Македонија
Општина Чаир додели 20 стипендии за студии во дефицитарни насоки на Универзитетот „Мајка Тереза“
Во пресрет на почетокот на вториот рок за упис во Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, кој ќе биде во понеделник, денес градоначалникот на Чаир Висар Ганиу заедно со ректорот, Изет Зеќири потпишаа Договор со кој Општина Чаир доделува 20 стипендии за студенти кои на овој универзитет ќе студираат на дефицитарните насоки: Мегатроника, Индустриски менаџмент и Електроенергетика.
Ганиу рече дека овој чин претставува важен чекор за академско унапредување на нашето општество, но и за зајакнување на пазарот на трудот, кој има толку голема потреба да има професионалци во своите редови дури и во дефицитарните насоки.
-Воедно, му честитав на ректорот Зеќири за прекрасната работа што ја прави во унапредувањето на Универзитетот „Мајка Тереза“ и изразив подготвеност од страна на Општина Чаир секогаш да бидеме силен поддржувач на оваа академска институција, изјави градоначалникот Ганиу.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Претходната власт испланирала буџет за половина година, а сега наместо раст Владата враќа нивни долгови
Владата на СДС и ДУИ целосно ги промашила проценките за економијата и сега наместо раст Владата враќа нивни долгови, велат од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.
„За да видиме каде сме, треба да знаеме од што почнавме или што ни остави претходната Влада предводена од СДС и ДУИ.
Реалноста покажува дека СДС и ДУИ ни оставија институции кои тонат во корупција и криминал, нереално проектиран буџет, нереално проектиран раст. СДС и ДУИ планирале буџет за половина година, а не за текот на цела 2024 година што значи на новата Влада не и оставија никаков простор за маневар.
83 милиони евра од Буџетот ќе се потрошат за отплата на кредитите кон странство што претходната влада на СДС и ДУИ заедно со директорите ги направиле преку јавните претпријатија како Државни патишта, Железници, ЈСП, ЕСМ кои не се во состојба да ги исплаќаат, а за истите се издадени државни гаранции.
И не само ова, туку претходната влада ан СДС и ДУИ целосно ги утнала проценките за раст на економијата кога го креирала Буџетот. Оттука, растот кој сега се очекува не 3,4 проценти, туку 2.1 процент.
Ваква Македонија наследивме. Ова ќе го смениме. Неспособноста завршува со нив, работиме 100 проценти одговорно за твојата иднина!“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Следува период на стабилно и релативно топло време за овој период од годината
Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието засилен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 18, а максималната ќе достигне од 19 до 26 степени.
Во Скопје сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 14, а максималната ќе достигне до 25 степени.
Следува период на стабилно и релативно топло време за овој период од годината.
Македонија
Сиљановска Давкова се обрати на Свечената академија по повод 11 Октомври – Денот на народното востание
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска се обрати на свечената академија по повод 11 Октомври – Денот на народното востание, што под нејзино покровителство се одржа во Музејот на македонската борба за самостојност.
„Во историјата на секој народ постојат периоди на големи премрежја што можат да се пребродат само со храбри одлуки. Таков мрачен период беше Втората светска војна, кога речиси цела Европа беше под фашистичка окупација, и кога Хитлер и неговите сојузници изгледаа незапирливи и непобедливи. Во такви услови, на 11 октомври 1941-та, македонскиот народ посегна по непресушното човеково право на отпор против опресијата, неправдата и окупацијата и храбро, без колебање, ја избра вистинската страна во најголемата војна во историјата на човештвото. 11 октомври е меѓникот што ја одреди нашата иднина, денот кога ние храбро и одлучно се вклучивме во антифашистичката коалиција на слободољубиви и правдољубиви народи.
Херојската борба против фашизмот нè сплоти, нè прероди и ни даде легитимитет како народ да се самоопределиме и да создадеме слободна македонска држава на Првото заседание на АСНОМ. Како еден од најголемите демократски триумфи на човештвото, антифашизмот ни овозможи на историската сцена да настапиме рамноправно и со чиста совест да учествуваме во обновата на разрушениот свет. Не случајно, македонската држава за која копнееја Илинденците и за која се изборија антифашистите, трае веќе 80 години. Нејзината сегашност и нејзината иднина се сраснати со нејзиното минато“, рече Сиљановска Давкова.
„Нас никој не нѐ ослободи. Сами се ослободивме со помош на над 110-илјадната Народноослободителна војска на Македонија. Нам никој не ни ја подари државата. Сами се изборивме за неа. За нас, антифашистичката беше и истовремено и народноослободителна војна во која дадовме 24.000 жртви.
Затоа, ние не смееме да дозволиме историски ревизионизам и релативизирање на народноослободителната и антифашистичка борба, бидејќи со тоа би се поткопале илинденските и антифашистичките темели врз кои е изградена македонската држава. Со тоа би се обезвреднила жртвата на илјадници млади борци кои несебично гинеа за слободата и правдината. Ние тоа не смееме да го дозволиме“, изјави Сиљановска Давкова.
Во рамки на Свечената академија настапи Воениот оркестар на Армијата со сплет на македонски патриотски и партизански песни.