Култура
Хелена Тшештикова на „Македокс“: Документаристот мора добро да го осмисли крајот на филмот, оти снимањето трае со години
Третиот ден на 13. „МакеДокс“ почна со мастерклас на почесната гостинка Хелена Тшештикова, една од најпознатите документаристки од Чешка. Мастеркласот на кој Тшештикова зборуваше за својата документаристичка работа и специфичен метод (тајм-лапс) на снимање на филмовите се одржа во „ЕУ Хаус“ во Скопје.
– За да се одржи мастерклас треба да има мастер (мајстор) – духовито забележа Туе Стен Милер, кој го модерираше разговорот со Хелена Тшештикова, и на почетокот се потсети дека со Хелена лично се знаат од времето кога работела на филмот „Рене“, а првото прашање се однесуваше на нејзиниот специфичен метод за снимање филмови.
– Уште во раната младост многу сакав да пишувам дневник, по примерот на Ана Франк, и тоа го правев секојдневно. Кога почнав да се занимавам со снимање филмови сакав да го задржам истиот дневнички запис, овојпат направен со камера – објасни Тшештикова.
Првиот проект што почнала да го снима со „тајм-лапс“ методот се „Брачни приказни“. Почетокот на приказните е на свадбената церемонија на избраните брачни партнери, а потоа приказните продолжила да ги снима со истите партнери по 20 и по 35 години брак, а тој проект е активен до денес. Тој проект практично го трасира патот и за другите филмови.
Најпознатиот филм, за кој ја доби и наградата на Европската филмска академија (ЕФА) во 2008 година е „Рене“, за младиот деликвент Рене Плашил. Таа објасни дека тој проект почнал во 1988 година, кога биле избрани пет млади деликвенти кои со камера ги снимале три години и во тој период сфатила дека Рене е најпаметен и најавтентичен како карактер, што било клучно за да направи филм со неговата животна приказна. Во текот на снимањето се случувале многу непредвидени работи, а еднаш дури и нејзиниот дом бил ограбен од Рене, по што следувала жестока реакција од семејството на Хелена, но таа продолжила да ја снима неговата приказна. Од 33 години снимање на животот на Рене излегоа два филма „Рене“ (2008) и „Рене – Затвореник на слободата“ (2021). Со вториот филм беше отворена програмата Земја во фокус – Чешка, на 13 „МакеДокс“.
Во однос на својата работа Тшештикова истакна дека документаристот мора добро да го осмисли крајот на филмот, бидејќи снимањето трае со години, да биде подготвен на непредвидени работи, бидејќи за неа и Кадифената револуција во Чешка се случила како непредвидена работа која имала влијание врз филмот за Рене, да биде подготвен да направи промени во планот за снимање и во приказната, да знае да комуницира со продуцентите, бидејќи тие работат со фиксен дедлајн и постојано потсетуваат дека снимањето на филмот не може да трае вечно.
Во однос на комуникацијата со протагонистите Тшештикова рече дека редовно се слуша со повеќето од нив, дека таа е навлезена во нивните лични животи, но и тие се навлезени во нејзиниот живот. Во однос на изборот рече дека не сака да снима филмови за „ѕвезди“, туку за едноставни, обични и автентични луѓе за кои смета дека имаат интересен живот за филмска приказна. Единствен исклучок од тоа правило е документарниот филм за големиот чешки режисер Милош Форман, кој го направила бидејќи делата на Форман имале големо влијание таа да почне да се занимава со филмската уметност, објасни Тшештикова на мастеркласот.
– Никогаш не сум прекинала контакт. Целата работа ја правам по сопствена волја, никој не ме тера на тоа и затоа сум постојано посветена на моите протагонисти и нивните приказни. Никогаш не сум се откажала проект и никогаш не се предавам! – рече Хелена Тшештикова на крајот од својот мастерклас.
