Топ
Притвор за неготинецот кој со боксови ја претепал партнерката која по ударите паднала во кома
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кавадарци донело наредба за спроведување истражна постапка против 51-годишен жител на Неготино за кого постои основано сомнение дека сторил кривично дело тешка телесна повреда од член 131 став 3 од Кривичниот законик.
Имено, вчера, на 2 август, по вербална расправија, осомничениот извршил семејно насилство врз жена со која претходно повеќе години живеел во вонбрачна заедница. Тој повеќе пати ја удирал со бокс во главата, а потоа ја турнал кон туш-кабината во бањата.
Оштетената паднала и се здобила со тешка телесна повреда од која западнала во коматозна состојба. По интервенција во Општа болница – Кавадарци, таа била итно пренесена на лекување во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Кавадарци поднел предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, бидејќи оценил дека постои опасност тој да се даде во бегство за да го избегне кривичниот прогон.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДИК: ВМРО-ДПМНЕ освои 59 мандати, СДСМ 19, Европски фронт 18, ВЛЕН 13, Левица 6 и ЗНАМ 5 мандати
Државната изборна комисија ги објави првичните резултати за парламентарните избори, а бројките ги потврдија пресметките на партиските штабови.
„На ниво на држава по мандати коалицијата ’Твоја Македонија’ со ВМРО-ДПМНЕ освои 59 мандати, коалиција ’За европска иднина’ со СДСМ 19 мандати. Коалицијата ’Европски фронт’ има 18 мандати, коалиција ВЛЕН 13 мандати, политичка партија Левица 6 мандати и ЗНАМ 5 мандати. Може да се случат некои мали промени да претрпат овие бројки. 94,05 е голем процент на обработени податоци, не верувам дека ќе има некои сериозни промени. Тоа ќе го знаеме веќе утре“, рече претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски.
Вечерва почнаа да течат и рокови за приговори за парламентарните избори. Приговори за текот на гласањето може да се поднесат до 19 часот на десетти мај, а приговори за сумирање и утврдување резултати до 23.30 часот исто така на десетти мај.
Македонија
(Видео) Мицкоски: Се им се удри од глава и на крај се избојкотираа самите себеси, време е ДУИ да одат заедно со СДСМ во опозиција
„Успеавме, успеавме. Победи Македонија, историска победа на народот“, кажа вечерва на прес-конференција, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Криминалот, корупцијата, неспособноста, тендерите, одземената држава, непотизмот и уште стотина други последици кои направија државата да страда, а народот да е резочаран. Вечерва конечно се поразени. Поразени се предавствата и поделбата. Тие стотина луѓе од ДУИ и СДСМ кои мислеа дека се господари на нашите животи, нив денеска ги боли главата, има и зошто, ќе одговараат до последниот. Секој кој направил криминал и спровел корупција, мора да има одговорност која што ќе се темели на правда и закони. Поразен е и бојкотот на ДУИ“, кажа Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека ова на нивната победа дава посебно задоволство.
„Народот покажа дека нема да дозволи поединци да создаваат кризи и преку институции да се штитат себеси, а ДУИ покажаа дека се најмалку партија која се грижи за Македонија и станаа силно криминализирана структура. Се им се удри од глава и на крај се избојкотираа самите себеси, време е да одат заедно со СДСМ во опозиција. Народот ја одржа најважната лекција кон власта и си ја спаси државата“, додаде Мицкоски.
Тој кажа дека нема да ги повтори грешките на претходната Влада кога се однесувала самобендисано и неодговорно.
„Ние имаме намера со сите опозициски партии, кои настапија на овие избори, да разговараме и да видиме што е тоа што може да биде наша точка на поврзување. Тоа не значи дека сите тие би биле дел од идната влада“, кажа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Димитриевски: ЗНАМ вечерва испиша историја
Лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски и посака успешен мандат на Гордана Силјановска Давкова.
„Да ја води Македонија во правилна насока, да биде тука за граѓаните, бидејќи нашата борба е и ќе биде за граѓаните. Воедно да честитам на ВМРО-ДПМНЕ за убедливата победа. Верувам дека овие избори ќе бидат дополнителна поука за сите останати политички субјекти кои гравитираа досега на политичката сцена. За нас од ЗНАМ гордо можам да потврдам дека ЗНАМ од вечерва ја започнува својата борба за достоинствена Македонија. ЗНАМ вечерва испиша историја. Ние потвдивме минимум пратеничка група и некаде околу 60 илјади гласови“, кажа Димитриевски и се заблагодари на граѓаните кои што излегоа на изборите.
„Од денеска продолжуваме како што ветувавме во предизборната кампања, согласно нашите определби, програмски и сето што беше ветено пред граѓаните. Ние сме партија формирана од граѓаните, ќе бидеме со граѓаните и ќе работиме за граѓаните“, додаде Димитриевски.
Прашан дали ќе остане градоначалник или размислува за Владата, тој кажа дека нема никакви размислувања, ќе остане доследен на неговите ветувања и секогаш со кумановчани.