Свет
САД испраќаат ловци „раптор“ во Полска, нивната најголема воена тајна

Воздухопловните сили на САД испраќаат ескадрила од своите авиони „Ф-22 раптор“ во Полска како дел од нивната поддршка за мисијата „Воздушен штит“ на НАТО.
Целта, како што пренесуваат медиумите, е да се одвратат потенцијалните руски закани во Источна Европа.
Вкупно шест ловци „Ф-22“ од 90. борбена ескадрила неодамна се преселиле од нивната домашна база „Елмендорф“, Алјаска, во базата на британските кралски воздухопловни сили во Лејкенхит.
Според официјалното соопштение на претставниците на командата на американските воздухопловни сили во Европа и Африка, „шестката“ набргу ќе се пресели во 32. тактичка воздухопловна база во Полска.
Како што пишува „Јутарњи лист“, уште пред почетокот на руската инвазија на Украина, САД префрлиле осум ловци „Ф-15 игл“ од Лејкенхит во Ласк како дел од истата мисија „Воздушен штит“ како напреден елемент на одбраната на НАТО.
Одлуката за испраќање ловци „Ф-22“ е многу важна бидејќи се работи за најопасниот борбен авион во светот, кој Пентагон го смета за стратешки ресурс. Станува збор за невидлив авион опремен со најсовремени технологии, кој е забранет за извоз и кој досега беше исклучиво одговорен за одбрана на територијата на САД.
Многубројните борбени способности на „раптор“ сè уште се чуваат како строга тајна, а на пилотите им е забрането да изведуваат одредени акции и маневри за време на јавни демонстрации, па дури и за време на заеднички маневри со сојузници од други земји.
Распоредувањето на највредното оружје на американските воздухопловни сили во Полска е резултат на планот за зајакнување на европската одбрана договорен од лидерите на НАТО на самитот во Мадрид.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
„Фајненшл тајмс“: Зеленски можно е оваа недела да го посети Трамп

Американскиот претседател Доналд Трамп може да го прими украинскиот претседател Володимир Зеленски оваа недела, објави новинарот на „Фајненшл тајмс“, Кристофер Милер, повикувајќи се на три извори.
Според Милер, средбата би можела да се одржи во петок, на 17 октомври, но други детали засега не се познати.
Двајцата лидери последен пат се сретнаа во септември за време на Генералното собрание на ОН во Њујорк, а во последните денови имале два телефонски разговора, меѓу другото и за можната испорака на американски крстосувачки ракети „Томахок“ на Украина.
Паралелно, украинската делегација предводена од премиерката Јулија Свириденко започнува недела на преговори со американските претставници во Вашингтон.
Свет
Скандал во Индија: Талибански министер не ги повикал новинарките на прес-конференција

Талибанскиот министер за надворешни работи на Авганистан, Амир Кан Мутаки, предизвика бурни реакции во Индија откако на својата прва прес-конференција во Делхи не ги повикал жените новинарки.
Настанот, на кој присуствувале околу 16 новинари, но ниту една жена, предизвика остри реакции од индиските медиумски организации и опозициски политичари. Тие го оценија инцидентот како „отворена родова дискриминација“.
Под притисок на јавноста, Мутаки следниот ден одржа нова, „инклузивна“ прес-конференција, каде изјави дека исклучувањето на жените било „техничка грешка“.
„Настанот беше организиран во краток рок и поканите беа испратени на ограничен список новинари, без никаква друга намера“, рече тој.
Мутаки моментално престојува во Индија на разговори со претставници од Русија и индиската влада, со цел јакнење на дипломатските врски.
Иако се обиде да ги оправда ограничувањата на жените во Авганистан, индиските новинари остро го прашаа зошто девојчињата таму веќе четири години немаат пристап до образование.
Свет
Лавров ги демантира гласините за труење на Башар ал-Асад

Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, ги отфрли наводите дека Москва наводно се обидела да го отруе поранешниот сириски претседател Башар ал-Асад, кој доби политички азил во Русија.
Како што објави руското издание Info24, Лавров на средба со претставници на арапските медиуми изјавил дека поранешниот сириски лидер и неговото семејство се наоѓаат во Москва „исклучиво од хуманитарни причини“.
„Тие беа изложени на закани со физичко насилство, па руските власти им овозможија азил. Асад нема никакви здравствени проблеми во нашата престолнина. Труење не се случило, а сите што ги шират тие гласини – нека останат со својата совест,“ изјавил Лавров.
Башар ал-Асад беше претседател на Сирија од 2000 година, а земјата ја напушти откако минатиот декември сириските бунтовнички сили влегоа во главниот град Дамаск.