Македонија
Габриел Бајрам е насилникот кој заедно со синот натепаа шанкер на роденденска прослава во Скопје

Синот на покојниот пратеник Амди Бајам, Габриел Бајрам е приведениот за нападот што се случи на роденденската забава во Скопје, а за која претходно информираше Обвинителството.
Тој и неговиот син се гонат за кривично дело насилство. Судот смета дека сомневањето на Обвинителството дека Бајрам, син на покојниот пратеник Амди Бајрам е основано, па тој ќе биде однесен во истражниот затвор „Скопје” во Шутка, во осумдневен притвор.
Двајцата осомничени, Габриел Бајрам и син му, завчера, во угостителски објект на булеварот „Словенија“ во Скопје, додека биле на семејна роденденска прослава, извршиле грубо насилство врз едно лице.
„Оштетениот одбил на еден од присутните гости на прославата да му даде чинии за кршење. Во тој момент, осомничениот се упатил кон шанкот и со рака замавнал кон шишињата и чашите, фрлајќи ги кон лицето на оштетениот. Оштетениот успеал да се заштити со рацете, по што осомничениот започнал да го удира со боксови во пределот на главата. Кон ударите се придружил и неговиот син, а за цело време двајцата осомничени упатувале пцовки и закани кон нападнатото лице. Оштетениот се здобил со телесни повреди по главата и телото, додека насилството предизвикало чувство на несигурност, загрозување и страв кај други присутни сведоци на настанот”, посочи Обвинителството.
Габриел Бајрам и претходно се судираше со законот. По него имаше и локална потерница, откако не се појави во полициска станица да даде исказ за копањето криптовалути, во подруми во ГТЦ, каде сметката ја плаќале сите дуќанџии. Тој пред две години направи и сообраќајка во Скопје, па ги напднал луѓето кои биле сведоци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Два пожари сè уште активни, четири под контрола, 22 веќе изгаснати

Во изминатото деноноќие пожарите повторно ја зафатија Македонија, но според утринскиот извештај на Центарот за управување со кризи (ЦУК), ситуацијата е под контрола. До 7 часот утринава, евидентирани биле вкупно 28 пожари на отворен простор, од кои два сѐ уште се активни, четири се ставени под контрола, а дури 22 се целосно изгаснати.
Активните пожари се бележат во селото Николич, општина Дојран, каде што гори нискостеблеста шума, како и во Чучер Сандево, во пределот меѓу селата Горњани и Блаце, каде што се работи за шумски пожар со посложен пристап.
„На терен се сите расположливи сили – пожарникари, припадници на шумската полиција и доброволци. За среќа, поголемиот дел од пожарите се изгаснати, но вниманието сè уште е насочено кон Дојран и Чучер Сандево, каде огнот е активен“, велат од ЦУК.
Во меѓувреме, четири пожари се ставени под контрола. Тоа се локациите кај Црешнево, Крапа и Локвица во Македонски Брод, каде што горела деградирана дабова шума, потоа с. Слатино (исто така во Македонски Брод), с. Џидимирци во Велешко и с. Перово во Ресен, каде што горела трска.
Позитивна е веста што голем дел од пожарите се успешно изгаснати. Најмногу интервенции имало во западниот и југоисточниот дел од земјата – во општини како Струга, Штип, Куманово, Гевгелија, Кичево, Охрид, Виница и Македонски Брод, каде што беа зафатени депонии, ниска вегетација и шумски предели.
Од ЦУК апелираат до граѓаните да не палат оган на отворено и да пријавуваат секој сомнителен чад или пламен. Во услови на високи температури, и најмала искра може да предизвика голема катастрофа.
Македонија
Колони на Табановце, се чека по 40 минути за излез од државата

Интензитетот на сообраќајот на патните правци низ државата, надвор од градските средини, денеска е зголемен, информираат од Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ). На граничниот премин Табановце кон Србија се бележи зголемена фреквенција на возила и се чека околу 40 минути за излез од државата.
На останатите гранични премини од македонска страна, според последните информации, нема подолги задржувања ниту за влез, ниту за излез од државата.
Од АМСМ апелираат до возачите да внимаваат и да ја прилагодат брзината на движење на условите на патот, особено на делниците низ котлините, речните долини и клисурите, каде што постои зголемена опасност од појава на одрони.
Најризични делници за одрони се:
Катланово – Велес
Маврово – Дебар – Струга
Виница – Берово
Кочани – Делчево
„Потребна е максимална внимателност, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и одговорно управување со возилото“, порачуваат од АМСМ.
Македонија
Македонија под топлотен бран, температурите до 38 степени

Македонија денеска е под влијание на топол воздушен бран што носи високи температури и претежно сончево време. Според Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), денешниот ден ќе биде сончев и премногу топол, со мала до умерена локална облачност и слаб до умерен ветер од јужен правец.
Температурите ќе се движат од 9 до 19 степени во утринските часови, додека максималните дневни ќе достигнат од 30 до дури 38 степени Целзиусови.
Во Скопје исто така се очекува тропско време. Сончево и топло време со мала облачност ќе го обележи денот, а максималната температура ќе се искачи до 38 степени. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер.
Од УХМР најавуваат дека и во наредните денови ќе се задржи слична временска состојба, сончево и топло со мала до умерена облачност, што значи дека тропскиот бран ќе продолжи и понатаму.