Економија
Бочварски: Започна реконструкцијата на патниот правец Робово – Муртино
Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, заедно со директорите на Јавните претпријатија за патишта, Ејуп Рустеми и Костадин Ацевски, и градоначалниците на општина Струмица и општина Босилово, денеска извршија увид во започнување на реконструкцијата на регионалниот пат Р 1404 Робово – Муртино.
Инвестицијата за реконструкција на овој патен правец е во висина од 48 милиони денари и е по барање на граѓаните од општините Струмица и Босилово.
„Државата го прекатегоризира овој локален пат во регионален, за да може комплетно да биде реконструиран, со цел подигнување на безбедноста на патување во овој регион. Инвестицијата е во висина од околу 48 милиони денари. Вложуваме, инвестираме, работиме речиси во сите општини низ државата. Југоистокот, како регион кој има голем економски и туристички потенцијал, е од големо значење за нас и затоа даваме поддршка на локалните самоуправи за обезбедување забрзан регионален и економски развој, поефикасно регионално поврзување и подобрување на условите за живот на граѓаните“, изјави Бочварски.
Потенцираше дека завршена е реконструкцијата на патниот правец Габрово – Колешино – Смоларе, завршена е изградбата на канализацискиот систем во н.м. Банско и дека во тек е постапката за избор на изведувач за изградба на фекален и атмосферски канализациски систем во н.м. Градско Балдовци, за што преку Министерството за транспорт и врски се издвоени 80 милиони денари.
„Би сакал да информирам за овој регион дека ја подготвуваме проектната документација за реконструкција на делницата Струмица – Дабиле која е во должина од 3 км и ќе биде заедничка инвестиција на ЈП за државни патишта, заедно со општина Струмица. Исто така го завршивме проектот за експресниот пат Струмица – Валандово, а работиме и на проектната документација за патниот правец Струмица – граница со Р Бугарија“, изјави директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Поскапуваат бензините и дизелот
Бензините и дизелот од ноќеска на полноќ ќе поскапат за половина и за еден денар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 4.11.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 74,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 76,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 36,913 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,856 ден/кг и сега ќе изнесува 36,913 ден/кг.
Економија
Славески: Во септември депозитите на домаќинствата достигнале 427 милијарди денари
Штедењето е системска неопходност и важен фактор за одржлив економски раст и за финансиска стабилност, порача гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, на настанот по повод Светскиот ден на штедењето, којшто се одржа во организација на Македонската банкарска асоцијација, во присуство на министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, директорот на Фондот за осигурување депозити, Бехар Емини, претседателката на МБА, Маја Стевкова-Штериева и претставници од банкарскиот сектор.
Во своето обраќање, гувернерот нагласи дека во време на светска неизвесност и последователни кризи, штедењето претставува темел на отпорноста на економијата и на стабилноста на финансискиот систем.
„Отпорноста не е реакција, туку прашање на претходна подготвеност – градење простор за справување со кризите пред да се случат“, истакна Славески.
Тој посочи дека и покрај бројните шокови во последните години, кај граѓаните е задржана склоноста кон штедење и довербата во банкарскиот систем. Според податоците, во септември 2025 година, депозитите на домаќинствата достигнале 427 милијарди денари, што претставува раст од над 50% од почетокот на пандемијата. Зголемен е и уделот на денарските и на долгорочните депозити, што придонесува за стабилност и ја зајакнува отпорноста на економијата.
Гувернерот нагласи дека поттикнувањето на штедењето е од суштинско значење за зголемување на потенцијалот за раст и за намалување на зависноста од надворешни извори на финансирање, особено во контекст на светски економски промени, геополитички тензии и структурни предизвици. Според него, економиите во регионот мора повеќе да се потпираат на сопствените заштеди како двигател на инвестициите и долгорочната стабилност.
„Во свет полн со неизвесност, претпазливоста е најкредибилната константа, а штедењето е системска неопходност“, истакна Славески, додавајќи дека негувањето на културата на штедење и финансиска одговорност во рамки на семејствата, институциите и општеството е вложување не само во личната сигурност, туку и во економската сила на државата.
Економија
Позначајни движења кај каматните стапки на банките и штедилниците
Годишен раст на просечната каматна стапка на вкупните депозити од 0,19 п.п., при што во септември таа изнесува 2,20%, извести Народната банка.
Просечната каматна стапка на вкупните кредити бележи годишен пад од 0,56 п.п. и изнесува 4,85%, информира Народната банка.
Најновото соопштение за позначајните движења кај каматните стапки на банките и штедилниците е достапно на следната врска

