Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Надлежните 4 дена не може да утврдат дали има мајмунски сипаници кај лице што им избега од болница

Во секој сегмент од државата се случува распад на ситемот. Последен случај за тоа е во здравството, оценуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Во Македонија институциите 4 дена не може да утврдат дали има или нема мајмунски сипаници, заразна болест што зема силен замав во цела Европа. Едно лице, кое е суспектно, им избега од болница одбивајќи да се тестира и сега се обидуваат да стапат во контакт со него. Оттука, логично се поставува прашањето дали ова лице не е опасност за здравјето и животите на другите луѓе? Дали ова лице може да ја прошири болеста и на тој начин работите да излезат од контрола?“, прашуваат од опозициската партија.
Лицето што е суспектно и кое е можен заболен од мајмунски сипаници, според ВМРО-ДПМНЕ, треба да биде под здравствен надзор, а тоа треба да се овозможи преку ангажирање на сите надлежни институции.
„Неспособноста и неодговорноста на институциите може да загрозат животи и здравје. Недозволиво е за сериозна здравствена закана надлежните да креваат раменици и да дозволат суспектни или заболени лица да се шетаат слободно и да загрозуваат други. Свесни ли се дека на тој начин може да предизвикаат епидемија, па наместо да се спречи, ќе треба да се лечи, како што вели народот. Ова е скандалозно. За ваквата епска неспособност и неажурност, треба некој да понесе одговорност“, се нагласува во реакцијата од партијата на Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На Табановце и Богородица времето на чекање за влез во државата е околу 1 час

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини Табановце и Богородица времето на чекање за влез во државата изнесува околу 1 час. На останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Претпладне сончево, попладне наместа нестабилно со локален дожд и грмежи

Претпладне сончево со умерена облачност. Попладне наместа ќе биде нестабилно со локален дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 19 до 26 степени.
Во Скопје, сончево со умерена облачност и со слаб до умерен југоисточен ветер. Попладне во делови од котлината ќе има развој на нестабилна облачност со услови за пороен дожд и грмежи. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 26 степени.
Времето во наредните денови
Од среда на повеќе места ќе биде нестабилно со повремени врнежи од дожд, локално поројни, проследени со грмежи. Дневната температура ќе биде во постепено благо опаѓање.
Македонија
Карпош, Ѓорче Петров и Сопиште денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· Oд 08:00 до 16:00 часот, дел од корисниците во Стопански Двор. (Општина Ѓорче Петров);
· Oд 09:00 до 13:00 часот,ул.24 с.Сопиште КАЈ ИЦЕ МАК (Општина Сопиште);
· Oд 09:00 до 14:00 часот, дел од корисниците на ул.Ванчо Мицков,во Долно Нерези (Општина Карпош) ;
· Oд 10:00 до 14:30 часот, дел од потрошувачите на ул.Женевска (Општина Карпош).