Свет
Рејтингот на Бајден се зголеми по усвоените закони во Сенатот

Јавната поддршка за американскиот претседател Џо Бајден се зголеми оваа недела на највисоко ниво од почетокот на јуни, но останува историски ниска, покажуваат резултатите од анкетата на „Ројтерс“ и „Ипсос“.
Дводневната национална онлајн-анкета на 1.005 возрасни, вклучително 445 демократи и 357 републиканци, покажа дека 40 отсто од Американците го одобруваат работењето на Бајден овој пат, ниво на поддршка што е историски ниско за американски претседател.
Истражувањето завршено вчера исто така покажа дека 78 отсто од испитаниците, кои се изјасниле како демократи, го поддржуваат Бајден, наспроти 69 отсто еден месец претходно.
Само 12 отсто од републиканците го одобрија настапот на Бајден оваа недела, бројка што остана во голема мера стабилна во последните недели.
Вкупниот рејтинг на Бајден според слично истражување во мај достигна најниско ниво од неговиот мандат, 36 отсто, а под 50 отсто колку што беше во август минатата година, во време кога Американците се соочуваат со висока инфлација и економски тешкотии, кои сè уште се предизвикани од кризата предизвикана од Ковид-19, пренесува „Ројтерс“.
Во неделата, американскиот Сенат, по 18 месеци преговори и маратонска ноќна сесија, донесе закон за борба против климатските промени, намалување на цените на лековите и зголемување на некои корпоративни даноци, што се смета за голема победа за Бајден и неговата партија, што се очекува да ги зголемат шансите на демократите на претстојните избори за Конгресот во ноември, наведува британската агенција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Кого убија Израелците во нападот врз Иран? Воени шефови, нуклеарни научници…

Според иранските државни медиуми, неколку високи ирански воени функционери и нуклеарни научници беа убиени во израелската операција „Rising Lion“, чија цел беше да се спречи напредокот на нуклеарната програма на Иран.
Досега е потврдено дека следните лица се мртви:
Хусеин Салами, командант на Корпусот на Иранската револуционерна гарда (ИРГЦ)
Голамали Рашид, командант на Генералштабот на Хатам-ал Анбија
Ферејдун Абаси, нуклеарен научник и поранешен шеф на Организацијата за атомска енергија на Иран
Мохамед Мехди Техранчи, нуклеарен физичар поврзан со програмата за развој на нуклеарно оружје на Иран
Мохамед Багери, началник на Генералштабот на иранските вооружени сили
Исто така, според ирански извори, Али Шамхани, висок советник на врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи, беше сериозно повреден.
Свет
Израелскиот министер за одбрана: Ова е клучен момент во историјата на Израел

Израелскиот министер за одбрана Израел Кац изјави непосредно пред почетокот на нападот врз Иран дека ова е „клучен момент во историјата на Државата Израел и во историјата на еврејскиот народ“.
„По преземањето на функцијата, спречувањето на нуклеарната програма на Иран го направив апсолутен приоритет“, рече Кац, додавајќи дека „Иран е порешителен од кога било да ја реализира својата визија за уништување на Израел“.
Тој додаде дека Израел е во „критична точка“ и предупреди: „Ако ја пропуштиме, повеќе нема да имаме начин да го спречиме Иран да добие нуклеарно оружје што би го загрозило нашето постоење“.
Тој заклучи дека Израел дејствувал против сојузниците на Иран во регионот во изминатите година и пол, но дека сега „се справува со главата на змијата“.
Свет
Трамп: Знаевме однапред за израелскиот напад, но не учествувавме

Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави за „Фокс њуз“ дека однапред знаел за израелските планови за напад врз Иран, но нагласи дека американската војска не била вклучена во операцијата.
Трамп рече дека САД сè уште сакаат да се вратат на преговарачката маса со Иран за да ја ограничат неговата нуклеарна програма.
„Иран не може да има нуклеарна бомба и се надеваме дека ќе се вратиме на преговорите. Ќе видиме“, рече Трамп.
Тој додаде дека неколку ирански лидери биле убиени во нападот и коментираше дека „некои од раководството никогаш повеќе нема да ги видиме“.
Трамп исто така рече дека неговата администрација контактирала со клучен сојузник на Блискиот Исток кратко пред нападот, но не откри за која земја станува збор.