Економија
Германија се подготвува за национализација на филијалата на „Гаспром“
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/61376baf-0911-43bc-a05e-1ce34ec6348d.jpg)
Германската влада формираше холдинг компанија за да ја изврши евентуалната национализација на „Гаспром Германија“, енергетскиот бизнис од кој рускиот „Гаспром“ излезе во април, објави германскиот весник „Велт ам Зонтаг“.
Во април германскиот енергетски регулатор објави дека ќе управува со „Гаспром Германија“ (трговија, складирање и пренос) во интерес на Германија и Европа.
Новиот холдинг наречен Securing Energy for Europe Holding GmbH (SEEHG) е одговорен за инвестициите на компанијата, објави весникот, наведувајќи дека директорите се двајца адвокати од адвокатската фирма CMS Hasche Sigle, која одби да го коментира извештајот, наведувајќи ги обврските за доверливост.
Германското Министерство за економија соопшти дека знае за холдинг-компанијата и дека нејзиното основање е превентивен чекор за какви било мерки за реструктуирање.
„ Тоа е мерка на претпазливост која во моментов постои само како обвивка на корпоративното право“, изјави портпаролот на Министерството за „Велт ам Зонтаг“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Економија
Американскa компанија ќе инвестира во Македонија, објави Мицкоски од Вашингтон
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/450456119_1080623773419548_6742439707711266663_n.jpg)
По инвестицијата од 500 милиони долари на Алказар Енерџи во ветерен парк која е најголема во регионот и инвестицијата на германско белгиската компанија Епсотех Аим во Петровец од 20 милиони евра, Американски Вабтек ќе инвестира во Македонија, објави на социјалните мрежи, премиерот Христијан Мицкоски, кој се наоѓа во посета на Вашингтон.
Се работи за компанија којашто е дел од 500. најголеми компании во САД, а се занимава со производство на сопирачки за шински возила.
„Остварив средба со извршниот потпретседател на компанијата во Вашингтон каде што беше потврдена динамиката на реализација на новата инвестиција. Повеќе од 100 нови вработувања, инвестиција вредна 35 милиони евра“, соопшти Мицкоски додавајќи дека поголем извоз гарантира подобра иднина.
Претходно, од владината прес-служба информираа дека посетата на Мицкоски има за цел да ги зајакне билатералните односи со САД, да ја афирмира Македонија како стабилен партнер и да ги промовира економските можности на нашата земја пред американските инвеститори.
Економија
Средба Божиновска – Агелер: Поддршка од САД за размена на искуства и знаење во сферата на енергетиката
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/ageler-bozinovska-1.jpg)
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, денеска оствари работна средба со Амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Н.Е. Ангела Агелер.
Како што известува Министерството, на средбата се разговарало за новоформираното министерство за неговите цели, активности и проекти.
Министерката Божиновска ја истакна огромната важност за реализирање на нови капитални инвестиции во полето на енергетиката и усогласување на постоечките закони со оние на Европската Унија во делот на енергетиката.
Неопходно е зајакнување на билатералната соработка меѓу двете земји, истакна Божиновска имајќи предвид дека стратешката определба која е во насока на зајакнување на односите со нашиот партнер САД.
На средбата се нагласи и поддршката на САД во делот на размена на искуства и знаење во сферата на енергетиката и обновливите извори на енергија, се наведува во соопштението на Министерството.
Економија
Зголемување на цените на горивата од полноќ
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2023/01/benzin-gorivo-960x639-1-2.jpg)
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,00 % во однос на одлуката од 1.7.2024 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување кај бензините во просек за 2,641 %, кај дизелот зголемувањето е во просек 1,924 % , кај екстра-лесното масло зголемувањето е во просек 1,125 % и кај „мазутот“ зголемување во просек околу 2,178 % поради што во структурата на цените на нафтените деривати е извршено соодветно приспособување.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок з,355 %.
Од 9.7.2024 година од 00.01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
– моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 84,00 (денари/литар)
– моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 86,00 (денари/литар)
– дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 77,00 (денари/литар)
– масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 75,50 (денари/литар)
– „мазут М-1 НС“ – 48,634 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕВРОСУПЕР БС-95 и ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат1,00 денар/л.
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемуваат 0,50 денари/л.
Малопродажната цена на „мазутот М-1 НС“ се зголемува 0,626 денари/кг.