Македонија
Маричиќ: Новата структура ќе го направи поефикасен и поефективен механизмот за координација на преговорите
Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ на прес-конференција ја претстави новата преговарачка структура која денес на тематска седница беше усвоена од страна на Владата на Република Северна Македонија.
– Со денешната одлука на Владата за ревизија на координативниот механизам за пристапни преговори се одлучуваме за нова структура која го поедноставува механизмот, и воедно ќе го направи хиерархиски и командно пофункционален, поефикасен и поефективен, рече Маричиќ, информирајќи дека заради зголемена ефикасност на функцијата при водењето на преговорите, се воспоставува „главен преговарач“, функција која ќе ја извршува тој, а која ги спојува и политичките и техничките елементи од преговорите.
Тој објасни дека владиниот сет одлуки со кои се воспостави механизам во 2019 година треба да се промени бидејќи процесот на проширување е сменет, а критериумите за членство во Европската Унија се изоструваат со новата методологија од 2020 година. Дополнително, заради големиот број новини во процесот, нема модел на искуство кој би можело да се земе предвид од земјите кои до сега преговарале или сè уште преговараат и затоа е потребен наш автохтон нов модел за координација, кој во целост ќе ги рефлектира новините од ревидираната Методологија, како и дека новата Методологија наметнува многу пополитички пристапни преговори, на начин што целокупниот процес на преговори го подигнува на многу повисоко политичкото ниво и тоа во сите фази од преговори.
За да се обезбеди хиерархиска и командна конзистентност ќе има позиција „Заменик на главниот преговарач“, функција која ја врши државната секретарка за европски прашања, која воедно е и претседавач на Комитетот за стабилизација и асоцијација, г-ѓа Дрита Абдиу- Халили, посочи вицепремиерот Маричиќ.
Телата коишто беа предвидени со Одлуките од 2019 година остануваат и во новата стуктура, а тоа се: Комитетот за преговори, Државната делегација за преговори, Групата за преговори, во која меѓу другото, се воведуваат и три нови позиции, главен економист, главен правник и главниот антикорупционер, како и работниот комитет за европска интеграција и работните групи за пристапни преговори.
Единствен секретаријат на преговарачкиот процес е Секретаријатот за европски прашања (СЕП) со оглед на тоа што надлежностите и улогата на СЕП вклучително и за координација на целокупниот процес на пристапни преговори е регулирана во Законот за Владата.
Дополнително СЕП ќе биде и депозитар на целокупната документација поврзана со пристапните преговори. Во сите работни групи ќе има координатор од СЕП надлежен за методолошките и процесните аспекти и координација со останатите тела на структурата за преговори. Воедно, СЕП презема надлежност и во подготовката на потребните правни акти со кои ќе се дефинираат процедурите на работење на телата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
АХВ: Спречен увоз на над 26 тони замрзнато пилешко месо од Бразил
Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) спречија увоз на над 26 тони замрзнато пилешко месо од Бразил на граничниот премин Ќафасан.
Пратката, составена од 2.167 пакувања по 12 килограми, е вратена во земјата извозник поради неисполнување на условите за увоз.
Од АХВ соопштија дека забраната е донесена врз основа на претходно решение за забрана на увоз на живи животни, производи и нуспроизводи од животинско потекло од Бразил, со цел да се спречи внесување на вирусот на високо патогена авијарна инфлуенса (птичји грип).
Според правилата, забранет е увозот на пратки добиени од животни кои се заклани, натоварени и сертифицирани пред 1 август 2025 година.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Пукна меурот од конструкции на СДС, документи и докази ги рушат мигрантските лаги на СДС, Филипче е разоткриен
„Хистеријата на СДС и Филипче за лажните вести што ги создаваат и пласираат се распукнаа како меур од сапуница“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Лицемерието на СДС и Филипче излезе на виделина пред очите на целокупната јавност.
За разлика од глумата на Филипче во улогата на патриот, менувањето ставови и ширењето лаги за непостоечки теми од страна на СДС, ВМРО-ДПМНЕ има јасна државотворна позиција против политиките што ја загрозуваат безбедноста и интересите на граѓаните на Македонија. ВМРО-ДПМНЕ и тогаш, и сега води антиемигрантска политика.
Фактите се јасни и документирани, СДС на чело со Заев и Филипче отворено нудеа Македонија да стане паркинг на мигрантски кампови. Вистина е дека постоеја планови, постојат изјави и постоела волја кај СДС, Заев и Филипче да се вдомат мигранти.
Филипче и Заев биле спремни за населување на мигрантите во Скопје, во 2018 година усвоиле План за изградба на мигрантски камп во Бардовци.
Филипче туркал камп во Бардовци и гласал да се доселат мигранти во Македонија, а за сето тоа има и доказ во Службениот весник од 2018 година, каде што е објавена одлуката на владата за изградба на мигрантски камп, со Имотен лист бр. 2140 за КО Бардовци.
Филипче растура пердуви со лажни теми и игра криенка по партиските штабови додека бега од новинари и новинарски прашања.
Додека Филипче бега, вистината ги стигна и излезе на виделина. Наместо спинови и паника СДС нека одговори колку мигранти беа спремни да примат во 2018 година?
Кој ги договараше камповите?
Зошто тогаш Филипче молчеше во знак на одобрение а денес глуми патриот и принципиелност?
Време е СДС и Филипче да се посветат на мигрантите од сопствените редови кои им бегаат во други партии и да си ја реформираат партијата. На Македонија и е потребна зрела и конструктивна опозиција“, пишува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
СДСМ: ДПМНЕ не ја потпишува Резолуцијата затоа што има скриена агенда за мигранти
„ДПМНЕ не ја прифати подадената рака на СДСМ за заедничко потпишување на Резолуцијата и со една одлука на Собранието граѓаните да бидат сигурни дека мигранти во Македонија нема да има“, велат од СДСМ.
„По толку јавни повици за заедничка акција, секој ден, добивме молк. На сите им е јасно дека ова е свесна политичка одлука на ДПМНЕ и дел од нивната стратегија.
Доколку немаше задкулисни договори и преземени обврски за кои јавноста дозна од британските медиуми, Резолуцијата одамна ќе беше потпишана.
Сега веќе можеме јавно да констатираме: ДПМНЕ одбива да ја потпише Резолуцијата затоа што има скриена агенда за мигранти.
Ние повеќе нема да ги повикуваме. Одбивањето кажува сè за нивното предавство за пари – мигранти во Македонија ќе има.
Народот ова нема да го дозволи. Борбата за одбрана на Македонија продолжува“, пишува во соопштението на СДСМ.

