе, од разни разузнавачки служби. Украина официјално не добила таков предлог. Но, сите бараат начини да спроведат експерименти врз нас“, рече Зеленски.
Тој, исто така, се осврна на сложеноста на ситуацијата на бојното поле и логистичките пречки што би ги предизвикала таквата зона.
„Ако зборуваме за демилитаризирана зона од 15 километри во двата правци – зошто точно 15? И од која линија го сметаме тоа? Од границата? Од која линија на контакт? Дури и да ги прифатиме тие 15 километри, што ќе правиме со Херсон? Тоа би значело дека таму нема да има наши сили. Ако ги нема нашите сили во Херсон – го немаме Херсон“, рече претседателот.
Според него, воспоставувањето демилитаризирана зона би ја загрозило контролата на Киев врз клучните градови.
„Ако се согласиме на тампон-зона и се повлечеме 15 километри од градови како Херсон, Харков и Суми, на сите ќе им изгледа дека имаме мир, но војната ќе продолжи во нив бидејќи артилеријата ќе лета над нив. Затоа е прерано да се зборува за таа идеја и таа во моментов е мртва“, рече Зеленски.
На истата конференција во Киев, Украина и европските сојузници ја повикаа Русија да прифати безусловно 30-дневно примирје, кое ќе почне на 12 мај. Но, Кремљ изјави дека ќе отфрли какво било примирје сè додека Украина добива оружје од Западот.
Европа
Турција е подготвена да го надгледува потенцијалното примирје во Украина

Турција е подготвена да ја преземе одговорноста за надгледување на потенцијалното примирје во Украина, изјави министерот за надворешни работи Хакан Фидан во разговор со членовите на „коалицијата на волните“ и со партнерите на Киев, соопшти извор од турското Министерство за надворешни работи.
Лидерите на Велика Британија, Франција, Германија и Полска, или таканаречената „коалиција на волните“ и Украина, се состанаа во Киев во саботата и се согласија на безусловно 30-дневно примирје од 12 мај со поддршка на американскиот претседател Доналд Трамп, додека му се заканија на претседателот Владимир Путин со нови „повеќекратни“ санкции доколку Русија не ги почитува.
Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан се приклучи на „коалицијата на волните“ и ја нагласи посветеноста на Турција на територијалниот интегритет на Украина, изјави извор од турското Министерство за надворешни работи кој сакаше да остане анонимен.
Фидан ја изрази поддршката на Анкара за напорите за воспоставување безусловно примирје и додаде дека Турција е подготвена да ја преземе одговорноста за надгледување на примирјето во Украина, доколку такво биде воспоставено, изјави истиот извор. Турција, членка на НАТО, одржува блиски врски и со Киев и со Москва уште од самиот почеток на руската инвазија на Украина во 2022 година.
Турските власти ја изразија својата поддршка за територијалниот интегритет на Украина и ѝ обезбедија воена помош, а во исто време се спротивставија на воведувањето санкции против Русија.
Европа
Путин: Ќе размислам

Владимир Путин ќе го „разгледа“ западниот предлог за целосно и безусловно примирје во Украина, откако Велика Британија, САД и европските сојузници се заканија дека ќе испратат повеќе оружје во Киев доколку Русија не го почитува тоа.
Кир Стармер му рече на Путин дека повеќе нема место за „ако“ и „но“ и дека мора да се согласи на прекин на огнот или да се соочи со нови санкции насочени кон енергетскиот и банкарскиот сектор на Русија.
Ултиматумот беше издаден по состанокот во Киев, каде што лидерите на Велика Британија, Франција, Германија и Полска, заедно со Володимир Зеленски, разговараа по телефон со американскиот претседател Доналд Трамп.
„Сите ние овде, заедно со САД, го критикуваме Путин. Ако навистина се грижи за мирот, сега е неговата шанса да го покаже тоа“, рече Стармер на прес-конференција.
Кремљ одговори велејќи дека ќе го „разгледа“ предлогот, но не се обврза да потпише ништо.