По мастеркласот со Тшештилова, данскиот консултант за документарци и филмски критичар, Туе Стен Милер, почна со реализацијата на работилницата за развој на идеи. Учесниците на работилницата се режисери и продуценти со краткометражни или долгометражни креативни документарни проекти во развој, продуцирани или копродуцирани во Грција, Албанија, Бугарија, Северна Македонија, Србија, Косово, Црна Гора, Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија, Романија и Турција. По два дена на групни и индивидуални сесии, резултатите од работилницата ќе бидат презентирани на 22 август, во рамките на 4-тото издание на МакеКоПроДокс форумот.
Во текот на викендот (20 и 21 август) во Младинскиот културен центар, со термини во 11 и во 18 часот, се прикажува Програмата за деца и млади, во чии рамки се предвидени проекции на два долгометражни и голем број кратки документарни и анимирани филмови.
Секое попладне до крајот на фестивалот во 18 часот се одржуваат „Разговорите под смоквата“ во Куршумли-ан, на кои авторите на филмовите ги разменуваат своите лични искуства во снимањето на филмовите.
На 21 август, во 12 часот на пладне, ќе биде отворена фото-изложбата „Спојка“ на Доријан Миловановиќ.
Дипломираниот филмски монтажер по професија Доријан Миловановиќ, служејќи се со својот фотоапарат, на еден своевиден начин, на својата фотографија ѝ дава една надреална и надвременска моќ, успева да долови моменти од навидум секојдневното земско живеење и да ги доведе до една спојка со надземното, магичното, невообичаеното, и при тоа да изгради светови кои отвораат нови светови и „развиваат идеи“ за нови и нови и нови…
Тринаесеттото издание на „МакеДокс“ е поддржано од Агенцијата за филм на Северна Македонија, Програмата МЕДИА на „Креативна Европа“, Националната фондација за демократија од Вашингтон, Институтот „Јунус Емре“ – Скопје, Чешката Амбасада во Скопје, Чешкиот културен цeнтар во Софија, Сивус Скопје – Групација „Арикома“, Грчкиот културен центар, МЕДИА деск МК, Музеј на РСМ, Археолошки музеј, Музеј на современата уметност, такси „Глобал“.
Билети можат да се набават онлајн преку продажната мрежа на мк.тикетс (www.mktickets.mk). Целовечерен билет за проекциите во Куршумли-ан чини 200 денари, а билет за втората проекција во Куршумли-ан чини 150 денари. Единечен билет за проекциите на платото на Музеј на РСМ може да се набави по цена од 100 денари. Билетите за церемонијата на отворање на 18 август и церемонијата на доделување награди на 24 август се со цена од 300 денари. Единечен билет за проекциите во МКЦ е 50 денари, а за деца под 10 години билетите се бесплатни.
Медиумски покровители на 13. „МакеДокс“ се: Слободен печат, Нова Македонија, МТВ – Прв програмски сервис, МКД.мк, УМНО, СДК.мк (Сакам да кажам.мк), Плус Инфо, Окно, Офф.нет, Е-магазин, Лице в лице, Радио МОФ, Радио Џез ФМ, Радио Канал 103, Радио Антена5, Радио Бубамара, Лајф Радио, Его, Поп-ап, Види Вака, Гледај.мк, Кајгана Медиа и Еспресо.мк.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Као какао“ – прв македонски мјузикл инспириран од музиката на Влатко Стефановски
„Као какао“ е насловот на првиот македонски мјузикл инспириран од музиката на гитаристот Влатко Стефановски – автор чииот звук со децении е дел од музичката меморија на публиката. Проектот беше официјално најавен на прес-конференција одржана вчера, а мјузиклот премиерно ќе биде изведен во мај, во продукција на „Баги комуникации“, со Македонскиот народен театар како копродуцент.
