Македонија
(Видео) Томевски: Изгоре напуштен објект, немаше луѓе внатре

Бригадата за противпожарна заштита на Скопје го изгасна пожарот во Центар во близина на Билната аптека. Ѕвонко Томевски, командант на Бригадата, рече дека во запалениот објект немало лица иако добиле информација дека таму престојуваат бездомници.
„Станува збор за опожарена барака, која е залепена со друг објект. Затекнат е пожар во разгорена фаза. Се интервенирало бргу. Направено е секторирање на објектот, пресечено е ширењето на пожарот кон соседниот објект, а преостанатиот дел е успешно изгаснат. Интервенирано е со шест противпожарни возила и 20 пожарникари. За причините не би можел да кажам, станува збор за напуштен објект, дел порано бил некои работни простории. Од она што ни беше кажано, тука престојувале бездомни лица. Пребаран беше објектот и од она што можевме првично да најдеме, немаше лица внатре, нема повредени, што е најбитно во целата интервенција. Опожарени се 300 квадратни метри. Отежнувачки фактор за нас беше што од едната страна има објект во градба, ископ што ни ја отежнуваше интервенцијата“, рече командантот Томевски.
На местото на пожарот дојде и градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски. Тој рече дека Општината добила известување дека објектот бил вселен на диво.
„До Општината, до инспекциските служби, стигнато е известување дека има населено семејство во тие бараки на диво. Од страна на инспекциските служби преземени се одредени чекори за семејството да биде отстрането од дивонаселените простории. Тоа било неколку месеци вселено и додека не заврши истрагата, нема да шпекулираме за причините за пожарот. Првичните информации беа дека имало деца внатре, а последната информација што ја имаме од МВР и од командирот на Полициската станица Беко е дека во просториите немало никој“, рече градоначалникот.
Тој извести дека ова е трет пожар откако тој е градоначалник и за сите три заедничко е дека објектите што гореле биле вселени на диво.
„Едниот беше во Парк, каде што се запалија бараките на судот, потоа беше пожарот во ‘Треска’ и ова сега е трет пожар. Според информациите, за трите пожари причината е една, а тоа е дивовселени граѓани, кои се причинители за самиот пожар. Во моментот она што го имам како информација и дополнително во текот на денот ќе се произнесеме е дека има сопственик и на бараките и на земјиштето. Има ДУП, кој е во важност, не би гледал кои би биле причините некој сам да си го пали земјиштето за да гради доколку може да го сруши, па да гради, да поднесе барање за документација“, рече градоначалникот.
Поради гаснењето на пожарот, за сообраќај е затворен делот од булеварот 11 Октомври од крстосницата кај Тутунскиот комбинат до крстосницата кај Црвениот крст.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ѓорѓиевски и Тошковски на пешачење во Градски парк: секој чекор е здравје

Градскиот парк денеска беше изборот на градоначалникот на Кисела Вода и кандидат за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски. Двајцата утрото го започнаа со пешачење низ алеите на паркот, во спортска опрема и ведро расположение.
„Најубаво е денот да започне со утринско пешачење низ Градскиот парк, свеж воздух, мир и позитивна енергија. Секој чекор е здравје, секој здив е нова сила. Започни го денот со природа, а денот ќе ти врати со радост“, напиша Ѓорѓиевски во својата објава на социјалните мрежи.
Македонија
За влез и излез од државава на граничните премини се чека до 15 минути

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќајот на патиштата надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори, се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП Табановце времето на чекање за влез и излез е околу 10-15 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања при влез или излез од државата.
Македонија
Свежо утро, а преку ден до 33 степени

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, а вдолж Повардарието повремено засилен северен ветер.
Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 19, а максималната ќе достигне од 25 до 33 степени.
Во Скопје, сончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 16, а максималната ќе достигне до 30 степени.
До средината на следната седмица ќе преовладува претежно стабилно време со дневни температури малку под просекот за овој период од годината. Потоа времето ќе биде сончево и потопло со пораст на дневната температура.