Топ
Jапонскиот премиер: Никогаш повеќе нема да водиме војна
Јапонскиот премиер Фумио Кишида денеска, на 77-годишнината од капитулацијата на Токио во Втората светска војна, вети дека земјата никогаш повеќе нема да води војна.
Членовите на Владата го одбележаа денот со посета на контроверзниот храм Јасукуни, потег кој ќе ги налути Кина и Јужна Кореја, пренесе „Ројтерс“.
Во храмот Јасукуни се оддава почит на 14 воени водачи од Втората светска војна кои Сојузничкиот трибунал ги прогласи за воени злосторници.
Кишида не го посети Јасукуни, но се помоли во храм во Токио, објави новинската агенција Кјодо.
„Никогаш нема да минеме низ ужасите на војната. Ние ќе продолжиме да го исполнуваме овој завет. Во свет во кој конфликтите не стивнуваат, Јапонија е активен лидер во мирот“, рече Кишида.
Владиниот функционер Хироказу Мацуно рече дека е „природно секоја земја да им оддава почит на оние кои ги дале своите животи за татковината“, додавајќи дека Токио ќе продолжи да ги зајакнува односите со своите соседи, вклучувајќи ги Кина и Јужна Кореја.
Јапонија им се предаде на сојузниците на 15 август 1945 година и формално ја потпиша капитулацијата на 2 септември.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Изгубени странски туристи безбедно извлечени преку езерото „Матка“
Вчера, на крајот од денот, по стемнувањето, на 112 во ЦУК е добиена пријава од странски државјани (турски), туристи, кои се наоѓале спроти ресторан „Кањон Матка“, на другата страна од езерото, односно акумулацијата „Матка“ и истите информирале дека се изгубиле и не можат во мракот да се движат, па побарале помош да преминат од спротивната страна каде што се наоѓа ресторанот и пешачката патека.
За таа цел било потребно пловно превозно средство (кајче, чамец). Регионалниот ЦУК Скопје координираше со институциите од Системот за управување со кризи и информираше дека дека за ова веднаш биле известени ПС Сарај и Општина Сарај и според повратните информации за околу еден час странските државјани биле извлечени од местото каде што се наоѓале и потоа безбедно биле префрлени преку езерото, односно акумулацијата „Матка“, извести ЦУК.
Регион
(Видео) Пожар во дом за стари лица во Србија, осум загинати, неколку повредени
Осум лица загинаа, а неколку се повредени во пожар што утрово околу 4 часот и 30 минути избувна во дом за стари лица во Велики Борак, во белградската општина Бараево, објави РТС. Пожарот е изгаснат, а во гаснењето учествувале голем број пожарникари и противпожарни возила.
Др. Виолета Николиќ од Итната медицинска помош за РТС изјави дека добиле повик од пожарникари за избувнување на пожар во дом за стари лица во Велики Борак.
Таа наведе дека четири повредени лица се пренесени на токсиколошкото одделение на ВМА, додека на две лица им е укажана помош во Ургентниот центар. На интервенција се упатени четири екипи од Итната медицинска помош, уште две дополнителни екипи од Лазаревац и една од Бараево.
Вршителот на должноста помошник министер и раководител на Секторот за вонредни ситуации, Лука Чаушиќ за РТС изјави дека се претпоставува дека во моментот на пожарот во објектот имало 30 корисници. Како што наведе, Брзата помош згрижила седум повредени и ги пренела во ВМА и Ургентниот центар.
Според него, по пријава во 3 часот и 32 минути, единиците на Секторот за вонредни ситуации веднаш биле испратени на местото на настанот, каде што го затекнале огромен пожар. „Во моментов се уште проверуваме дали има преостанати извори на пожар што би можеле да предизвикаат негово ширење, додека причината ќе се утврди во наредните часови“, рече Чаушиќ.
Тој додаде дека домот за стари лица се наоѓа далеку од фреквентни патишта, но противпожарните екипи брзо пристигнале, а на повредените им била укажана помош во рекордно време. „Ова е голема трагедија, но можеше да биде и многу поголема“, заклучи Чаушиќ.
Свет
Палестинците го слават враќањето на затворениците: „Во затвор беше страшно“
Околу 90 палестински затвореници се ослободени во замена за тројца израелски заложници кои Хамас му ги предаде на Израел како дел од примирјето со цел да се стави крај на 15-месечната војна во Газа.
Затворениците, од кои повеќето беа ослободени во раните утрински часови денеска од затворот Офер во Рамала на окупираниот Западен Брег, беа пречекани со прослави од илјадници луѓе кои вееја палестински знамиња и знамиња на Хамас.
Семејствата и пријателите чекаа со часови на студ за да ги прегрнат своите најблиски, пуштени како што беше договорено.
Меѓу ослободените беше и Шата Џараба (24), која беше уапсена поради објава на социјалните мрежи во која ја критикуваше „бруталноста“ на кампањата на Израел во Газа. „Многу сум среќна! Фала му на Бога, излезена сум. Во затворот ме третираа многу лошо. Беше страшно“, изјави таа за Гардијан.
„Среќен сум, но не целосно. Ќерка ми беше уапсена само затоа што ги искажа своите ставови… Најмногу ме боли тоа што луѓето мислат дека Израелците вака се однесуваат со нас само од 7 октомври, но вистината е дека отсекогаш било вака“, рече таткото на Џараба, Наваф Џараба (63).
Во неделата, три жени заложници од тунел во Газа – Емили Дамари (28), Роми Гонен (24) и Дорон Штајнбрехер (31) – беа ослободени и вратени кај нивните семејства. Снимките покажуваат дека се во добра здравствена состојба, но ќе поминат неколку дена во болница.
Првата фаза од прекинот на огнот вклучува ослободување на 33 заложници од Газа и стотици Палестинци од израелските затвори. Следните фази планираат ослободување на преостанатите заложници, целосно повлекување на Израел од Газа и реконструкција на територијата. Условите за управување во Газа остануваат нејасни.