Македонија
Општина Аеродром: Редуцирано улично осветлување како дел од мерките за штедење на електрична енергија
Во насока на заштеда на електрична енергија, а следејќи ги препораките, стручниот тим од Општина Аеродром кој работи на надминување на кризата со електрична енергија, од 1 септември носи пакет на мерки за штедење на електрична енергија.
Се работи за мерки со кои се очекува драстично намалување на потрошувачката на електрична енергија, со што значително ќе се придонесе кон полесно надминување на енергетската криза во Македонија и сериозниот удар кој таа го нанесе врз општинскиот буџет, и тоа:
– Престанок со работата на сите фонтани и исклучување на внатрешното и надворешно осветлување;
– Осветлувањето во парковите на територија на опшина Аеродром, ќе работат редуцирано, односно ќе светат преку една сијалица, а целосно ќе се гасат во 01.00 часот по полноќ;
– Уличното осветлување на сервисните улици со кое стопанисува општина Аеродром, ќе биде редуцирано, односно ќе свети преку една сијалица и ќе се гаси 2 часа порано, од вообичаеното;
– Рефлекторите на спортските игралишта престануваат со работа од 1 октомври.
Општина Аеродром, додаваат од таму, со овие мерки става крај на неразумното трошење на електричната енергија и започнува со рационално управување на средствата. Истовремено ги информираат граѓаните дека и во услови на енергетска криза не престануваат како што велат со работа, туку интензивно ќе работат на подобрување на условите за живот и работа за секој еден граѓанин.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Скопје утрово го сруши рекордот, најзагаден град е во Европа
Скопје утрово се најде на 21. место на најзагадени градови светот и прв во Европа, покажуваат податоците на светскиот сервис на мерење на квалитетот на амбиенталниот воздух „Ај-кју ер“ (IQAir).
Според последните податоци, индексот на загаденост за Скопје во 9 часот изнесува 95, што е во категоријата на средна загаденост.
Од европските градови зад Скопје се Амстердам , Сараево и Белград, додека на светско ниво најзагаден воздух дишат жителите на Лахор (Пакистан), Делхи (Индија) и Карачи (Пакистан).
Министерството за животна средина и просторно планирање завчера издаде препораки до граѓаните за заштита од загадувањето. На сите работодавци и им се препорачува да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и граѓаните со хронична астма, прележан срцев удар или мозочен удар, без оглед на возраста. На оние кои мора да работат на отворено им се препорачува смените да им бидат поместени во интервалот од 11 до 17 часот.
Македонија
Татко и син тргувале со марихуана
Основното јавно обвинителство Гевгелија донесе наредба за спроведување истражна постапка против две лица, татко и син од гевгелиското село Богородица, за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ од член 215 став 1 од Кривичниот законик.
При претрес со судска наредба во домот на осомничениот татко на 17 декември, како што информираат од Обвинителство, биле откриени околу 150 грама марихуана во разни пакувања, семки од канабис, метални и пластични грендери, две дигитални ваги, три бонга, како и шатор со електрична инсталација, светилки, ламби и мерачи на температура кои служеле за претходно производство на наркотична дрога-марихуана.
-Осомничениот син, пак, посредувал во купопродажбата на марихуаната. Дрогата која ја зел од неговиот татко со намера да ја препродаде, ја однел во куќата на дедо му каде престојувал. Кога полициските службеници отишле и таму да вршат претрес, тој ја заклучил влезната врата, наркотичната дрога ја фрлил во ВЦ шолјата и пуштил вода, а се обидел да се ослободи и од дигитална вага со остатоци од дрога, се вели во соопштението од ЈОРСМ.
Бидејќи постојат околности кои го оправдуваат стравот дека осомничените ќе се дадат во бегство или дека ќе ја попречуваат кривичната постапка со влијание врз сведоците на кривичното дело јавниот обвинител до судијата на претходна постапка во Гевгелија доставил предлог за определување мерка куќен притвор, како и дополнителна мерка на претпазливост – привремено одземање на патните исправи.
Македонија
АХВ откри над 2 тони киви со ларви и инсекти кои требало да се продаваат во државава
Поради променети органолептички својства и утврдено присуство на ларви и инсекти, инспектор за храна на Агенцијата за храна и ветеринарство, неделава забрани увоз на 22,3 тони киви наменети за индустриска преработка и издаде решение со наредба за нештетно уништување.
Како што информираат од АХЦ, станува збор за 22.340 килограми од овој вид овошје, увоз од Република Србија, за која пратка, со органолептички преглед од страна на инспектор за храна, утврдено е дека истата не е безбедна за увоз и за понатамошна преработка.
-На увозникот издедено му е решение со наредба за нештетно уништување на спорните количини киви, по добиеното известување од негова страна дека пратката не може да се врати во земјата извозник, стои во соопштението од Агенција за храна и ветеринарство.

