Свет
Шест тајвански ловци пресретнаа кинеска ескадрила, додека 14 воени бродови маневрираат во теснецот
Воздухопловните сили на Тајван денеска испратија шест свои борбени авиони со задача да одвратат ескадрила од 20 кинески борбени авиони, од кои 14 ја преминаа централната линија на Тајванскиот теснец, соопшти тајванското Министерство за одбрана.
Вооружените сили на Тајван откриле и 14 кинески воени бродови кои вршат маневри околу Тајванскиот теснец, се вели во соопштението на министерството во Тајпеј, пренесува Ројтерс.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Американскиот претставник во НАТО: Можен договор за Украина во следните 90 дена
Постојаниот претставник на САД во НАТО, Метју Витакер, во интервју за „Фокс њуз“ изјави дека е можен договор во Украина во следните 90 дена.
„Ако биде завршено, тоа ќе биде во следните 90 дена“, рече Витакер.
Тој додаде дека е очигледно дека оваа зима може да биде навистина тешка за Украинците поради нападите врз енергетската инфраструктура.
Витакер додаде дека Вашингтон планира да продолжи да врши притисок врз двете страни за решавање на спорот. Ако некој може да го стори тоа, нагласи постојаниот претставник на САД, тоа е американскиот претседател Доналд Трамп.
Учесниците во мировниот процес во Украина работат на четири финални документи, објави Витакер.
Според дипломатот, на преговарачката маса моментално е нацрт-мировен план од 20 точки, како и документи за мултилатерални безбедносни гаранции и специјални гаранции од САД.
Четвртиот документ е посветен на план за повоено економско закрепнување и развој.
„Сите овие документи се дискутираат во реално време. Мислам дека сега имаме прилично добро разбирање за тоа што сака Украина“, додаде Витакер.
На 20 декември, делегации од Украина, САД и европски земји се состанаа во Мајами. По разговорите, специјалниот претставник на американскиот претседател, Стивен Виткоф, и секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, Рустем Умеров, објавија идентични изјави на социјалните мрежи. Тие рекоа дека за време на нивните состаноци страните разговарале за мировниот план од 20 точки и безбедносните гаранции на Вашингтон за Киев.
Покрај тоа, учесниците на состанокот одвоија време да разговараат за развојот на планот „економија и просперитет“.
Според Володимир Зеленски, украинската и американската делегација подготвиле нацрт-документи за рамка за завршување на конфликтот со Русија за време на нивните разговори во Мајами.
Фото: unsplash
Свет
Католиците ширум светот денес го слават Божиќ
Католиците, протестантите и другите верници кои се придржуваат до грегоријанскиот календар, денес ширум светот го одбележуваат еден од најрадосните празници – Божиќ, со кој се слави раѓањето на Исус Христос.
Празникот традиционално се прославува во кругот на семејството, со молитва, богослужби и обичаи што се разликуваат од земја до земја, но носат заедничка порака на мир, надеж и заедништво.
Како што налагаат обичаите, предвидено е овој ден да се помине со членовите на семејството и во заедничка молитва. Рано наутро верниците одат на миса, по што следува заеднички ручек.
Според Библијата, Исус го родила Девицата Марија, која зачнала безгрешно, а при породувањето ѝ помогнал нејзиниот сопруг Јосиф. Исус се родил во штала во градот Витлеем пред повеќе од 2.000 години, опкружен со домашни животни, поради што верниците за Божиќ под елката поставуваати фигури на овци.
Домовите на верниците се посебно украсени за Божиќ и во повеќето од нив има елка под која се оставаат подароци за најмладите членови на семејството.
Свет
Трката по суперинтелигенција: Технологија што го менува светот или опасна илузија
Колумнистот на Гардијан, Рафаел Бер, пишува дека ако вештачката интелигенција не им го променила животот на луѓето во 2025 година, тоа сигурно ќе се случи во 2026. Тој оценува дека еуфоријата околу вештачката интелигенција е надувана со финансии од Силициумската долина, со сериозни економски и геополитички последици.
Бер наведува дека ОпенАИ, компанијата зад „Чат ГПТ“, за неколку години стана еден од клучните играчи во глобалната економија, со огромни инвестиции од технолошките гиганти. Извршниот директор Сем Алтман и самиот признава дека делови од индустријата се во меур, додека Џеф Безос вештачката интелигенција ја нарекува „добар вид меур“.
Авторот предупредува дека трката за општа вештачка интелигенција меѓу САД и Кина ги засилува геополитичките тензии и ја намалува подготвеноста за глобални правила и контроли. Во отсуство на меѓународно управување, светот, според него, е препуштен на интересите на технолошките корпорации и авторитарни системи.
Бер укажува и на ризиците од сегашните модели на вештачка интелигенција, како „халуцинации“, пристрасност и намалување на квалитетот на информациите, предупредувајќи дека „вистинскиот меур не се вреднувањата, туку егото на индустријата“. Заклучува дека се приближува момент кога ќе мора да се одговори на клучното прашање: дали вештачката интелигенција ќе му служи на човештвото – или обратно.

