Култура
Комисијата за култура на ВМРО-ДПМНЕ: Горјан Тозија беше филмски работник кој рушеше сѐ, само за да биде видлив
Комисијата за култура на ВМРО-ДПМНЕ смета дека целосно е погрешна одлуката на Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ) да ја додели „Големата ѕвезда на македонскиот филм“ на веќе покојниот поранешен директор на Агенција за филм, Горјан Тозија.
Од опозициската партија сметаат дека Тозија бил на чело на разорните процеси за филмoт.
„ЗА ПОКОЈНИКОТ СЕКОГАШ НАЈДОБРО! Горјан Тозија беше филмски работник кој рушеше сè само за да биде видлив. Беше видлив кога го уништи ‘Вардар филм’. Беше видлив кога го рушеше Законот за филмска дејност, беше видлив и кога најавуваше бројач пред порта Македонија. Филмот и културата жестоко се цензурираат во континуитет и се урива дигнитетот на филмската дејност. Затоа, Комисијата за култура на ВМРО-ДПМНЕ смета дека целосно е погрешна одлуката на ДФРМ да ја додели Големата ѕвезда на македонскиот филм токму на оној кој беше на чело на овие разорни процеси. Наместо Големата ѕвезда на македонскиот филм да се даде на вистинските филмски творци и еминентни професионалци во македонската кинематографија, Здружението во чија надлежност е доделувањето на ова признание, одлучи тоа да се додели на оној кој ги урна сите надежи на филмската дејност во Македонија. ДФРМ го одбра кафеанскиот човек кој само умееше да плете површни кафеански приказни, користеше уцени, закани заткулисни мрачни методи.
Дали тој заслужува да го добие аплаузот од ИФКК Браќа Манаки? Македонија стана пазар, па и македонскиот филм стана заробеник на политички исфрустрираните луѓе кои генерациски владеат со фелата. Да живее Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“! Да живее Битола! Да живее филмот! Но, животот што го ветуваа не доаѓа со вакви нејасни потези, одлуки и пазари. Не доаѓа за сите!!!“, велат од Комисијата за култура на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Промоција на донации – лични фондови на Анте Поповски и Матеја Матевски во Музејот на македонската борба
Донации на лични фондови на Анте Поповски и Матеја Матевски ќе бидат промовирани во НУ Музеј на македонската борба за самостојност на 30 мај 2024, четврток, во 19 часот.
Благодарение на соработката со семејствата Поповски и Матевски, Музејот ги збогатува фондовите со подарени материјали за еминентните претставници на втората генерација македонски книжевници, чии дела оставија силен печат врз општествената и културната сцена во втората половина на 20 век.
Анте Поповски (1931, Лазарополе – 2003, Скопје) е македонски книжевник, поет и есеист, публицист, сценарист, продуцент, преведувач, општественик и академик. Како член на МАНУ и Светската академија на поезијата на Организацијата за образование, наука и култура на Обединетите нации (УНЕСКО) се профилира како еден од афирматорите на македонска книжевна и културна сцена на национално, но и на меѓународно ниво.
Матеја Матевски (1929, Истанбул, Турција – 2018, Скопје) е значајна личност во македонската современа литература и култура, поет на европската лирика, есеист, новинар, преведувач, литературен и театарски критичар. Истакнат општественик и член на МАНУ од 1970 година со значаен придонес во областа на книжевноста и културата на Македонија.
Активностите се дел од годишната програма на Музејот за минатата година, реализирани со поддршка на Министерството за култура.
Култура
Хорот и оркестарот на скопското училиште „Кузман“ освои шест награди во Јесоло, Италија
Туристичкото место Јесоло во Италија ги отвори вратите за 500 учесници од 12 држави од светот, меѓу кои и избраниците на професорката по музика Вера Ангеловска од ООУ „Кузман Јосифовски – Питу“ од Кисела Вода. На Светскиот куп во фолклор учесниците настапија во разни дисциплини. Македонските претставници се одлучија за вокално-инструментален ансамбл со хорот и оркестарот, како и соло настапи на пет вокали солисти и еден соло инструмент – гитара.
Старата македонска песна „Учи ме, мајко, карај ме“ беше изборот на Ангеловска за хорот и оркестарот.
Оваа музичка дружина, која брои 49 члена, од кои 39 вокали, осум флејтисти и двајца гитаристи, ја стресе бината. Под диригентската палка на Верче кузмановци блеснаа на отворената сцена, а за комплетен впечаток се погрижи прекрасната кореографија со автентични македонски предмети, како и рецитирањето строфа од македонската љубовна песна „Дениција“.
„Публиката задоволна, жирито исто така. ‘Кузман’ и овој пат ги освои срцата на присутните. Освоеното второ место, пехарот, медалите и дипломите ќе останат да сведочат за овој огромен успех на ООУ ‘Кузман Јосифовски – Питу’. Паричниот ваучер ќе биде само мотив повеќе да се продолжи со работа до следното претставување голем музички настан. Во оваа конкуренција немаше освоено прво место “, велат од училиштето.
За дефилето пред завршната вечер, Македонија беше избрана од страна на организаторот да ја предводи долгата редица натпреварувачи на улиците на Јесоло, па ечеа македонски песни и се вееја македонски знамиња.
Солистите освоија едно прво место, две втори и две трети места, како и една пофалница.
Македонските претставници велат дека добиле и ексклузивна покана за прием кај градоначалникот на Јесоло, Кристофер де Зоти, кој ги поздравил и им посакал уште поголем успех во иднина на музичките таленти од Македонија.
Култура
Промоција на стихозбирката „Моето алтер его“ од Елеонора Николовска
Во НУ Центар за култура – Крива Паланка, вечерва (28 мај), со почеток во 19 часот, ќе биде промовирана стихозбирката „Моето алтер его“ од поетесата Елеонора Николовска, во рамките на манифестацијата „Крива Паланка – град на културата 2024“.
Станува збор за збирка од 47 лирски песни со посебно изразена живост, преку кои Николовска порачува: „Никој нема совршен живот, но сите имаме совршени моменти“.
Рецензентка на збирката е Силвана Крстовска, а промоторка Ирена Белешковска. Стихови ќе чита поетесата Емилија Колевска, а куриозитет за публиката ќе биде настапот на младата талентирана Нина Николовска, државен првак во соло пеење.
Илустрациите на поетската збирка се креирани од Ана Срока, преку колаж на цветни мотиви што ги разигруваат страниците полни со емоции.
Елеонора Николовска е родена во Крива Паланка. Дипломира на Филолошкиот факултет, а подоцна магистрира менаџмент на човечки ресурси.
Авторка е на збирката поезија „Чекајќи го животот да се случи“, (2021) и збирката раскази „Расказите раскажуваат“ (2023).
Нејзините поетски творби, раскази, сатирични песни, афоризми и други творби се објавени во над 70 збирки, зборници, списанија, антологии на македонската и балканска книжевна сцена.