Топ
Уште 30 дена притвор за Габриел Бајрам, судот се сомнева на реална опасност од бегство
Додека Габриел Бајрам се жали на осумдневниот притвор, кривичен суд одлучи дека осомничениот за насилство треба да остане уште 30 дена во затворот „Скопје“ кој се наоѓа во Шуто Оризари. Судијата смета дека постои реална опасност Бајрам да се даде во бегство, а според сознанијата, особена грижа се водела и за тоа дека тој има условни казни кои сега може да значат и затвор доколку се потврди дека сторил насилство.
Бајрам, не еднаш, туку повеќе пати е осудуван за ваков вид кривични дела. Дополнителна причина за продолжување на притворот и покрај жалбата е фактот што судот се сомнева дека Бајрам може да го повтори делото.
На Бајрам му е поднесена кривична пријава по брза постапка и му е одреден притвор откако пред неколку дена повредил шанкер и кршел инвентар во ресторанот „Аквадукт“ на булевар „Словенија“ во Скопје. Се гони и неговиот син.
„Оштетениот одбил на еден од присутните гости на прославата да му даде чинии за кршење. Во тој момент, осомничениот се упатил кон шанкот и со рака замавнал кон шишињата и чашите, фрлајќи ги кон лицето на оштетениот. Оштетениот успеал да се заштити со рацете, по што осомничениот започнал да го удира со боксови во пределот на главата. Кон ударите се придружил и неговиот син, а за цело време двајцата осомничени упатувале пцости и закани кон нападнатото лице. Оштетениот се здобил со телесни повреди по главата и телото, додека насилството предизвикало чувство на несигурност, загрозување и страв кај други присутни сведоци на настанот”, посочи Обвинителството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Родителите на починатите деца од „Пулс“ бараат новиот јавен обвинител да го преиспита случајот
Родителите на починатите во пожарот во „Пулс“ денеска на 34. Марш за ангелите во Кочани побараа проширување на истрагата, утврдување на индивидуална одговорност и јавно образложение зошто одредени лица досега не се опфатени со постапка. Исто така, тие испратија порака до новиот државен јавен обвинител – да се преиспита целокупниот предмет од самиот почеток, од денот на трагедијата, како што рекоа, за да се утврди кој знаел, кој дозволил, кој премолчел и кој не постапил.
-Гневни сме затоа што постојат и други лица за кои јавноста, а и ние како семејства, основано знаеме дека носат вина, а истите не се ниту осомничени, ниту предмет на видлива и транспарентна истрага. Нашите деца не се бројка. Тие имаат имиња. Имаат приказни. Имаат семејства што засекогаш ќе ги чекаат. Овој марш е порака: дека сме тука, дека паметиме, и дека нема да дозволиме вистината да се закопа заедно со нашите деца, рече Александар Наунов, татко на починато девојче од пред полициската станица во Кочани.
Пред зградата на Судот и Обвинителството во Кочани, Верица Трифунова, мајка на починатата Моника Спасова, нагласи дека оставката на државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски е задоцнета.
-Денес, во време кога ние повторно чекориме со сликите на нашите деца во срцата, државниот обвинител Коцевски поднесе неотповиклива оставка. Оставка што доаѓа предоцна. Затоа што немаше храброст и волја самостојно да го отвори предметот од денот на трагедијата. Наместо вистинска истрага, тој бараше информации од МВР, а постапките што следеа беа насочени кон лица осомничени уште од 2024 година и претходно, додека вистинските носители на моќ и одговорност останаа заштитени, децидно рече Трифунова.
Таа смета дека новиот државен обвинител треба да го преиспита целокупниот предмет од самиот почеток, од денот на трагедијата, да се утврди кој знаел, кој дозволил, кој премолчел и кој не постапил, и на обвинителна клупа да се најде секој што директно или индиректно придонел за убиството на нивните деца.
Протестниот марш, вообичаено, започна од „Паркот на Револуцијата“, преку Трговскиот центар и Управата за јавни приходи, кон полициската станица и Судот. На двојниот мост кај кружниот тек на улицата „Стево Теодосиевски“, запирајќи, родителите направија застој во сообраќајот, на што возачи реагираа со свирежи од нивните автомобили и не знајќина од кои причини е стојат подолго време во место.
Македонија
Откажани летови и отежнат авиосообраќајот на скопскиот аеродром поради маглата
Како резултат на ниската видливост предизвикана од густата магла што ја зафати скопската котлина денеска до 14 часот на Меѓународниот Аеродром Скопје има пет откажани, два пренасочени и шест летови со доцнење. Од 12 часот временските услови се подобрени, така што три лета пристигнаа, еден полета, а три лета се спремни да полетаат, информираат од ТАВ Македонија.
Од ТАВ Македонија апелираат до сите патници дека временските услови се менуваат постојано и во однос на нивните летови да ги следат насоките кои им ги дава нивната авиокомпанија.
-Денеска, 20 декември 2025, од 00:00 часот до 14 часот, на Меѓународниот Аеродром Скопје има 5 откажани летови, 2 пренасочени летови и 6 летови со доцнење, како резултат на ниската видливост предизвикана од густата магла што ја зафати скопската котлина. Од 12 часот временските услови се подобрија, така што 3 лета пристигнаа (од Дортмунд, Истанбул и Париз), 1 лет полета (за Истанбул), а 3 лета се спремни да полетаат (за Осло, Љубљана и Баден-Баден), информираат од ТАВ Македонија.
Маглата, што го зафати денеска Скопје го отежнува авиосообраќајот на скопскиот аеродром, каде, според податоците од официјалната веб-страница, има откажани и летови што се реализираат со задоцнување, додека сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по суви коловози, но со намалена видливост на одредени патни правци.
Македонија
Почина Драган Б. Костиќ, човекот кој важеше за најпрепознатливиот радио глас
Денес на 75 години, почина Драган Б. Костиќ, човекот кој важеше за најпрепознатливиот радио глас кај нас.
Откако неодамна Перо Камиказа откри дека тој ја бие животната битка, сега, неговиот син Бане Костиќ, откри дека познатиот новинар и радио-водител, не успеал да се избори со болеста.
„Со длабока тага ги известуваме роднините, пријателите и познаниците дека утринава почина Драган Костиќ, сопруг, татко и дедо, на 75-годишна возраст.
Последна почит ќе се одржи утре, недела, 21 декември од 12:30 – 13:30 во капелата на гробиштата Бутел.
Семејството изразува искрена и длабока благодарност до целиот тим и раководство на Државната неврохируршка клиника во Скопје, особено до д-р Благоја Шунтов, за грижата, посветеноста и хуманоста. Нека му е вечна слава и спомен. Патувај мирно Диско Селекторе“, напиша тој на Фејсбук.

