Топ
Турски државјанин со живеалиште во Скопје осомничен за криумчарење на над 13 килограми злато на Табановце
Основното јавно обвинителство Куманово, постапувајќи по поднесена кривична пријава, донело наредба за спроведување истражна постапка против турски државјанин со живеалиште во Скопје, кој е осомничен за кривично дело криумчарење од член 278 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик, соопштија надлежните.
Осомничениот 55-годишник бил корисник на старосна пензија во Република Турција, додека во земјава бил ангажиран со договор на дело како возач на автобус во превозник од Скопје.
На 7 август осомничениот управувал со автобус на редовна линија Пореч, Р Хрватска – Гостивар РС Македонија.
На граничниот премин Табановце, преку царинска линија, при влез во земјава, се обидел да ја избегне царинската контрола и пренел непријавена стока од големи размери – златен накит, часовници и златни плочки во вкупна вредност од 36.305.644,81 денари.
Пратката со златни предмети претходно ја зел од хрватски државјанин и ја скрил во делот каде што се наоѓа вентилацијата на автобусот.
При контрола од овластени царински службеници таму биле пронајдени 18 пакувања во кои имало 97 златни прстени, 39 златни ѓердани, 133 златни белезици, 4 парчиња белезици со полускапоцени камења, 5 парчиња сини златни белезици, 8 парчиња жолти златни белезици, 5 парчиња гумени белезици со златни плочки, 5 парчиња часовници златни без механизми и нивни делови, 33 парчиња златни приврзоци, 91 парчиња златни обетки, 23 парчиња златни монети, 48 парчиња златен кршен накит, 73 парчиња златни плочки во правоаголна и друга форма и 3 пакети злато во гранули.
Златните предмети биле со вкупна тежина од 13,3 килограми.
Основно јавно обвинителство Куманово до судијата на претходна постапка на Основниот суд во Куманово поднело предлог за определување на мерката притвор против осомничениот, бидејќи, како што велат од таму, постои основан страв дека може да се даде во бегство, но и да го повтори кривичното дело доколку се брани од слобода.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
18-годишникот кој усмрти жена во Капиштец избега од државата, МВР распиша потерница
Министерството за внатрешни работи распиша меѓународна потерница по 18-годишникот кој прегази жена во Скопје и избега од местото на настанот. Според најновите информации, тој избегал и од државата.
„Министерството за внатрешни работи распиша меѓународна потерница по Саитов Саит (18) од Скопје од татко Берти и мајка Ганимете од Скопје. Лицето е барано по централна и меѓународна потерница по барање на ОЈО Скопје за кривично дело по член 300 од Кривичниот законик“, соопшти МВР.
Според истрагата, на 9 јануари, Саитов со „фолксваген пасат“ се движел по улицата „Народен фронт“ без да поседува важечка возачка дозвола. Тој се движел со неприспособена брзина и извршил непрописно поместување во левата коловозна лента, по што со возилото удрил во пешакот 79-годишната Љуба Јаковлеска. По несреќата, тој избегал.
фото/МВР
Топ
Уапсен жител на Богданци за убиство на сопствената мајка
Полицијата уапси 39-годишен жител на Богданци, осомничен за убиство на сопствената мајка.
Според информациите од МВР, денеска во Полициската канцеларија Богданци, полициски службеници од СВР Струмица-ОВР Гевгелија го лишија од слобода П.С.(39) од Богданци.
На 11.01.2026 околу 21:00 часот во стан во кој престојувале дошло до расправија помеѓу П.С. и неговата мајка М.С.(58) од Богданци, која преминала во физичка пресметка во која П.С. со остри предмети и нанел убодни рани на М.С. во пределот на главата.
Од здобиените повреди М.С. починала, а смртта е констатирана и од лекар од Итна медицинска помош Гевгелија.
На 12.01.2026 година во 07:05 часот во Полициската канцеларија Богданци П.С. сам го пријавил делото. Увид на местото изврши јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија и екипа од ОВР Гевгелија.
По наредба на обвинител телото на починатата е предадено на обдукција, а против сторителот во текот на денот ќе биде поднесена кривична пријава под сомнение за сторено кривично дело „убиство“.
Македонија
Уапсено лицето што го оштети стаклото на влезната врата на бугарската амбасада во Скопје
Полициски службеници од МВР денеска (12 јануари 2026 година) во 12:40 часот на улицата Кирил и Методиј во Скопје го приведоа Ш.А. (54) од овој град, поради сомнение дека вчера го оштетил стаклото на влезната врата на амбасадата на Република Бугарија во Скопје.
Веднаш по добиената пријава за инцидентот биле преземени мерки и активности за пронаоѓање на сторителот и расчистување на случајот, по што Ш.А. бил лишен од слобода. По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Инцидентот се случи вчера, 11 јануари 2026 година, кога беше пријавено оштетување на стаклото на влезната врата на Амбасадата на Република Бугарија. Според претходните информации од МВР, оштетувањето било забележано преку системот за видео надзор, а сторителот со удар со рака го оштетил стаклото и се оддалечил од местото.
Инцидентот беше остро осуден од бугарското Министерство за надворешни работи, кое го оцени како напад врз дипломатската мисија. Реакција имаше и од министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, кој го осуди настанот, оцени дека станува збор за изолиран случај и нагласи дека институциите реагирале брзо и ефикасно.

