Македонија
СДСМ: Нови придобивки од Отворен Балкан, обезбедена храна во услови на глобална криза

Регионалната соработка преку иницијативата „Отворен Балкан“ донесе уште една голема придобивка за граѓаните на Северна Македонија, Србија и Албанија. Со потпишување на трилатералниот договор за механизми за обезбедување на храна во Западен Балкан нема да има прекин во снабдувањето со храна во овие три земји, што е од исклучително значење во време на најголемата глобална економска и енергетска криза по Втората светска војна, оценуваат од партијата на власт.
Договорот, како што појаснуваат, значи користење на капацитетите на државите од иницијативата „Отворен Балкан“ и тој е гаранција дека ќе има доволно храна за граѓаните од сите три земји.
„Со него се гарантира дека ќе се обезбедат стратешки култури, како пченица, пченка, јачмен, млеко, месо, ориз, зејтин, во доволни количини за граѓаните на овие три земји. Отсега за овие проиводи нема да има пречки и застои на границите, ниту пак забрани за извоз на земјоделски производи меѓу Албанија, Србија и Северна Македонија. Оваа регионална соработка, со здружување и солидарност ќе продолжи и во текот на претстојната зима, а, освен за непречено снабдување со храна се проширува и на соработката во енергетика и справувањето со енергетската криза“, е наведено во писмениот допис.
Институциите предводени од СДСМ градат мостови на доверба и соработка со соседните држави, во интерес на просперитетот на сите граѓани и на државата, велат од владејачката партија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски: Нема да има данок за немажени и неженети – целта беше отворање јавна дебата

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека нема да има данок за немажени и неженети, појаснувајќи дека изјавата имала за цел да поттикне јавна дебата.
„Се извинувам на тие што можеби погрешно ја протолкуваа таа моја иницијатива, но факт е дека сум исклучително загрижен за демографската состојба во Македонија и факт е дека како претседател на Владата е моја одговорност да бидам загрижен за демографската иднина на мојата татковина“, рече Мицкоски, oдговарајќи на новинарско прашање по седницата на Извршниот комитет.
Вели дека изумираме тивко, а тоа поминува незабележано. Бројот на новородени е намален за 30, а бројот на бракови за 17 отсто за само неколку години.
Според него, не е до финансиите, туку до желбата, вредностите и воспитувањето. Тој повика на фокус кон семејството и на заедничка работа за обезбедување иднина на државата.
„Семејната парада е мојата гордост. Тоа е политиката што ќе ја водам додека сум премиер,“ заклучи Мицкоски.
Премиерот претходно, оваа недела изјави дека Владата размислува за даночење на немажените и неженетите, што предизвика бурни реакции во јавноста.
Македонија
Орце Ѓорѓиевски: Подготвен сум да го воскреснам Скопје

Орце Ѓоргиевски изјави дека кандидатурата за градоначалник на Скопје е еден од најголемите предизвици досега, изразувајќи благодарност до премиерот Христијан Мицкоски за континуираната поддршка – и за време на мандатот во Кисела Вода, и сега.
„Свесен сум во каква состојба се наоѓа Градот – девастиран и сив. Но, подготвен сум по изборите да го воскреснам Скопје и да стане град на достоинствен живот“, рече тој.
Ѓоргиевски најави дека ќе остане близок до граѓаните, како и досега, дека ќе ги слуша нивните барања и дека не се гледа како „салонски политичар“. Најави теренски посети и креирање на програма за решавање на најгорливите проблеми – сообраќајниот хаос, валканите улици и дивите депонии.
Ги повика сите граѓани да го поддржат, без оглед на партиската или верската определба, додавајќи дека за него постојат само скопјани кои го сакаат или не го сакаат својот град.
Македонија
Орце Ѓорѓиевски ќе има задача да го врати Скопје на скопјани, рече Мицкоски презентирајќи го кандидатот за градоначалник

Премиерот Христијан Мицкоски денес, во обраќање пред јавноста, го презентираше актуелниот прв човек на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, како иден градоначалник на Град Скопје – одлука што ја донесе Извршниот комитет на партијата.
Со тоа, Ѓорѓиевски на локалните избори ќе влезе во трката за прв човек на Градот, на местото на Данела Арсовска. Во 2021 година, Арсовска седна на градоначалничката фотелја поддржана од оваа партија, но кусо потоа се отвори фронт на несогласувања и почна вербална офанзива, па речиси и да немаше соработка помеѓу градската и извршната власт во изминатите години за клучните прашања. Оттука, Мицкоски денеска искоментира дека ги научиле сите лекции од минатото за повторно да не згрешат при изборот.
За Ѓорѓиевски, Мицкоски рече дека убедливо водел на сите партиски анкети и како градоначалник на Кисела Вода покажал и докажал дека умее и сака да работи за граѓаните.
„Исклучително е мотивиран да победи, а потоа и да победува секој ден за Градот Скопје и скопјани. Тој е отворен и достапен и посветен работник кој решава проблеми. Нова енергија каква што му е потребна на Скопје после едно четиригодишно девастирање и замреност на Градот“, рече премиерот.
Мицкоски изјави и дека Орце Ѓорѓиевски ќе има нова задача да го врати Скопје на скопјани и изрази уверување дека со заедничка работа доаѓаат добри денови за Скопје – решавање на превозот, хигиената, урбаниот хаос.
„Ќе понудиме програма, заедничка работа и визија за Скопје. Овие избори влегуваме како фаворити, а тоа значи уште поголема одговорност да направиме повеќе“, рече Мицкоски.