Текстот за мјузиклот го напиша Венко Андоновски, а режијата е доверена на Дејан Пројковски. Во моментов, во план е претставата да вклучува 19 познати композиции од Влатко Стефановски, кои ќе бидат изведени во нови аранжмани, специјално подготвени за мјузиклот од Бобан Мирковски.
Извршниот продуцент Владимир Мандичевски-Манде на прес-конференцијата истакна дека идејата за проектот постои веќе три години, додека конкретните активности започнале минатиот јуни.
– Логично беше да се направи мјузикл на музиката на Влатко Стефановски, затоа што станува збор за најиздржаниот и најпризнат музички опус што го имаме во современата македонска музика. Соодветно на квалитетот на неговата музика и тежината на неговото име, се обидовме да формираме тим кој со својата работа ќе одговори на тоа дело. Тешко е да се соберат вакви луѓе – сите врвни професионалци во својата област – но токму тоа ни дава право да веруваме дека создаваме еден од најзначајните културни проекти во последните децении, со потенцијал да излезе и надвор од границите на нашата држава, рече Мандичевски.
Приказната на сцена ќе ја раскажат младите актери Катерина Јовановиќ и Владимир Петровиќ, кои ќе ги толкуваат главните ликови Дона и Џими. Тие се избрани на кастинг спроведен од Биљана Драгиќевиќ-Пројковска. Покрај нив, во мјузиклот ќе учествува и поширока актерска екипа, која дополнително ќе се надградува во текот на процесот.
За кореографијата е задолжена Олга Панго, костимограф е Марија Пупучевска, сценографијата ја потпишува Валентин Светозарев а вокален ментор е Ана Костадиновска. Автор на визуелниот идентитет е дизајнерот Марко Мандичевски, кој создаде визуелна приказна од пеперутка направена од гитарски жици, која ја симболизира трансформацијата на еден млад уметник со желба за успех.
Самиот Стефановски истакна дека драмскиот текст силно го допрел уште при првото читање.
– Текстот на Венко ме насмеа три пати, а ме расплака два пати. За мене тоа е најдобрата потврда дека е навистина добар. Не се сомневам во режисерските квалитети на Пројковски, ниту во младите актери – имаме исклучително
талентирани млади луѓе и верувам дека ова ќе биде интересен и успешен проект, рече Стефановски.
Андоновски, пак, со доза хумор и искреност зборуваше за својата долгогодишна почит кон семејството Стефановски.
– Имав сериозна желба да го надминам Влатко Стефановски во гитара – не успеав, па отидов на книжевност. Првата книга што ја добив беше ‘Диво месо’ од Горан Стефановски, и него не успеав да го надминам. Но, еве, животот убаво ги реди работите и сега работиме заедно“, рече Андоновски, додавајќи дека неговата генерација имала среќа да расте со светски гитарист од Тафталиџе.
За него, Влатко Стефановски е „човек епоха“, а процесот на пишување, како што вели, течел речиси природно.
– Добив одбрани песни и музиката ме водеше. Самите песни ја раскажаа приказната. Неговата музика говори, неговата гитара говори и приказната сама се склопи. Тоа е мелодрамска приказна со силен копнеж да се успее, во која се обидов да ја внесам мојата љубов и страст кон музиката на Влатко Стефановски, истакна Андоновски.
Режисерот Пројковски нагласи дека проектот претставува голем предизвик, но и голема чест.
– Тргнавме храбро – со желба да создадеме оригинален, автентичен македонски мјузикл. Ќе ги почитуваме формите на жанрот, но ќе се обидеме да изградиме сопствен јазик и идентитет. Создаваме продукт што треба да ги полни салите, не само кај нас, туку и во регионот, и навистина сум возбуден поради делото што го градиме, рече Пројковски.
Аранжерот Мирковски ја опиша задачата како сериозна и одговорна, но и инспиративна.
– Кога Влатко ми даде целосна слобода да работам со музиката што ја создавал цел живот ми рече имаш одврзани раце, слободно уживај и јас решив навистина да уживам во процесот. Се надевам дека ќе ја оправдам довербата, истакна тој.
