Култура
„Раката на Господ“ на 19 август го отвора 43. ИФФК „Браќа Манаки“
43. издание на ИФФК „Браќа Манаки“ на 19 август го отвора филмот „Раката на Господ“ на Паоло Сорентино, беше соопштено на денешната прес-конференција.
„Годинава, на ИФФК ‘Манаки’, ќе имаме неверојатни филмски остварувања од најголемите светски фестивали. Имаме гости и кои сами се пријавуваат да присуствуваат на фестивалот. Прашуваа дали може да дојдат во Битола. Имаме врвни ѕвзди, како наши лауреати, имаме многу журки, забави и коктели. Мака на овој фестивал секогаш беше дали ќе имаме доволно пари за да го реализираме, па сега можам да кажам дека годинава првпат со ребалансот се обезбедени доволно пари. Оваа година ќе имаме гости студенти од најдобрите академии во Европа.
Годинава ќе го имаме Ентони Дод Ментел, директорот на фотографијз и кинематографер, како што биле браќата Манаки. Соработувал со одлични режисери, номиниран за ‘Оскар’, и тој е првиот што добил ‘Оскар’ зашто снимил филм со дигитална камера. Тоа е нашиот лауреат за животно дело. Чекаме да ни потврди и кинематограферот на ‘Гладијатор’, на ‘Х-мен’, Џон Метисон. Годинава имаме диџеј од Берлин, по три журки ќе има во Битола секоја вечер. На три локации ќе се одвива фестивалот, во Домот на култура, таму имаме најмногу седишта, втората локација е киното ‘Манаки’, каде што ќе се одвиваат документарната и студентската програма, како и Офицерскиот дом, на летната тераса, која ќе биде отворена за програмата ‘Мак корнер’. Секоја вечер ќе има филмови“, рече директорот на фестивалот, Симеон (Мони) Дамовски.
Во документарната програма ќе има 10 документарни, кои се многу интересни.
„Мислевме дека треба да обрнеме внимание на пионерски потфати. Некои од најзначајните начела на кои се базира изборот се креативната храброст и посебноста на стилскиот израз и иновативноста во кинематогграфскиот пристап. Филмовите се од актуелно социјални и политички и културни теми, а се поврзани преку специфичниот филмски израз“, беше истакнато на прес-конференцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Излезе од печат стихозбирката „Гороцвети“ од Зора Златева
Книжевниот трезор во Охрид е побогат за уште една стихозбирка.
Деновиве во издание на НУ Библиотека „Григор Прличев“Охрид излезе од печат третата стихозбирка „Гороцвети“ од роднокрајната авторка Зора Златева.
Над триесетте песни и уште петнаесеттината минијатури се потврда за творечкиот и стилски растеж на поетесата Златева и се огледало на нејзиниот хабитус и ракурс на животот.
Дел од песните се лична експресија запишана на хартијата а останатите се собирани духовни приказни од околината и нечии судбини кои биле доволно инспиративни за авторката за таа да ги преточи во песни.
Претходно Златева во 2022 ја издаде стихозбирката „Блесок“ и две години подоцна „Сон“ а со свои песни е често застапена во збирки поезија издадени во Охрид и низ целата држава.
„Гороцвети“ веќе можете да ја зајмите во Библиотеката во Охрид.
Култура
Македонскиот народен театар со разнолик репертоар- од сценски спектакл, преку драми, до стендап
Македонскиот народен театар, 2026 година ја започнува со силен уметнички интензитет и разновидна театарска програма. Првиот месец во годината носи богат репертоар, кој опфаќа сценски спектакли, современи и класични драми и стендап-изведби на големата и малата сцена.
Програмата започнува на 15 и 16 јануари со големиот сценски спектакл „Сонцето, колку е блиску сонцето“. Поради големиот интерес на публиката, двете изведби се целосно распродадени.

На 17 јануари, публиката ќе има можност да избере: драмската претстава „Бели ноќи“ на малата сцена, со почеток во 20 часот и стендап-настапот на Сашко Коцев „Широк дијафазон“, кој ќе се одржи на големата сцена со почеток во 20:30 часот.
Репертоарот продолжува на 20 јануари со претставата „Народен пратеник“, а на 21 јануари следува монодрамата „Торонто експрес“. На 22 јануари ќе биде изведена драмата „Варвари“, а на 23 јануари на репертоарот е претставата „Кец на десетка“.

На 24 јануари, големата сцена е резервирана за претставата „Бог на колежот“, со почеток во 20 часот, а истата вечер, на малата сцена во 21 часот, ќе се одржи новогодишното стендап-шоу „На терапија“ со Александар и Антонио.

На 26 јануари на репертоарот е „Мој термин“, а на 28 и 29 јануари се изведбите на претставата „12“.
Јануарската програма ќе биде заокружена на 30 јануари со претставата „Марта Верна“ и на 31 јануари со „Замисли нов свет“.
Култура
Балетскиот спектакл „Госпоѓа Бовари“ на 23 јануари во Националната опера и балет
Балетскиот спектакл во два чина „Госпоѓа Бовари“ ќе се изведе на 23 јануари со почеток во 19.30 часот на сцената на Националната опера и балет.
На 23 јануари со почеток во 19.30 часот на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе балетскиот спектакл „Госпоѓа Бовари“, дело поставено во два чина, инспирирано од безвременскиот роман на Г. Флобер.
Балетот ја прикажува внатрешната борба на жената меѓу копнежот по страст и слобода, и стегите на општествените норми – тема која останува актуелна и денес.
Диригент е гостинот од Ерменија, Едуард Амбарцумјан, додека кореографијата ја потпишува Виктор Ишчук од Украина, кој со прецизен и суптилен современ израз го доловува духот на 19 век и емотивната комплексност на главниот лик. Музичката подлога е составена од дела на Камиј Сен-Санс, Морис Равел, Жил Масне, Феликс Менделсон и Георг Фридрих Хендл, со сценографија и костимографија на Андреј Злобин и Гана Ипатиева (Украина). Светло-дизајнот е на Милчо Александров, концерт-мајстор е Јане Бакевски, пијанист – Андреја Наунов, а менаџер на проектот е Киро Павлов.
Во главната улога на Ема Бовари ќе настапи примабалерината Марија Кичевска Шокаровска, во улогата на Шарл Бовари, Франциско Хименез Руиз, Балаж Лочеи како Рудолф Буланже, заедно со солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.
„Госпоѓа Бовари“ ја претставува сложената психологија на главниот лик преку балет, музика и сценска уметност. Со внимателно избрани музички партитури и динамична кореографија, постановката ја доловува борбата на Ема Бовари меѓу личните желби и општествените ограничувања. Секоја сцена е внимателно дизајнирана да ја истакне емоционалната длабочина, визуелниот сјај и современиот пристап кон класичната приказна, создавајќи незаборавно сценско искуство.