Кореографката Панго, која и самата настапувала во претстави на музиката на Стефановски, нагласи дека мјузиклот е најсложената сценска форма.
– Тоа е голем предизвик, но и огромна чест. Создаваме македонски мјузикл со македонска душа, кој треба да изгледа и да звучи светски. Се надевам дека ќе удриме во центарот, рече Панго.
Поддржувачи на проектот се осигурителната компанија „Триглав“ и „Шпаркасе банка“. Маја Бабиќ од „Баги комуникации“ истакна дека нивната поддршка била дадена уште во најраната фаза, кога проектот сè уште постоел само како идеја на хартија.
– Вакви независни проекти е невозможно да се реализираат без поддршка од општествено одговорни компании и навистина сме им многу благодарни за тоа, нагласи Бабиќ.
Катерина Јовановиќ и Владимир Петровиќ изразија благодарност за можноста да бидат дел од проектот, оценувајќи го како најголем предизвик во нивните досегашни кариери. За нив, како што истакнаа, е чест да се пеат песните на Влатко Стефановски на сцена, со надеж дека „Као какао“ ќе ги полни салите во Македонија, но и ќе доживее успех надвор од земјата.
Култура
Излезе од печат стихозбирката „Гороцвети“ од Зора Златева
Книжевниот трезор во Охрид е побогат за уште една стихозбирка.
Деновиве во издание на НУ Библиотека „Григор Прличев“Охрид излезе од печат третата стихозбирка „Гороцвети“ од роднокрајната авторка Зора Златева.
Над триесетте песни и уште петнаесеттината минијатури се потврда за творечкиот и стилски растеж на поетесата Златева и се огледало на нејзиниот хабитус и ракурс на животот.
Дел од песните се лична експресија запишана на хартијата а останатите се собирани духовни приказни од околината и нечии судбини кои биле доволно инспиративни за авторката за таа да ги преточи во песни.
Претходно Златева во 2022 ја издаде стихозбирката „Блесок“ и две години подоцна „Сон“ а со свои песни е често застапена во збирки поезија издадени во Охрид и низ целата држава.
„Гороцвети“ веќе можете да ја зајмите во Библиотеката во Охрид.
Култура
Македонскиот народен театар со разнолик репертоар- од сценски спектакл, преку драми, до стендап
Македонскиот народен театар, 2026 година ја започнува со силен уметнички интензитет и разновидна театарска програма. Првиот месец во годината носи богат репертоар, кој опфаќа сценски спектакли, современи и класични драми и стендап-изведби на големата и малата сцена.
Програмата започнува на 15 и 16 јануари со големиот сценски спектакл „Сонцето, колку е блиску сонцето“. Поради големиот интерес на публиката, двете изведби се целосно распродадени.

На 17 јануари, публиката ќе има можност да избере: драмската претстава „Бели ноќи“ на малата сцена, со почеток во 20 часот и стендап-настапот на Сашко Коцев „Широк дијафазон“, кој ќе се одржи на големата сцена со почеток во 20:30 часот.
Репертоарот продолжува на 20 јануари со претставата „Народен пратеник“, а на 21 јануари следува монодрамата „Торонто експрес“. На 22 јануари ќе биде изведена драмата „Варвари“, а на 23 јануари на репертоарот е претставата „Кец на десетка“.

На 24 јануари, големата сцена е резервирана за претставата „Бог на колежот“, со почеток во 20 часот, а истата вечер, на малата сцена во 21 часот, ќе се одржи новогодишното стендап-шоу „На терапија“ со Александар и Антонио.

На 26 јануари на репертоарот е „Мој термин“, а на 28 и 29 јануари се изведбите на претставата „12“.
Јануарската програма ќе биде заокружена на 30 јануари со претставата „Марта Верна“ и на 31 јануари со „Замисли нов свет“.

